Стојановиќ: Балканот е во колективен страв од растење
20 ноември 2020ДВ: Во писмото кое го објавивте заедно со Вашите балкански колеги историчари, барате од историчарите во Северна Македонија и Бугарија, но и во сите земји од регионот да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите на нивната дисциплина. Впечаток е дека, сепак, добар дел историчари на Балканот го прават токму спротивното, имено, тие се ударна тупаница на националистичките наративи кои ги преземаат политичарите, и тоа веќе со децении. Зошто е тоа така?
Стојановиќ: Античката муза на историјата Клио секогаш е претставена како свири на некој инструмент! Едно од толкувањата е дека таа секогаш го свирела она што владетелите сакале да го слушнат. И од антиката до денес секогаш имало т.н. државни историчари кои одат со владетелите и ги опишуваат нивните величествени подвизи. Така историографијата била „државна“, присутна за да ја зацврсти власта. Кога почнале да се формираат нациите, историографијата имала задача да ги воспева нивните подвизи, жртви, да помогнат во изградбата на херојскиот идентитет. Така што е логично што на многумина им се допаднала таа улога, таа често носи и многу привилегии. Од друга страна, многу е неблагодарно да се биде критичен историчар, некој кој сака да дојде до клучните историски проблеми и да укаже на нив за тие проблеми да се решаваат. Таквите потоа се нарекуваа предавници, кај нас „автошовинисти“, оние кои го мразат својот народ. Тоа е тешка позиција, па и од таа страна е јасно зошто многумина не се одлучуваат на тоа.
Впечаток е дека денес балканските народи „уживаат“ во некаква улога на жртва, а таквиот наратив веќе со години го градат токму историчарите и политичарите. Колку таа пасивно-агресивна виктимизација која се вградува како дел од идентитетот во регионот уште од основните училишта, помага или одмага во демократизацијата и напредокот на тие општества? И колку е таа основа за овие спорови кои ги имаме денес?
Израелскиот интелектуалец Амос Оз рекол дека присуствуваме на светско првенство за најголема жртва! А ние во регионот сигурно сме многу високо пласирани на таа табела. Таа само-виктимизација почна уште пред југословенските војни, така што сите, а Србите посебно, се гледаа како жртви на Југославија и на сите соседни народи. Тоа беше наратив кој можеше да ја покрене онаа агресија која ја видовме во војните, бидејќи сите имаа и чувство дека се бранат, но и дека се одмаздуваат за претходните страдања на својот народ. Тоа беше таа малигна комбинација. Кога војните завршија, тие наративи останаа.
-повеќе на темата: Дечев: Во Бугарија се замолчуваат гласовите кои мислат поинаку за историскиот спор
И гледаме дека тие држави, без разлика дали се во ЕУ или не, не успеаја да создадат развиени, демократски и либерални општества. Тие останаа таму каде што беа кон крајот на 1980-те затоа што не постигнаа ништо подобро. За чудо тоа се однесува дури и на Словенија, која сега со Јанша покажува значајно назадување и враќање во тие идентитетски политики. Мојата теза е дека ги избравме тие наративи токму за да не се развиеме. Значи, тие не се кочница за нашиот развој, туку тие се супститут, начин за тие клучни напори да не се направат, тие длабоки промени да не се случат. Како колективен синдром на Петар Пан, страв од растење.
Бугарските барања и негацијата на македонскиот идентитет, во суштина, воопшто не се нови, тие имаат континуитет од најмалку 60 години и формулирани се од страна на комунистичкиот режим на Тодор Живков. Она што е можеби изненадувачко е фактот дека тие политики со обете раце ги прифатија и најрадикалните антикомунисти во Бугарија по падот на комунизмот. Слична таква симбиоза веројатно гледавме и во Србија во 90-те години, во Хрватска, па и во Македонија. Од една страна, тоа веројатно покажува колку национализмот бил силен фактор во комунистичките држави. Но, што ни кажува тоа за актуелните демократски држави, денес?
