Лукашенко - 25 години на власт, а крајот не се гледа
10 јули 2019Тој е сега број еден. По повлекувањето на претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбајев, во март, Александр Лукашенко е шеф на држава со најдолг стаж во постсоветскиот простор. Овој 64-годишен автократ со препознатливи мустаќи, ја слави својата 25. годишнина на власт.
Лукашенко- авторитарниот татко на нацијата
Кога на 10 јули 1994 година, шефот на совхозот, голема државна фарма, беше избран за прв претседател на Белорусија, поранешната советска република беше во третата година од својата независност. Во тоа време, Лукашенко на галено народот го нарекуваше „Баќка“ (татко).
На лидерскиот стил на татко на нацијата му остана верен до денес. Се грижи, на пример, за тоа кравите да не се премногу валкани и да имаат доволно храна. Тоа е типично за Лукашенко. Па така во март годинава, поради лошата состојба на еден земјоделски имот, отпушти неколку функционери и министерот за земјоделство.
Често се вели дека Лукашенко во својата република од околу 10 милиони жители одржа некој вид на „мини- Советски сојуз“. Тоа се однесува на релативно успешниот индустриски и земјоделски сектор кој има полза од државната поддршка, но пред сѐ од политичкиот сојуз со Русија. Но, тоа доведе и до зависност, која Русија сака да ја користи.
Во темните страни на неговиот режим спаѓа крајно персонализираниот авторитарен режим. Лукашенко се потпира врз разузнавачката служба КГБ, која во Белорусија до денес го носи тоа име, како некогаш во Советскиот сојуз.
Преку референдум донесе измени на законите и Уставот за да ги одреди поголеми овластувања и неограничен реизбор. На парламентот му е одземена моќта, либералната опозиција е целосно маргинализирана, а медиумите цензурирани. Некои опозициски политичари исчезнаа без трага, а протестите беа задушени.
„Од една страна, Лукашенко беше гладен за власт и не сакаше никакви ограничувања. Од друга, во општеството постоеше чезнеење за ред во советска смисла“, вели Валериј Карбалевич, автор на биографијата на Лукашенко и политички аналитичар.
Западот го сметаше Лукашенко за „последниот диктатор во Европа“. ЕУ нему и на неговата елита им наметна санкции. Но, тие времиња се минато- најдоцна по 2014 година кога Русија го анектираше Крим.
Лукашенко во таа криза остана неутрален и стекна меѓународен углед благодарение на организацијата на преговорите за источна Украина во главниот град Минск.
Исто така, Лукашенко ослободи и повеќе опозициски активисти, и го отвори патот кон укинување на санкциите на ЕУ во 2016 година.
Повторното приближување кон Западот требаше да биде крунисано во февруари годинава. Беше планирано прво учество на Лукашенко на Минхенската безбедносна конференција. Но, посетата беше откажана во последен момент. Тоа се случи по состанокот на белорускиот претседател со рускиот претседател Владимир Путин.
Растечки притисок од Москва
Лукашенко од самиот почеток одржува блиски врски со Русија. Со Борис Елцин во 1997 година ја основаше заедничката руско-белоруска држава, унија која досега постоеше повеќе на хартија. Белорусија е и меѓу основачите на Евроазиската економска унија - инаку омилениот проект на Путин, чија цел е реинтеграција на поранешните советски републики.
Но, во последните месеци Лукашенко е под сѐ поголем притисок од Москва за поблиски односи. Имаше шпекулации дека Путин сака повторно да го оживее проектот на руско-белоруска унија за да си обезбеди нов мандат. Лукашенко се исплаши за својата моќ и ги отфрли таквите планови. Необичено остро ја критикуваше Русија, но избегна директни напади кон Путин.
Најголемиот предизвик за Лукашенко дури сега претстои: неговото заминување од власт. Неодамна најави дека следните претседателски избори ќе бидат одржани според планот во 2020 година.
Лукашенко е „заложник“ на системот кој самиот го создаде, вели Карбалевич. „Лукашенко нема избор освен да се обиде да остане на власт до крајот на животот“. Неговото заминување би значело промена на режимот, а наследник е тешко да се замисли.