Заев: Менувале планови за Груевски да купи плацови на Водно!
15 март 2015„Досега слушнавте дека Никола Груевски бил суров, бил злобен, прислушувал илјадници разговори, учествувал во изборни фалсификати. Сега ќе слушнете колку бил нечесен и користољубив кога биле во прашање неговите лични интереси и зошто трескавично се менуваа урбанистичките планови во Центар. Зошто се случуваше цела драма околу Мирослав Шиповиќ, зошто Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков правеле притисоци врз советниците во општина Центар и обиди за нивно купување, зошто поништувал гласање и што значела неговата реченица 'дека има уште некои работи да завршат во Центар'“, рече денеска Заев.
Според Заев, зад сето тоа се криеле мегаломански апетити на Груевски. Како доказ за тоа ја посочи промената на деталниот урбанистички план (ДУП) за два плаца чија вредност е над 5 милиони евра. Првиот од 2.700 квадратни метри во месноста „Тасино чешмиче“, кој бил наменет за „спорт и рекреација“, со промена на ДУП бил пренаменет „за семејно домување со посебен режим“ за, како што беше речено, потребите на премиерот Груевски. Земјиштето, според Заев, било сопственост на „Кара“, фирма на Јордан Камчев и на „Ексико“, оф-шор компанија од Белизе. Втората промена била за месноста „Капиштец-Водно“ над хотелот „Панорама“, каде заштитното зеленило било пренаменето во градежно земјиште со вкупна површина од 11.000 квадратни метри. Како што рече Заев, според имотниот лист сопственик на плацот станала фирмата „Сирах инженеринг“, која пак била во сопственост на „Сирих лимитед“, оф-шор компанија од Белизе. Управител на домашната фирма бил кумот на Никола Груевски од неговиот прв брак, Ристо Новачевски, а чија сестра работела во кабинетот на премиерот, нагласи лидерот на СДСМ, оценувајќи:
„Аудио снимките ја покажуваат нечесноста на Груевски, но и кој стои зад оф-шор компаниите кои ги купуваат парцелите.“
Беа презентирани неколку разговори, од кои најмногу наводно меѓу премиерот и министерот за транспорт, Миле Јанакиески. Во нив, од страна на премиерот наводно се даваат насоки за забрзување на процедурите околу промена на ДУП, за поделбата на локацијата на помали парцели, како и разговор за висината на идните објекти.
„Ова ми е итно пред да се избере новиот состав (во Центар н.з) “... „Да го распределат земјиштето на повеќе парчиња, бидејќи е големо“...Го начекав (плацот н.з) за џабалак“... „Ако го рамнат земјиштето, нека направат потпорен ѕид од 6-7 метри, за да не може да се гледа“...
Ова се само дел од насоките што наводно Груевски му ги дава на Јанакиески. Беше презентиран и разговор, како што велат од СДСМ, меѓу Сашо Мијалков и поранешниот телохранител на премиерот, Дејан Митревски-Урко, кој според Заев, сведочи дека лица шетале со комбе за да разгледаат локациите врз кои премиерот „фрлил око“.
„Ти си одговорен за спроведување на договореното од комбето“, наводно му вели Груевски на Јанакиески во друг разговор.
Никола Груевски кој се крсти во чесноста и кога веќе денеска го собра насила членството и администрацијата за да се правда со неговата наводна чесност, треба да им каже на луѓето зошто зборува во шифри, рече Заев.
„Ако не се прислушува во државата, каков премиер е тој кога мора да зборува во шифри во сопствената земја. Чесен човек ќе признаеше дека тој и братучед му Мијалков прислушуваат. Чесен човек ќе признаеше дека имал линкови со фирми од Белизе и Лугано, дека се возел со комбе низ населби за да гледа имоти, дека дели парцели, крева потпорни ѕидови за да ги скрие парцелите од погледите на граѓаните. Само оставка на Владата и формирање преодна влада е излез од политичката криза“, порача Заев.
Во исто време со прес-конеренцијата на СДСМ, владејачката ВМРО-ДПМНЕ одржува голем партиски собир во спортската сала „Борис Трајковски“.