„Израелското знаме во Германија има поинакво значење“
19 јануари 2018Крупна тема, и во буквален смисол - актуелна и горлива: на декемвриските демонстрации во Берлин беа запалени неколку израелски знамиња, меѓу другото и пред Бранденбуршката порта. Повод за протестите беше најавата на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел. Немирите кои следеа потоа наидоа на критики на меѓународен план. Во Германија започнаа големи дебати, кои вчера (18.01) стигнаа и до Бундестагот.
„Одлучно спротиставување на антисемитизмот“, тоа е барање заеднички поднесено од четири пратенички групи: Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ), Социјалдемократите (СПД), Либералите (ФДП) и Зелените. За најновите инциденти и за антисемитизмот воопшто, пратениците дискутираа нешто подолго од половина час. Седуммина говорници од шест пратенички групи, во просек по пет минути. Малку време за да се навлезе во детали.
Повеќе на темата:
Успехот на АфД вклучи аларм во Израел
Бјерн Хеке пред исклучување од АФД ?
Екстремно-десничарски и „доселен“ антисемитизам
Прв говорник на темата беше Фолкер Каудер, шеф на пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ). Тој потсети на сопственикот на еден еврејски ресторан во Берлин, кому беа упатувани смртни закани. Евреите веќе нема да се осудат да се појавуваат на улица со можност да бидат идентификувани како такви. Една студија го покажува зголемувањето на бројот Евреи кои размислуваат за „повторно напуштање на Германија“.
Каудер се осврна и на извештајот за антисемитизмот подготвен од експертска комисија на Бундестагот. Таа во април 2017. година ги презентираше резултатите и даде препораки. Според извештајот, голем дел од антисемитските напади и злосторства потекнуваат од страна на десничарскиот екстремизам. Но, расте и бројот на „доселени“ антисемитски дела, значи оние предизвикани со доаѓањето на луѓе по потекло од региони „каде омразата кон Израел и антисемитизмот ја негуваат 1:1“. И едното и другото е недопустливо, истакна Каудер.
И АфД му аплаудираше на Каудер
Осврнувајќи се на палењето на знамиња со Давидова ѕвезда, Каудер рече: „Знамето на Израел овде кај нас во Германија има поинакво значење“. Секако, се мисли на германската одговорност за холокаустот и залагањето за опстанок на Израел, што е прокламирано за германски државен интерес. Оној кој се изразува антисемитски, мора да одговара, порача Каудер. На тоа аплаудираа и пратениците од Алтернатива за Германија. Пратеничката од АфД, Беатрикс фон Шторх зборуваше за добрите идеи опфатени во барањето во врска со антисемитизмот, првенствено на построг закон за престој на странци, кој го предлагаат Демохристијаните. Тој подразбира и поедноставено протерување на странци кај кои е докажано антисемитско делување. Германија, поради својата историја, има посебна одговорност „и ние тоа експлицитно го поддржуваме“, нагласи пратеничката.
За што се бори Беатрикс фон Шторх?
Но, тука спаѓа и „незатворањето очи“ пред случувањата во западна Европа. Од 2006. година 40. 000 Евреи од Франција се отселиле во Израел. За овие бегалци никој не зборува, „зашто бегаат пред муслиманите“, а АфД со сета сила ќе се бори „тоа во иднина да го нема во Германија, рече Фон Шторх. Притоа, со ниеден збор не ги спомена обвинувањата против нејзината партија - дека не презема ништо против антисемитизмот во своите редови. Но, пратеничката од СПД, Керстин Гризе и шефицата на пратеничката група на Зелените, Катрин Геринг-Екарт, меѓу другото потсетија на изјавата на шефот на покраинскиот огранок на АфД во Тирингија, Бјерн Хаке - дека централниот споменик на жртвите на холокаустот во Берлин е „споменик на срамот“, која беше предмет на остри критики во 2017. година.
„Имате сериозен проблем со антисемитизмот“
Социјалдемократката Гризе го нарече срамота фактот што Хеке и натаму е член на АфД. Катрин Геринг-Екерт и порача на Фон Шторх дека има „сериозен проблем со антисемитизмот“. Десничарската популистка вели дека еврејскиот живот е „важен дел од германското наследство“ и дека во тоа нема поделени мислења.
Критики на Фон Шторх ѝ упати и пратеникот од Либералите, Штефан Руперт, оценувајќи дека на темата антисемитизам таа врши еднострана осуда, а е слепа за појавата во нејзините сопствени редови. Истовремено, Руперт, исто како и Геринг-Екарт, го пофали долгогодишниот ангажман против антисемитизам на политичарката на Левица, Петра Пау. Потпретседателката на Бундестагот во својот краток говор истакна дека омразата против Евреите е „постојан проблем“, потсетувајќи на одговорноста на сите партии брзо да се свртат кон препораките на експертската комисија.
Левица одбива посебен закон за странци
Предлог на експертите е именување независен ополномоштеник за антисемитизам. Пау категорично ја отфрли идејата за прогонување странци со „антисемитско однесување“, заговарана од другите партии. При изјаснувањето за предлогот, пратеничката група на Левица не го даде својот глас. Левица отфрла таков посебен закон и поради „ароганцијата за тоа да не се расправа во парламентот“.
Имено, Левица темата антисемитизам радо би им ја предала на надлежните комисии во Бундестаг, зашто смета дека тој проблем би се решавал поинтензивно. Во спротивно, сѐ се ограничува на расправа од 35 минути. Притоа Левица била подготвена да се приклучи кон заедничкото барање на ЦДУ/ЦСУ, СПД, ФДП и Зелените, но на тоа се противеле Демохристијаните. Таа повеќегодишна пракса, непосредно во пресрет на расправата за антисеметизам, ја бранеше заменикот-шеф на пратеничката група на Унијата, Штефан Харбарт. Неговото образложение гласи: кај четирите пратенички групи кои поднесле барање, не постои сомнеж во „лојалноста кон државата“.