Заев за ФАЦ: „ЕУ ни рече: Вие исполнете, ние ќе исполниме“
13 јуни 2019На денот кога македонскиот премиер Зоран Заев се среќава со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин во обид да издејствува добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, во влијателниот Франкфуртер алгемајне цајтунг осамна негово интервју во кое предупредува од последиците за земјата доколку не се случи ветениот пробив.
Во разговорот, Заев потенцира дека добил ветувања и од функционерите на ЕУ и од германската канцеларка Меркел дека доколку се реши спорот за името со Грција, земјата ќе може да напредува на патот кон ЕУ.
„ЕУ останува голем поттик за нас. Сакаме да се подобриме, како држава и како општество. Но исто така е точно дека ЕУ, канцеларката Меркел и многу други шефови на европски влади ни дадоа ветување во однос на решавањето на спорот со Грција и спроведувањето на внатрешните реформи. Ни беше речено: 'Исполнете вие, ќе исполниме ние'. Уште од 2005, значи веќе 15 години сме кандидат за членство во ЕУ. Нерешениот спор со Грција сиве овие години беше голема пречка. Во февруари 2018 бев во Берлин, и пораката од Ангела Меркел беше големо охрабрување за сите нас: Доколку го решите спорот за името и ги започнете важните реформи, и Европа ќе се држи до својот збор. Канцеларката Меркел не посети и на нашиот Ден на независноста и ја повтори оваа порака“, вели Заев за ФАЦ.
Македонскиот премиер предупредува дека неисполнувањето на ветувањето кон неговата земја ќе има реперкусии врз целиот регион.
„Ние го сменивме Уставот и името на нашата земја. Доколку тоа сега се игнорира, тоа ќе се одрази и врз мотивацијата на други политичари во регионот да ги решаваат конфликтите- како оној меѓу Србија и Косово. “
Извесната победа на опозициската Нова демократија во Грција не го загрижува Заев во однос на иднината на Преспанскиот договор, но признава дека постои можност новата грчка влада да ја блокира земјата во текот на преговорите со ЕУ.
„Делови од нашиот договор се уште треба да се имплементираат, како што е воведувањето на новите пасоши и други документи со новото име, или промената на историските учебници. Тоа може во секој момент да доведе до компликации во нашите преговори за членство.“
Неотворањето на преговорите со ЕУ, според Заев, ќе го засили влијанието на трети држави.
„Кинеските економски интереси во регионот се познати. Русија е видливо поактивна во Србија, но традиционално е заинтересирана за Балканот- за нас, за Бугарија, Грција и Босна. Европа не смее дополнително да ја засилува прераспределбата на влијанието во регионот.“
На прашањето на новинарот: што ќе се случува во земјата доколку не се добие ветениот датум, Заев прогнозира „ништо добро“.
„Веројатно ќе го загубиме мнозинството во парламентот. За да ги извршиме уставните промени за промена на нашето државно име, им дадов ветувања на моите пратеници врз основа на ветувањата кои ги добив од ЕУ. Моите пратеници излегоа со овие ветувања пред нивните гласачи и на тој начин ја бранеа нашата политика.“
На забелешката дека тоа значи оти на земјата и се закануваат нови избори, Заев одговара потврдно.
„(Тие избори, н.з.) можат да ги засилат радикалните, националистички сили. Ставете се за момент во нашата ситуација: Нашите граѓани изгласаа промена на старото име на нивната држава, и сето тоа сега излегува дека било залудно?“
Македонскиот премиер на крајот вели дека недобивањето датум нема да значи и крај на напорите на земјата да се реформира, но предупредува дека ќе се загуби еланот на тој пат.
„Доколку Европа не се држи до своето ветување, ние сепак ќе ја донесеме Европа во Северна Македонија, со тоа што ќе ги спроведеме европските реформи и без процес на преговори. Но без процесот на преговори, без атрактивноста на ЕУ на хоризонтот, мотивацијата за тоа нема да биде иста“, заклучува Заев во интервјуто за ФАЦ.