1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Западниот Балкан во ЕУ без право на глас

БГ
14 јануари 2021

Реалните шанси земјите од Западниот Балкан да добијат полноправно членство во ЕУ се сведени на минимум, тврди германскиот весник ФАЦ. Старо-новата алтернатива која се нуди е членство во Европската економска зона.

https://p.dw.com/p/3nttY
Kroatien Zagreb | Video-Gipfel EU & Westbalkan-Länder | Andrej Plenkovic, Premierminister
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Sencar

Никој веќе реално не верува дека проширувањето на ЕУ ќе продолжи со шесте држави од Западниот Балкан, или дури и со само некоја од нив, во следната декада, пишува денеска Франкфуртер алгемајне цајтунг во анализа во која на површина излегува старата алтернатива- членство во Европската економска зона.
„Веќе со актуелните 27 земји-членки, во однос на надворешно-политичките, буџетските и другите прашања кои бараат едногласност, ЕУ е честопати во потешкотии, а понекогаш и воопшто не е способна да делува. Во една Унија со 33 членки тоа ќе биде уште потешко. Можете да си замислите што ќе значи кога Србија како членка ќе има право на вето по прашањето за односите на ЕУ со Русија“, пишува ФАЦ.
Од една страна, ЕУ не сака целосно да се одвои од балканското соседство, а од друга, преку Договорот за стабилизација и асоцијација веќе им понуди на земјите од регионот меѓу-скалило кон полноправно членство. Сега, кога според германскиот весник, е јасно дека од полноправното членство нема ништо, што би била алтернативата која, од „една страна би била реалистична, а од друга, би била доволно атрактивна за регионот“ за да се запрат автократските процеси, да се забрзаат реформските процеси или воопшто идејата да заживее?
„Рецептот, кој секогаш одново се споменува, гласи: Полноправно членство на балканските држави во Единствениот европски пазар. Со други зборови: целосно економско учество без право на политички збор“, наведува ФАЦ.
За овој концепт (кој за првпат беше изложен од Гералд Кнаус по француското вето во октомври 2019, н.з.) во меѓувреме се залага и долгогодишниот германски европратеник и член на претседателството на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, Елмар Брок. 

-повеќе на темата: Скопје се противи на алтернативи, но тие се веќе на масата на ЕУ

За него е разбирливо што повеќе нема ентузијазам за натамошно проширување на ЕУ.
„Францускиот претседател Макрон има право кога пред натамошното проширување бара реформа на ЕУ“, вели Брок за ФАЦ.
„Дури и на некоја балканска држава да и појде од рака да ги затвори преговорите согласно барањата на ЕУ, ратификацијата на членството во Европскиот парламент и во националните парламенти е малку веројатно. За очекување е дека секогаш одново одредени земји-членки ќе наоѓаат причини за одложување“.
Наместо такво „разочарување“, Брок предлага решение кое на луѓето во регионот ќе им донесе забележителни придобивки, а во истовреме ќе биде прифатено и од членките на ЕУ. Тоа испробано решение е „членството во Европската економска зона, ЕЕЗ".
Членките на ЕЕЗ имаат целосен пристап до европскиот пазар со сите права и обврски, и за нив важи правото на ЕУ. „Но, тие не се членки на институциите на ЕУ. Тоа функционира со Норвешка, Исланд и Лихтенштајн на обострано задоволство“, вели Брок.
Германскиот политичар го опишува членството во ЕЕЗ како некој вид „базна станица“. „Оној што оттаму сака да продолжи кон полноправно членство, може, но и не мора. Имајќи предвид дека за влез во ЕЕЗ е потребно исполнување на околу 70% од критериумите за полноправно членство, патот не е далечен“.
Брок ги отфрла забелешките од Балканот дека се работи за „членство од втора класа“. 

Elmar Brok
Според Елмар Брок најдоброто решение за Западниот Балкан е членство во ЕЕЗФотографија: DW/L. Schulten

-повеќе на темата: ЕУ на Западниот Балкан „сама си пука во нога“

Најпрво, опцијата за полноправно членство реално е малку веројатна од различни причини. Продолжениот стремеж кон неа ќе донесе само дополнителни разочарувања", вели Брок и додава дека алтернативата може да им донесе економски предности на луѓето на Западниот Балкан.
На дилемата на ФАЦ, дали таквиот пристап не носи опасност дека цели бранши ќе потпаднат под контрола на европските концерни и дека балканските економии не се подготвени за европската конкуренција, Елмар Брок нуди „асиметрични решенија“.
„Пазарите во тој случај нема да бидат целосно отворени. Одредени бранши со преодни рокови можат да бидат заштитени повеќе години“.  Во тој период, конкурентноста на погодените сектори може да се подобрува преку фондовите на ЕУ.
„Иако идеите кои ги рекламира Брок се вртат со години, не може да се каже дека тие фаќаат замаец во јавниот дискурс на балканските држави. Таму, во најмала рака „проевропејците“ се уште гледаат исклучиво кон полноправно членство. ЕУ, барем преку ставовите на нејзиниот комесар за проширување Оливер Вархеји, се уште ја поддржува оваа перцепција со тврдењето дека полноправното членство е реална понуда кое земјите-кандидати можат да го достигнат со сопствени сили“, пишува ФАЦ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема