1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задолжително носење маска во Белата куќа за (речиси) сите

Карла Блајкер
12 мај 2020

Откако беше потврдено дека двајца соработници во владата на САД се инфицирани со коронавирус, во Белата куќа е задолжително носење заштитна маска. Но, американскиот претседател Доналд Трамп одбива да ја носи.

https://p.dw.com/p/3c4er
USA | Donald Trump | Maskenpflicht für Mitarbeiter im Weißen Haus
Фотографија: picture alliance/AP Photo/A. Brandon

Претседателот Трамп изјави дека тој фактички никому не се приближува толку многу за да мора да носи заштитна маска. Притоа, Трамп стоеше на подиум во градината на Белата куќа, на сигурно растојание од соработниците и новинарите. И потпретседателот Мајк Пенс не сака да носи заштитна маска.

Корона-експертите остануваат дома

На крајот на минатата недела беа потврдени два случаи на инфицирани со коронавирус во Белата куќа. Засегната беше меѓудругото и портпаролката на потпретседателот Мајк Пенс, Кејти Милер. Тројца виокорагнирани членови на Работната група на Белата куќа за справување со коронавирусот, раководена од Пенс, најавија дека како мерка на претпазливост ќе заминат во домашна изолација: имунологот и советник на претседателот Трамп, Антони Фаучи, шефот на Американската здравствена служба ЦДЦ, Роберт Редфилд и раководителот на Службата за животни продукти и лекови, Стивен Хан.

Трамп со денови врши притисок за олабавување на рестрикциите воведени поради коронавирусот во целата земја, заради повторно заживување на економијата. Меѓутоа, инфекциите во Белата куќа, каде соработниците редовно се тестираат за присуство на коронавирус, покажуваат колку тешко ќе биде враќањето во нормално функционирање. Пандемијата во САД во многу делови не е уште ставена под контрола, тоа важи и за регионот околу главниот град Вашингтон.

Повеќе:

Крај на карантинот во САД би бил „опасен“

Трамп тврди дека видел докази за потеклото на коронавирусот

Трамп поттикнува протести против мерките за заштита од коронавирусот

Трамп не сака да се „маскира“

Преку воведувањето на мерката задолжително носење заштитни маски во Белата куќа, намерата е да се спречи натамошно ширење на вирусот во владината централа. За да се стави пандемијата под контрола, во Белата куќа отсега ќе се вршат тестови секој ден, а не неделно како досега.

Белата куќа многу луѓе на ограничен простор

Александра фон Намен е раководител на студиото на Дојче веле во Вашингтон и често е присутна во Белата куќа. „Се обидувам да се заштитам себеси и другите со тоа што носам маска и држам растојание", вели Фон Намен. „Но, нашите работни простории таму се многу мали. Ние сите седиме заедно во тесен простор и тешко можеме да се тргаме едни на други од пат".

Сите кои сакаат да влезат во владиното седиште, мора да поминат одредени пунктови за проверка. Уште пред вообичаената безбедносна контрола, сега е задолжителна медицинска проверка. Фон Намен објаснува дека мора да се одговорат прашања околу евентуални симптоми, како главоболки и губење на чувството за мирис и вкус, се мери телесната температура. Оваа контрола постојано се дополнува.

„До пред неколку недели новинарите беа единствените кои носеа заштитни маски за време на мерењето на телесната температура. Тоа беше вистински иритирачки, зашто топломерот беше ставан директно на нашето чело, човек речиси можеше да го чувствува здивот на агентите од обезбедувањето", вели Фон Намен. „Во меѓувреме, и агентите на Сикрит сервис кои ни ја мерат температурата, сега носат маски."

Но, новинарката на Дојче веле истакнува дека новинарите со маски на лицето можат малку да се надеваат да добијат одговор од претседателот. Таа била во Овалната соба кратко по обзнанувањето на инфицирањето на двајцата службеници на Трамп. „Сите репортери и камермани првично носеа заштитни маски. Но, не и претседателот и неговите гости", раскажува Фон Намен. „Еден по еден сѐ повеќе колеги ги тргаа маските од лицето, за Доналд Трамп да може да им го види лицето и да одговори на нивните прашања." И таа ја симнала својата маска за да добие одговор од Трамп, иако признава: „Не се чувствував баш пријатно."