ЕУ ја поддржува Британија против Русија
19 март 2018На британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон овојпат на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ не му беа поставувани прашања за Брегзит, односно излегувањето на Велика Британија од Европската унија. И не само тоа, ЕУ ѝ изрази „целосна солидарност“ на Велика Британија во врска со истрагата за тоа кој го извршил нападот со нервен отров во англискиот град Салсбури.
Џонсон, кој инаку секогаш се залагаше за Брегзит, истакна дека е „охрабрен од солидарноста“. Тој уште еднаш ја обвини Русија дека стои зад нападот врз некогашниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Англија. Старо-новиот руски претседател Владимир Путин и денеска повторно отфрли каква било одговорност на неговата земја за нападот.
Повеќе:
-Големата измама на Владимир Путин
„Апсурдно негирање“ на Русија
Џонсон во Брисел изјави дека Русите тврдат оти никогаш не го произведувале нервниот боен отров Новичок. Потоа пак тврделе дека го произведувале, но оти сите залихи се уништени. Најновите тврдења, според Џонсон, се дека загубиле контрола над залихите од Новичок и оти е возможно по криминален пат отровот да стигнал во Велика Британија. „А тоа порекнување на руската страна станува сѐ поапсурдно“, рече британскиот министер за надворешни работи.
Европската унија го осудува нападот со боен отров изведен на 4 март и екстремно сериозно ги зема британските уверувања дека за тоа е одговорна Русија, стои во министерското соопштение. Но во него не ѝ се префрла недвосмислена одговорност на владата во Москва. Од Русија се бара да одговори на сите прашања на Велика Британија, како и да соработува со Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ)
Новиот германски министер за надворешни работи Хајко Мас, кој денеска првпат учествуваше во работата на министерскиот Совет на ЕУ, даде дипломатска изјава: „Сите достапни информации укажуваат на тоа дека нема алтернативно, уверливо објаснување кое докажува дека не постои соодговорност на Русија. Ако руската страна смета дека тоа може да се негира, тогаш тоа треба и да го направи. А тоа треба да се направи преку службите во Велика Британија билатерално задолжени за тоа“, истакна Мас. „Но информациите кои ги имаме говорат за нешто друго“.
За евентуални казнени мерки против Русија, како на пример економски санкции, на денешниот состанок на министерскиот совет не беше разговарано, уверуваат дипломати во Брисел. Досега Лондон како реакција на нападот врз Скрипал протера руски дипломати. Русија реагираше со иста мерка.
Повеќе:
-Како ти на мене, така јас на тебе!
-САД со поддршка за Меј против Русија
-По труењето на Скрипал: Лондон протера руски дипломати
Следна станица самитот на ЕУ во четврток
Британсската делегација во Брисел врши притисок за тоа и шефовите на држави или на влади на земјите членки на ЕУ на самитот на крајот од неделава да изразат солидарност кон Велика Британија. Еропски дипломати меѓутоа истакнуваат дека апетитот на некои држави членки да ѝ се спротистават на Русија е значително намален,со оглед на тоа што Британците сакаат да ја напуштата Унијата.
Британскиот министер Борис Џонсон на тоа гледа поинаку: „Русите повеќе не можат да нѐ измамат. Со оглед дека сите 28 земји членки на ЕУ во изминатите години во една или друга форма страдале од подмолноста на Русија, решителноста денес е дотолку поголема“.
Дипломати во Брисел меѓутоа истакнуваат дека на Британците досега не им успеало да претстават синџир од докази кој недвосмислено и непобитно води кон Кремљ. Нормални криминалнци меѓутоа воопшто не би можеле да оперираат со нервниот гас. Така што, велат овие дипломати, веројатно е дека Русија сака да испрати сигнал дека поранешните руски агенти во Велика Британија не се безбедни.