1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

За или против Ердоган

Хелена Кашел
6 март 2017

Германската влада ја отфрли изјавата на турскиот претседател за употреба нацистички методи во Германија. Со напнатоста меѓу Берлин и Анкара расте и јазот меѓу критичарите на Ердоган и неговите приврзеници во Германија

https://p.dw.com/p/2YixX
Türkei Deutschland Rede des türkischen Ministerpräsidenten Yildirim in Oberhausen Unterstützerin
Фотографија: picture alliance/dpa/R. Weihrauch

Германската влада остро ја критикуваше споредбата на денешна Германија со нацистичко време, од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.„Решително го отфрламе ставањето равенка меѓу политиката на демократска Германија со онаа од времето на националсоцијализмот“, изјави портпаролот Штефен Зајберт во Берлин. Ваквите споредби се „секогаш апсурдни и депласирани“, истакна тој. Ердоган ги обвини германските власти за употреба на нацистички методи откако во неколку општини не беше дадена дозвола за изборни настапи на негови министри во Германија, кои сакаат да агитираат во корист на референдумот за уставна реформа во Турција, кој води кон претседателски систем и кој ќе му овозможи на Ердоган далеку поголема моќ и ќе го ослабне турскиот парламент. На референдумот на 16 април можат да учествуваат и Турците кои живеат во странство, меѓу нив и околу 1,4 милиони во Германија. Меѓу нив владеат огромни разлики во ставовите.

На 15. јули 2016. година сѐ се промени. За луѓето во Турција, но и за многумина во Германија. „По неуспешниот пуч, постојат случаи најдобрите пријатели да станат непријатели. Постојано слушам за брачни двојки кои се развеле. Тоа се димензии кои претходно никој не можеше да ги замисли“, вели Серап Гулер, пратеник од ЦДУ во покраинскиот парламент на Северна Рајна Вестфалија, инаку дете на турски доселеник.

Како и секоја дијаспора, и турската заедница во Германија е разнолика. Нејзини членови се жени и мажи, студенти и пензионери, хомо- и хетеросексуалци, атеисти и верници, невработени и луѓе со највисоки примања. Но, се чини дека од 15.јули минатата година, постојат само уште два табори. „Порано овде постоеја алевити, сунити и.т.н. Сега постои само уште црно и бело: или сте за, или сте против Ердоган. А ако некој се изјасни како критичар на Ердоган, тогаш тој е и терорист, предавник на земјата и станува обвинет за умилкување кон германската заедница“, вели Гулер. 

Türkei Erdogan wirft Deutschland «Nazi-Praktiken» vor
Ердоган со закани на сметка на Германија Фотографија: picture alliance/AA/M.Cetinmuhurdar

„Закани, навреди, омаловажувања“

Политичките рововски битки се водат и приватно и јавно, обидите за заплашување и непријателство се секојдневие. Неодамна Давид Шравен, шеф на истражувачкиот центар Коректив, извести за закани со смрт од страна на турски националисти против вработените во германско-турската онлајн платформа Озгуруз. Бројни репортери го напуштиле проектот. „Боли кога паметен и ангажиран новинар вели дека му е преопасно“, објаснува Шраван за „Цајт“.

Две недели претходно адвокатката и борец за женски права Сејран Атес за радио „Дојчландфунк“ зборуваше за „силна политика на застрашување“ од страна на десничарско-екстремистичките „Сиви волци“ во Германија, Австрија и Швајцарија. Сегашната атмосфера потсетува на 80-те години од минатиот век. „Тогаш претрпевме огромни стравови поради исламистичките, деснонационалистичките, но и национално-религиски мешани групации“, вели Атес. 

Серап Гулер истакнува дека самата не добива смртни закани, „за разлика на пример од колегите во Бундестаг, кои гласаа за усвојување на Резолуцијата за Ерменија.“ Но и таа постојано била мета на закани, навреди, пцовки, првенствено на социјалните мрежи. Лицата со турско потекло се многу повеќе погодени од германските колеги кои ја критикуваат турската влада, потенцира Гулер.

Посебно по обидот за пуч, се известува за растечко формирање табори во германско-турската заедница и се поставува прашањето како можеше да се случи среде Германија да се водат толку огорчени кавги околу политиката на АКП, кои одат толку далеку, што се распаѓаат и семејства. „За многумина Ердоган е човекот кој го излекува болниот од Босфорот и конечно повторно ѝ даде значење на Турција“, објаснува Гулер. „Нема да верувате колку многу луѓе поддржуваат турски политичари како турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу со неговата изјава дека Германија мора да ја посматра Турција на рамноправно ниво, инаку ќе добие соодветен одговор. Луѓето имаат потреба од признавање и почит. Ердоган е во состојба да удоволи на нивното тежнеење.“ 

Deutschland Türkei Beziehungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Пропусти на германска страна? 

Многу долго немаше политичар кој на Турците во Германија би им дал чувство дека се важни во Турција. Ердоган го пополни тој вакуум. Но, и германската страна со децении не се грижеше за Турците кои живеат во Германија, вели оваа политичарка од ЦДУ. „Бројни граѓани со турско потекло се родени и социјализирани  овде. Тоа е исправно. Но овие луѓе исто така го доживеале чувството на запоставеност на нивните родители или бабите и дедовците.“

По пасењето на дописникот на „Велт“, дениз Јуџел и судирот околу предизборните настапи на турските политичари во Германија, тонот меѓу Берлин и Анкара се заострува постојано. Фронтовите меѓу критичарите на АКП и нејзините сипматизери се уште потврди. „Меѓу приврзениците сѐ почесто се перцепира на следниот начин: гледај, некој кој сака да нѐ научи на демократија сега мисли дека може да забрани настапи. За многумина тоа е доказ за систематско угнетување на Турција од страна на Германија. Тоа е многу опасно и според мое мислење, не ѝ користи на ниедна страна“, вели Гулер.

Таа смета дека германската политика требаше натпартиски да го разјасни следното: „ДодекаДениз Јуџел и бројни други новинари, неправедно ставени во затвор во Турција, не бидат ослободени, ниеден од овие политичари не е добредојден во Германија.“ Но, оваа политичарка смета дека забраната за влез на овие политичари во земјата би била контрапродуктивна. „Тоа само би ја поттикнало пропагандата против Германија, присутна во Турција.“

Гулер не очекува скоро надминување на рововите меѓу германските Турци. Моментно има малку причини за таква надеж, вели таа: „Јас сум загрижена“. Таа сака смирување на ситуацијата: „Би било убаво луѓето да прифатаат и поинакви мислења од нивните сопствени.“

Ердоган обвинува за „нацистички методи“ на Германија