Заев: СДСМ ќе го разгледа прашањето за предвремени избори
12 јануари 2019Со одлуката за измена на Уставот започна спроведувањето на Договорот од Преспа за членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ, рече на денешната средба со новинарите македонскиот премиер Зоран Заев. Тој потенцираше дека е ова „историски момент“ за Македонија и затоа сака „најискрено и најдиректно“ да му се заблагодари на секој пратеник за донесената голема одлука.
„Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината“, рече македонскиот премиер.
Тој оцени дека гласот за Договорот од Преспа е „одлука против изолацијата, несигурноста и сиромаштијата“.
Заев изрази увереност дека и „грчките пратеници ќе ја препознаат својата улога во овој историски момент“ и дека „нашиот пријател Грција“ ќе го ратификува Договорот од Преспа и дека ќе биде прва земја која ќе го ратификува Протоколот за НАТО:
„Порака до пријателите од Грција - нашиот парламент смогна сили, не беше лесно, верувам дека и грчкиот парламент ќе смогне сили. Ние добиваме еден нов пријател, а и Грција добива еден нов пријател - Северна Македонија.“
Повеќе:
Губитници и добитници, и еден победник - Македонија!
„Преспа“ помина во Скопје, на ред е Атина
Очекувања за нови странски инвестиции
Заев најави дека сега Македонија има многу работа дома и дека од сите министри и градоначалници очекува напорна и фокусирана работа, со цел да се подобри животот на македонските граѓани. Премиерот изрази очекување дека во првиот квартал од 2019 година земјата ќе достигне раст од 4 проценти и набројувајќи врз што ги темели оптимистичките прогнози, наведе дека се очекуваат нови странски и домашни инвестиции, затоа што инвеститорите „ќе бидат охрабрени“ од евроатлантската иднина на земјата:
„Македонија има јасно трасирана иднина, безбеден пат отворен пред себе, а тоа е првиот најважен предуслов за секој странски, па и домашен инвеститор да носи одлуки за инвестирање во Македонија. Во најави се неколку фабрики. Јас верувам дека во јануари, февруари и март ќе имаме објави на инвестиции, пред сѐ странски. Првата странска германска инвестиција веројатно ќе биде објавена до крајот на јануари. Од изутрината имав разговор со господинот Јан Хекер, советник во кабинетот на канцеларката Меркел, кој ги пренесе честитките и веднаш лобиравме за една огромна инвестиција, којашто бара локација овде во регионот, во Македонија, Србија, Бугарија... Се надевам дека ќе ги привлечеме овде. Канцеларката Меркел сака да помогне и граѓаните да почувствуваат (подобрување, н.з.) на економски план.“
Повеќе:
Меркел од Грција бара согласност за Договорот од Преспа
ФАЦ: Ципрас ќе го истурка Договорот од Преспа пред евентуални предвремени избори
„Мицкоски бара предвремени избори, а моли бога да не се случат“
На прашањето на новинарите каков е ставот околу барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за предвремени парламентарни избори, Заев одговори:
„Сите знаат, знам и јас, знае и господинот Мицкоски - тоа што го бара, моли бога да не се случи. Но, бара првиот човек на опозицијата. Затоа сериозно ќе размислиме. СДСМ на своите органи и тела најбрзо можно ќе го отвори ова прашање.“
Премиерот објасни дека со предвремени избори може да се добијат нови четири години власт, но дека Македонија може да загуби, затоа што ќе биде потребно време за гласање, формирање влада и слично, што пак ќе значи застој во реформите.