1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

ЕУ го остави Балканот на цедило за вакцините

БГ /АП
7 јануари 2021

Доминантниот впечаток на Балканот е дека Унијата уште еднаш го остави на цедило регионот. Додека цела Европа се вакцинира против коронавирусот, жителите на балканските земји немаат таква надеж.

https://p.dw.com/p/3nZwy
Coronavirus Impfen
Фотографија: Fleig/Eibner/picture alliance

Кога стотици илјади луѓе низ Европската унија минатиот месец почнаа да ги подвиткуваат ракавите за да добијат вакцина против коронавирусот, еден дел од континентот остана настрана, со чувство на изолираност и напуштеност: Балканот.

Државите на Балканот досега се мачеа да добијат пристап до вакцините против Ковид-19 од повеќе компании или програми, но повеќето од нив се уште чекаат да пристигнат првите вакцини, без цврсти рокови кога тоа би можело да се случи. 

-повеќе на темата: Со бавни чекори до вакцините - пристигнуваат првите 5.850 дози

Она што е засега јасно е дека Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, далеку ќе заостануваат зад 27 држави-членки на ЕУ и Велика Британија во обидите да постигнат колективен имунитет преку брзо вакцинирање на голем дел од своето население.

Како спасувањето од Титаник

Македонскиот епидемиолог Драган Даниловски ја споредува ситуацијата со вакцината на Западниот Балкан со нееднаквостите видени за време на тонењето на бродот Титаник во 1911 година.

„Богатите ги приграбија сите бродови за спасување, оставајќи ги помалку среќните зад нив“, изјави Даниловски за телевизијата 24.

Ваквото расположение се повеќе добива на сила во Западниот Балкан. Тоа се засилува од про-руски политичари во регионот сместен меѓу западната и руската сфера на влијание.

„Се чувствував како да ми се урнаа сите надежи за враќање во нормален живот“, вели 50-годишната Белма Ѓонко од Сараево, опишувајќи го чувството кога видела дека илјадници здравствени работници и постари граѓани во ЕУ ги добиваат првите дози на вакцината додека нејзината земја мора да чека.

Повеќето балкански држави се надеваат на КОВАКС механизмот, создаден од Светската здравствена организација, и други добротворни групи за да се снабдат со вакцини. Но КОВАКС ќе покрие само околу 20% од потребите за вакцинирање во овие земји. Во Босна, првите вакцини преку овој систем ќе пристигнат во април. Тоа, од сегашен аспект, се чини како вечност.

Србија е единствената земја во регионот која доби вакцини на Фајзер и на руската Спутник. Сепак, тие дози не се доволни за да се започне масовна вакцинација, затоа што досега пристигнаа само 25.000 дози на вакцината на Фајзер и 2.400 од Русија. 

-повеќе на темата: Вакцина против коронавирус - само за богатите?

Европската комисија неодамна одобри пакет вреден 70 милиони евра за Западниот Балкан за набавка на вакцини, како и 500 милиони евра за КОВАКС механизмот.
„Низ целата пандемија, ЕУ покажа дека го третира Западниот Балкан како привилегиран партнер“, вели комесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, вели дека ЕУ ќе има повеќе вакцини од потребното за 2021 година и е подготвена да ги сподели вишоците со Западниот Балкан и Африка.

Coronavirus - Impfzentrum in Potsdam
Повеќето балкански држави се надеваат на КОВАКС механизмот, создаден од Светската здравствена организацијаФотографија: picture alliance/dpa/dpa-Zentralbild/POOL

Огорченост и надеж

Но на Балканот, доминантниот впечаток е дека Унијата уште еднаш го остави на цедило регионот. Тоа чувство го објаснува албанскиот аналитичар Скендер Минџози.
„Или покажете дека се грижите за нас, или немојте да бидете изненадени доколку некои од нас одлучат да ги следат руските или кинеските мешетари кои шетаат низ светот со џебови полни вакцини“, вели тој.

Недостатокот на солидарност од Западот во екот на пандемијата го користат локалните про-руски политичари за да ја портретираат ЕУ како заинтересирана само за профит. 

-повеќе на темата: Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор

„Верувам во руската вакцина, не верувам во комерцијалните наративи кои доаѓаат од Западот“, изјави Милорад Додик, лидер на босанските Срби, пред да биде хоспитализиран со коронавирус.

Албанскиот премиер Еди Рама деновиве побара извинување од руската амбасада во земјата откако оттаму беше објавена порака на социјалните мрежи дека Москва е подготвена веднаш да ја испорача вакцината Спутник 5 во Албанија, иако таа се уште не е прифатена од ЕУ.

„Како човек се чувствувам огорчен, а како Европеец се чувстувам засрамен, но како албански премиер се чувствувам помотивиран од било кога порано да не дозволам Албанците да бидат исклучени од шансата да бидат заштитени истовремено со другите Европејци“, изјави Рама, најавувајќи ја набавката на 500.000 вакцини на Фајзер.

Од друга страна, некои веруваат дека подоцнежното вакцинирање може да биде благодет за регионот каде опаднатата доверба во владите и јавните институции ги јакне гласовите на негаторите на вирусот и на потребата од вакцинирање.

„Едвај чекам животот да се врати во нормала и за тоа да се случи потребна ни е успешна вакцина“, вели Белма Газибара, инфектолог во сараевската Ковид болница. Според неа, фактот што вакцината веќе се дава во други европски земји ќе ја зголеми желбата на Босанците и тие да дојдат на ред.

„Доколку, како што се надевам, вакцината го исполни ветувањето во Европа, очекувам интересот да биде далеку поголем од оној што го имаме сега“, вели таа.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема