Сенат: Почнува втората постапка за импичмент на Трамп
9 февруари 2021Какво е обвинението против Донлад Трамп?
Всушност, сето требаше да биде само формалност: Конгресот на САД се состана на 6 јануари за да го „завери“ конечниот резултат на претседателските избори, односно резултатот од т.н. гласање на „електорскиот колегиум“. Тоа требаше да биде последната формалност, нешто што требаше да биде поддржано од обете партии (демократите и републиканците), и со тоа Џо Бајден „правосилно“ да биде потврден за нов претседател на САД.
Во нормални околности, оваа процедура се одвива без никакви проблеми и компликации. Но, овојпат сè беше поинаку. Во Капитолот, каде вообичаено се состануваат двата дома на парламентот на САД, упадна толпа, која претходно беше подбуцната од (тогаш сѐ уште актуелниот) претседател Трамп. За време на говорот за наводна кражба на изборите, Трамп ги повика илјадниците негови приврзаници да се упатат кон Капитолот.
Тие повикот го сфатија буквално и насилно упаднаа во „срцевата комора на американската демократија“. Пет лица го загубија животот, вклучувајќи и еден полицаец. Обвинението против Трамп гласи: повик за бунт. По неуспешната постапка за импичмент пред една година за обидите на Трамп да издејствува помош од Украина за негова победа на претседателските избори, Трамп сега се соочува со нова постапка - иако веќе не е на функцијата.
Што се случува сега?
Денеска (9 февруари) започнува втората постапка за отповикување на Доналд Трамп во Сенатот. За првпат во историјата на САД, претседател поминува низ ваква постапка двапати - и за првпат во моментот на разгледување на обвинението, обвинетиот веќе не е на функција.
Претставничкиот дом на Конгресот всушност го започна процесот уште за време на мандатот на Трамп, но постапката пред вториот дом на парламентот, Сенатот, поради временски причини, се случува дури откако Трамп се исели од Белата куќа, откако новиот претседател Бајден положи заклетва. И тоа, како и многу други прашања поврзани со Трамп, ги разгорува страстите меѓу гласачите, како оние на демократите, така и на републиканците.
Зошто еден поранешен претседател треба да биде отповикан од функцијата?
Клучното прашање е колку воопшто има смисла да се „отстрани“ поранешниот претседател од функцијата, која веќе не ја извршува? Републиканскиот сенатор од Пенсилванија, Даг Мастријано, кој маршираше со приврзениците на Трамп кон Капитолот сè додека толпата не започна да упаѓа во зградата, целиот процес го смета за „страшна идеја“ и потсетува дека во целокупната историја на САД се забележани само четири постапки за импичмент - две од нив во последните 13 месеци.
Повеќе:
-Импичмент: Трамп не сака да сведочи под заклетва
-Републиканските сенатори „не го даваат“ Трамп
-Импичментот во Сенатот – брз процес против Доналд Трамп
„Тоа нема да придонесе за обединување на нацијата“, изјави Мастријано за ДВ. Џо Бајден треба да ја прекине постапката за импичмент на Трамп, смета Мастријано и додава дека целата работа е „премногу симболична и безначајна, бидејќи Трамп веќе не е претседател“.
Од друга страна, Демократската партија сака јавно да ја повика на одговорност Републиканската партија, смета Мајкл Корнфилд, политиколог на универзитетот Џорџ Вашингтон во главниот град на САД. „Тоа беше дотогаш невиден и шокантен напад врз демократијата“, вели Корнфилд. Според него, сега всушност станува збор за елементарна работа по прашањето на демократијата: „Демократите сакаат да ја документираат позицијата на републиканските сенатори“.
Какви се изгледите дека Трамп ќе биде прогласен за виновен?
Демократите, во суштина имаат тесно мнозинство во Сенатот и тоа не е доволно за да се осуди Доналд Трамп. Потребно им е најмалку двотретинско мнозинство во Сенатот за успешно да го завршат процесот за импичмент што го започнаа, што значи силна поддршка и од републиканските сенатори.
Постои уште еден мотив за Демократската партија - имено шансата Доналд Трамп да се лиши од можноста некогаш повторно да се кандидира за висока позиција во државната администрација. Сенатот ваква пресуда може да донесе и со просто мнозинство гласови. Но, таква одлука е можна само откако успешно ќе заврши процесот за импичмент- за што им треба двотретинско мнозинство. Демократите сега се надеваат дека на многу републиканци им е преку глава од Трамп и оти по секоја цена сакаат да спречат негово можно враќање на следните претседателски избори.