1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Македонците се вештачка нација, а Бугарите се дар од Бога

БГ
11 ноември 2020

Во историските истражувања на Балканот, има две спротивставени групи: Едната бара меѓународно признание, а втората им служи на закоравените национални стереотипи, анализира германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг.

https://p.dw.com/p/3l9Q6
Bulgarien Feierlichkeiten zum Tag der bulgarischen Wissenschaft und Kultur
Фотографија: imago/Xinhua

Историјата на Балканот е моќ- оној кој ќе го отфрли ова клише, всушност му подлегнува на клишето. Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) на овој начин ја отвора анализата за влијанието на историјата во балканските спорови но, уште поважно, за инструментализацијата на таа историја од страна на политичари и, особено, историчари задолжени „да им служат на народот и државата“ , а не на научната вистина.
Поводот е токму историскиот спор кој Бугарија и го наметнува на Северна Македонија како услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Како прв пример за таквата моќ на историјата ФАЦ го наведува поранешниот грчки премиер Константинос Мицотакис кој во 1993 година паѓа од власт затоа што „многу меко“ настапува во спорот за името со соседна Македонија. Во 2018 година, со Преспанскиот договор, Македонија го менува името во Северна Македонија, а Грција го признава постоењето на македонскиот народ и јазик, наведува весникот. Но, сега Бугарија го продолжува идентитетскиот спор, атакувајќи ги токму јазикот и идентитетот на Македонците, поставувајќи ги како услов за ЕУ.  

-повеќе на темата: Бугарските барања кон С. Македонија не му припаѓаат на 21. век

„Софија ќе ја повлече заканата за вето само доколку Македонците се подготвени да го преземат бугарскиот историски наратив: притоа, македонската е една „вештачка нација“- наспроти бугарската, која во Софија веројатно ја сметаат за дар од Бога, падната од небото или создадена преку осмоза“, пишува ФАЦ.

Отпорот во Бугарија
„За да ја појасни својата позиција во ЕУ, бугарската влада испрати еден Меморандум создаден од нејзините куќни и дворски историчари, кој во некои делови е ненамерно комичен.
Во него се вели: „Македонски јазик или таков народ до 2 август 1944 година не постоеле“. Каков неверојатен заклучок: Се до 1 август 1944 година немало ни македонски народ, ниту македонски јазик, но веќе следниот ден одеднаш обете стапнале на бината на историјата.
Она што еснафот, верни на владата, историчари со тоа сакаат да го кажат е дека југословенските комунисти од 1944 година систематски промовирале рудиментарен пристап за независен македонски идентитет, односно изградба на нација. И доколку тоа Скопје не го прифати, како што гласи суштината на позицијата на Софија, тогаш мора да си бара некое чаре- ама во ЕУ нема да влезе“, пишува ФАЦ

-повеќе на темата: Ќосев: Бугарите талкаат низ историјата

Но, ваквите ставови на официјалната бугарска политика и историографија наидоа на отпор и во самата земјата, наведува весникот натаму. Неодамна, 40 бугарски интелектуалци- историчари, лингвисти, писатели и други социјални научници, остро ја критикуваа историската политика на нивната влада.
„Во нивната Прокламација, академиците ја критикуваат ’доминацијата на една застарена, романтизирана и митолошка бугарска историографија’ во Бугарија, која, во некои делови е дури и смешна.

Reportage Mazedonisches Referendum
Сојузот меѓу националистичките историчари со владите, може да се најде во различни форми во сите балкански држави, пишува ФАЦФотографија: DW/D. Tosidis

Барања за реформа
’Не мислиме дека процесот на создавање на македонската нација, од сите нејзини аспекти, во основа се разликува од било која друга нација’, пишуваат тие и им порачуваат на бугарските власти да не се чудат зошто Европа не ги разбира."
Бугарските интелектуалци, притоа, бараат фундаментална реформа на бугарската историографија и промена на парадигмата во историското размислување.
„Писмото на интелектуалците е значајно бидејќи отворено го напаѓа сојузот меѓу националистичките историчари со владата, нешто што може да се најде во различни форми во сите балкански држави. Во историските истражувања на Балканот, практично има две спротивставени групи: Едната бара меѓународно признание, а втората им служи на закоравените национални стереотипи, а како награда добива државни ресурси и ја контролира нивната распределба. Оттука, историчарите со институционална моќ во балканските држави не секогаш се и најдобрите од нивниот фах. Тие не сметаат дека имаат обврска кон независно истражување, туку ја дефинираат својата улога како слуги на народот и државата“, пишува ФАЦ

-повеќе на темата: ВМРО свртена наопаку

„Ваквите историски погледи често можат да се најдат во националните Академии на науки и особено во нејзиниот врв. Замотани во кожурецот на ’националната’ историска наука, со јасни непријатели и без балансирање, ваквите истражувања се повеќе го губат приклучокот со меѓународните стандарди. Епилогот се национално ограничени академски монолози.
Но, во сите земји од регионот постојат многу извонредни историчари, кои не се националистички кооптирани, туку истражуваат и публицираат согласно највисоки стандарди. Сега тие луѓе го кренаа гласот во Бугарија“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи