Заев: Покажавме повеќе европски вредности од ЕУ
19 мај 2021Премиерот на С. Македонија, Зоран Заев, оценува дека фрустрациите околу блокираните преговори со ЕУ и колапсот со испораката на вакцини им даваат простор на Русија и на Кина на Балканот.
Заев ја предупреди ЕУ дека нејзината репутација ќе „добие удар на Балканот и ќе го загуби местото пред ривалските сили ако наскоро не започне преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија“. „Доколку патот на регионот во ЕУ успори тоа ќе отвори повеќе простор за другите сили, особено за Русија и за Кина. Ако ЕУ не ги исполни своите ветувања во овој регион тоа ќе биде помал поттик за Косово и за Србија да најдат решение во разговорите кои ги спонзорира ЕУ и ќе направи да биде помалку веројатно БиХ да ги спроведе потребните реформи“, вели Заев.
Во интервјуто за бриселскиот магазин „Политико“, кое е направено со Заев за време на минатонеделната посета на Атина, тој ја отфрли идејата на комесарот на ЕУ за проширување, Оливер Вархеји, за раздвојување на почетокот на пристапните преговори со Албанија и со С. Македонија.
„Јасна е пораката против разделувањето и се надевам дека Бугарија ќе биде разумна“, истакна Заев и проблемот со Софија го опиша како „несуштински“, изразувајќи оптимизам оти може да се најде решение за спорот.
Повеќе:
-Заев во Брисел: ЕУ да го испорача ветеното кон нас
-Заев во Брисел: Ние повеќе не сакаме да стоиме и да чекаме
-Брисел: Заев бара заштита на идентитетот и засилен ангажман за старт на преговори со ЕУ
Тој нагласува дека се надева и на помош од западните сили, вклучувајќи го и американскиот претседател Џо Бајден.
Доколку нема напредок, Заев оцени оти процесот за проширување ќе биде замрзнат најмалку уште година и половина поради изборите во Бугарија, Германија и во Франција.
„Толку многу жртви и после сѐ ЕУ да не испорача (ветеното). Тоа е проблем. Покажавме повеќе европски вредности и манири од ЕУ“, рече премиерот, но и покрај сите неуспеси во последно време тој е оптимист дека ЕУ може да ја поврати довербата со брзо отворање на преговорите за членство.