Иран „соодветно ќе одговори“ на заострените санкции на САД
24 април 2019Врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хамнеи, предупреди денеска дека заострувањето на санкциите против иранската нафтена индустрија нема да остане „без одговор“. „Треба да знаат дека нивните непријателски мерки нема да останат без одговор. Иранскиот народ не седи со скрстени раце пред омразата“, напиша Хамнеи на Твитер, сепак, не прецизирајќи што би можел да биде одговорот.
Како што наведе, бојкотот на САД за иранската нафта „не води никаде“, а Иран ќе извезува нафта „колку што е потребно и колку што сака“. Американската политика со „максимален притисок“ врз Иран во понеделникот доби нов замав, откако Вашингтон објави дека нема да ги продолжи исклучоците од санкциите на Иран за 8 земји кои увезуваат иранска нафта.
„Тие своите желби ги сметаат за реалност ако мислат дека ја блокирале иранската продажба на нафта“, напиша Хамнеи во твитот. Тој додаде и дека „силниот ирански народ и претпазливите лидери, ако напорно работат, ќе пробијат бројни блокади“.
Откако во мај 2018 година се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран, САД во ноември воведоа остри економски сакнции за земјата.
Повеќе:
-Трамп го зголемува притисокот врз Иран
-Дали американските санкции ќе го „нокаутираат“ Иран?
Кина денеска го повика Вашингтон да ги избегне „погрешните потези“ кои би им штетеле на кинеските интереси по заканата на САД дека ќе воведе санкции за купувачите на иранска нафта.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг, изјави оти Пекинг се противи на „унилатералните санкции и на т.н. продолжена јурисдикција“ за Иран кои ги спроведува американската влада.
Генг рече дека Кина, еден од најголемите увезувачи на иранска нафта, ќе ги заштити со „легитимни права“ своите компании, но не наведе како Пекинг ќе одговори ако САД воведат санкции. „Ги повикуваме САД искрено да ги почитуваат кинеските интереси и грижи и да се воздржат од погрешни потези кои ќе ги поткопаат нашите интереси“, изјави Генг пред новинарите.
И Русија остро ги критикуваше постапките на Вашингтон. Министерството за надворешни работи оцени дека американската политика станува сѐ поагресивна и безобѕирна.