За македонскиот гас има алтернативи, потребни се инвестиции
10 јануари 2020Бугарија и Србија ќарија, Северна Македонија извиси, или барем делумно. По официјалниот старт на работата на „Турски тек" и дефинитивно е јасно дека низ македонска територија нема да поминува транзитен гасовод. Или барем не во блиска иднина. Новата реалност генерално не значи ништо посебно за македонските потреби од гас, бидејќи набавката ќе продолжи по стариот терк. Но дефинитивно не е пријатна, со оглед дека регионот добива не само стабилно снабдување, туку и дополнителен финансиски бенефит:
„Генерално гледано, Македонија останува на истото ниво, ќе добива гас толку колку што ќе може да плати, бидејќи тоа е стока како и се друго. Досега тој гас доаѓаше од Русија, преку Украина, а сега ќе биде низ истиот цевковод, но ќе доаѓа преку Турција, односно преку т.н.'Турски тек' којшто влезе по истата цевка назад во Бугарија и нормално ќе може да се транспортира до Македонија. Но сега се овозможи и Србија да влезе сериозно во овој проект. Со тоа и тие добиваат финансиски придобивки, Бугарија си ги стекнува количествата што ѝ се потребни и што ги нема, ние ќе добиваме толку колку што ќе можеме да платиме и купиме, но транспортен цевковод низ Македонија нема да има најмалку во следните десет години“, оценува универзитетскиот професор Константин Димитров.
Гас ќе има, но не и патарина
Што значат финансиските придобивки доволно зборува фактот што транзитниот гасовод на Бугарија и Србија ќе им донесе пари од секој кубен метар гас по изминат километар. Односно како еден вид патарина за транспорт. Ова сценарио своевремено беше и македонска опција, но не вроди со плод поради тактиката на Софија, но и политичките промени во Македонија:
„Претходната влада подготви терен за тоа, но со тоа што Бугарија се спротивстави на тој терминал под притисок на ЕУ и САД, проектот 'Јужен тек' пропадна и се создаде 'Турски тек' со задоцнување од три години. Тоа беше една политичка состојба за потенцијално да успееме. Но, тоа се расипа и веројатно таква следна шанса тешко може да очекуваме. Во меѓувреме, Бугарија се ослободи и на некој начин се охрабри да се спротивстави на притисокот на САД и ЕУ, а се сеќавате како Борисов одеше да го моли Путин да им прости оти биле притиснати. Сѐ што плукнаа излижаа, но стратешки и национално го решија проблемот во нивна полза. Дај боже да се инаетеа, можеби гасоводот ќе поминеше низ нашата држава", коментира Димитров.
ТАП е алтернатива
Она што е значајно во целиот процес е што за македонските интереси сепак има алтернатива.
„Алтернативата постои, а таа е поврзување со 'ТАП', вториот цевковод кој го гради европски конзорциум од Италија, Швајцарија и Германија. Тие вложуваат средства за транспорт на гас на југот на Италија. Тој цевковод минува помеѓу македонската граница и Солун и тука можеме да се приклучиме. Сигурно дека и конзорциумот ќе има интерес да продаде гас уште по патот на неговиот транспорт“, смета Димитров.
Дека „ТАП“ е сериозна алтернатива, потврдија и надлежните чија стратегија е насочена главно кон овој јужнокавкаски проект, кој ги користи изворите од Шахдениз во Азербејџан:
„Со изградбата на нашиот интерконекциски гасовод со грчкиот оператор за пренос – ДЕСФА, ние ќе можеме да се снабдуваме и од ТАП и од грчките ЛНГ-терминали, како и од сите други извори на снабдување на ДЕСФА, но секако и преку постојниот интерконектор со Бугарија", изјави Бајрам Реџепи, директор на Националните енергетски ресурси.
Сепак, она што е неизвесно е кога би можел и да се реализира овој проект. Македонските власти повеќепати изразија подготвеност, но поконкретни активности, барем засега, нема. Овој проект беше ставен на маса по нормализирањето на политичките односи помеѓу Скопје и Атина и надминувањето на спорот за името. Како дел од од мерките за градење доверба тој предвидува изградба на 120 километри гасоводна мрежа, по 60 километри во двете држави. Двете страни најавија и физибилити студии и изразија подготвеност заеднички да аплицираат за средства пред меѓународните банки и кредитори за реализација на целосниот проект.
Потреба од инвестиции
Во очекување на реализација на овој проект, она што е клучно, според упатените, е да се форсира изградбата на домашната инфраструктура, која се одвива, но со забавена динамика:
„Нема сериозен интерес за градење на гасните дистрибутивни мрежи. Три години таму имаме комплетно застој. Се работи на некој начин - преносниот систем до Тетово и Гостивар, преносот на гасот кон Неготино Кавадарци и Прилеп, но дистрибутивната мрежа не е никаде започната. Имаме застој и во Скопје, каде имаше неколку училишта кои се приклучија на гасните системи, се обезбедија значителни заштеди на средства, се намали загадувањето, но во овој период немаме ново приклучено училиште, иако проектна документација има подготвено", критикува Димитров.
Надлежните пак тврдат дека изградбата на клучните делници од примарната мрежа се одвива според планираното и се очекува да заврши до крајот на годинава. Но проблем е секундарната мрежа и поставувањето инсталации за домаќинствата која тапка во место. Допрва се подготвуваат проекти и апликации за грантови од ЕУ. Проектот ќе се турка по принцип на Јавно приватно партнерство и важи за клучен, не само во делот на обезбедување на енергетска стабилност, туку и справување со високата загаденост.
Инвестициите во мрежата и пристапните патишта односно конекции до транспортните цевководи се од исклучителна важност не само заради ефикасноста, туку и поволноста во набавката на овој стратешки енергенс. Факт е дека земјата е мал пазар, но исто така е факт и дека инвестициите во алтернативни приклучоци ќе донесат и помирна иднина:
„Ние сме релативно мали потрошувачи, но за да можеме да играме и да ја намалиме цената, постои можност за ценкање. Но, евентуално и плановите кои што беа изработени да се обезбеди сепак втор влез во кај Струмица за да се поврземе со гасниот систем, со што би се направило побезбедно снабдување во случај да имаме некој дефект на компресорите на границата кон Бугарија кај Крива Паланка. И тоа е добро, бидејќи се зголемува безбедноста. Но, колку ќе се намали цената зависи и од транспортните трошоци, километражата и сѐ останато“, објаснува Димитров
Гасификацијата е една од клучните стратешки определби на сите досегашни влади. Целосната реализација на овој проект е од исклучително значење за граѓаните, но и за стопанството како крајни потрошувачи, кои на овој начин ќе добијат поевтин енергенс, пониски трошоци, а ќе се обезбеди и заштита на животната средина.