1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ презема мерки против Унгарија поради законот за НВО

ЕМФ /агенции
13 јули 2017

Унгарија е соочена со проблеми со Брисел: поради контроверзниот закон за невладини организации, Европската Комисија отвори постапка против Унгарија.

https://p.dw.com/p/2gTvk
Symbolbild EU & Ungarn
Фотографија: Imago/Gueffroy

Европската Комисија отвори постапка против Унгарија поради законот за НВО. „Темелно го проверивме новиот закон за невладините организации и дојдовме до заклучок дека тој не е во согласност со правото на ЕУ“, соопшти вицепретседателот на ЕК, Франс Тимерманс. „Очекуваме реакција од унгарска страна во рок од еден месец“, додаде тој и се закани со постапка пред Европскиот суд „доколку ваквата реакција не биде задоволителна“.

Владата на Виктор Орбан го обврзува невладините организации кои добиваат пари од странство да се регистрираат во суд. Тие мора да ги откријат изворите на финансирање, а покрај тоа на својата интернет страница и во сите публикации мора да се означуваат како „организација која добива поддршка од странство“. Тоа важи за организациите кои годишно од странство добиваат повеќе од 24.000 евра. Доколку не ја исполнат обврската, се соочуваат со затворање.

Против ваквиот закон во Унгарија постојано има протести. Илјадници луѓе протестираат поради страв од ограничување на политичката слобода во нивната земја.

Со новиот закон Орбан сака да ги погоди пред сѐ оние организации во Унгарија кои се финансирани од американскиот милијардер Џорџ Сорос, кој инаку има унгарско потекло. Орбан, според сопствени наводи, во Сорос гледа за Унгарија штетен „американски финасиски шпекулант“.

Ungarn Proteste in Budapest
Протести во Будимпешта по донесувањето на контроверзниот закон за високо образование (09.04.2017)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/MTI/J. Marjai

Во април годинава во Унгарија веќе беше донесен контроверзен закон за високо образование кој ги ограничува овластувањата на универзитетите чие главно седиште не е во ЕУ. Законот може да значи и крај на Централноевропскиот Универзитет во Будимпешта, основан од Сорос. Поради тоа, ЕК веќе поведе постапка против Унгарија.