Точно. Национализмот особено беше познат во бугарскиот комунизам, иако и во Југославија, републичките партии всушност беа национални партии и меѓу нив постоеше конкуренција и ривалство како кај националистичките. Од тоа го добивме Слободан Милошевиќ, кој на сцената стапи како претседател на Сојузот на комунистите на Србија. Јас навистина мислам дека нашите општества се држат до национализмот како замена за развојот. Развојот е напорен, бара вистински жртви, многу работа, многумина кои лошо ќе минат во транзицијата. Ние како да решивме тоа да не ни се случи, да се закопаме во идеите од 19 век и да живееме во вечно истото време. Не знам дали е тоа веќе знак дека процесите на општествениот трулеж започнале од порано или е тоа нивната причина, но општествата кои ќе одберат да стојат, всушност не стојат. Тие пропаѓаат.
Сега, поради актуелноста на македонско-бугарскиот спор, често читаме критики за бугарската историографија. Но што е со југословенската, и не само во делот на Македонија, колку таа беше идеологизирана и на услуга на политиката
Секогаш била тоа случај. Тоа беше и во Југославија, бидејќи клучните прашања не смеевте да ги поставите. Доволен аргумент е дека книгата „Историја на народите на Југославија“ никогаш не го доби својот последен том, бидејќи, тогаш веќе националистичките историчари не можеа да се договорат. Притоа, историската наука секогаш и беше некој вид чувар на националистичките идеи, и во текот на социјализмот. Таму се „чуваа" идеите за величината на сопствените нации, за хероизмот, за посебноста... Така што, не е чудно што токму историографијата „ги понуди своите услуги“ кога тргна националистичкиот бран во 80-те во Југославија.
-повеќе на темата: Маринов: Во Бугарија се уште живее сонот за „ребугаризација“ на Македонија
Ми беше особено впечатливо тоа што по повеќемесечни негации и навреди од Бугарија, реакциите во македонската јавноста ескалираа во моментот кога Бугарија го нападна Јосип Броз Тито, т.е. фактот дека Македонија се’ уште го слави овој, како што велат Бугарите, диктатор. Прашањето е: дури и да ги прифатиме бугарските тврдења дека овој диктатор ја формирал македонската нација, дали тоа би значело дека историски се прифатливи само нации кои се формирани од страна на демократи?
Она што ние го кажавме во нашето протестно писмо е клучно - сите нации се формирале на ист начин - со конструкција. Сите нации се формирале во главите на одредени политички и интелектуални елити, кои ги „замислувале“ своите нации, нивните херои, нивното златно доба, нивниот јазик, имагинарната географија... И целосно е сеедно каков тип на режим на „направил“ таа нација, тие се формирале „одозгора кон долу“, тие се формирале од идеите на општествените елити, а потоа преку медиумите, школите, уметноста и другите носители, тие идеи се ширеле „меѓу народот“. Кој се формирал порано, а кој подоцна е сосема сеедно. Тој процес е сличен насекаде во светот. Тоа значи дека секоја нација е, ако сакате, вештачка, бидејќи тоа е „замислена заедница“ како што вели Бенедикт Андерсон, секоја е креација. Таа не постои во природна состојба.
Веројатно најблиска паралела на македонско-бугарскиот спор на Балканот е српско-црногорскиот конфликт околу идентитет и јазикот, односно неговата негација од Белград. Србија и Бугарија, како две најголеми земји на Балканот, имаат сличности и во тоа што обете „загубиле" територии кои, имам впечаток, и натаму се обидуваат да ги вратат. Дали се тие „центарот“ на овој историски ревизионизам на Балканот?
Има многу центри. Секој на Балканот има слична приказна. И Хрватите веруваат дека Бошњаците се отцепени Хрвати, а Србите дека сите соседни народи настанале од нив. Тоа е основата на големо-државните проекти од кои некои се’ уште не кренале раце. Затоа што вие потоа постојано ветувате дека ќе ги „ослободите“ заблудените браќа, кои и не сфаќаат дека во некој момент се излажани и отцепени од нацијата- матица. Тоа е тоа размислување од 19 век кое тука се‘ уште не ја загубило силата, дури ни по страшните колежи во Втората светска војна и војните од 1990-те. Бидејќи таквите идеи водат само во такви колежи.