1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Никој не е имун на тешките последици од коронавирусот

БГ /АП
30 март 2020

Приказната на 33-годишниот Андреа Наполи е уште еден доказ дека коронавирусот може да турне в постела секого, дури и здравите луѓе, без претходни болести, и со тешки последици.

https://p.dw.com/p/3aB1N
Italien Coronavirus | Krankenhaus in Mailand
Фотографија: Reuters/F. Lo Scalzo

Андреа Наполи не одговара на вообичаениот профил на пациент од коронавирус. Овој 33-годишник е со одлично здравје, без историја на респираторни болести. Притоа и во одлична физичка кондиција благодарение на редовното вежбање, вклучително и тренирање ватерполо.
Сепак, овој адвокат од Рим, развил кашлица и треска една недела откако италијанскиот премиер нареди карантин во целата држава, вклучително и во главниот град каде животот течеше нормално иако вирусот беснееше на северот. До тој ден, Наполи си ја следеше редовната рутина на работа, џогирање и пливање. Три дена подоцна тестот на Ковид-19 му бил позитивен.
На почетокот, Наполи добил инструкции да седи дома во изолација со предупредување дека здравствената состојба може наеднаш да му се влоши. Тоа и се случи. Веќе следниот ден, хоспитализиран е на интензивна нега, а рентгенот потврдил дека развил пневномија.
„За жал, морате ги преживеете овие работи за целосно да ги разберете“, вели Наполи во интервју преку Скајп за Асосиејтед прес. „Имам 33 години, во одлично здравје, и одеднаш за помалку од ден и пол се наоѓам на интензивна нега“. Во следните девет дена дишел со помош на маска со кислород. Во првите два дена на интензивна нега, тројца пациенти до него починале. Се присетува дека лекарите не можеле да дојдат до здив од постојаното туркање на опремата, облечени во специјални заштитни одела, и преморени од бескрајното работно време.
„Видов многу, многу болка. Многу беше тешко. Слушав врискотници од соседните соби. Постојано кашлање од другите соби“.
Во петокот конечно бил префрлен во оддел за пациенти кои се опоравуваат од коронавирусот, каде двапати дневно го прегледува лекар. Се уште не може нормално да дише, а нивото на кислород во крвта и натаму не е вратено на нормалното.

Italien Rom | Coronavirus | Polizei vor Kolosseum
Карантинот во Рим ги опустоши улиците и туристичките локалитетиФотографија: Imago Images/Zuma Wire

„Лесно се заморувам. Од кревет до тоалет, останувам без здив. Мускулите ме болат бидејќи лежев во кревет девет дена, без можност да се движам. Не беше едноставно“, вели Наполи.
Кога коронавирусот почнал да се шири, Наполи бил повеќе загрижен за своите родители кои се во средните 60 години, а не за себе. Сега се надева дека за две недели, кога ќе заврши карантинот, ќе може да излезе на прошетка со нив, иако тоа во моментов во Италија не е дозволено.
Италијанските власти во меѓувреме се умерени оптимисти дека мерките кои се преземаат полека даваат ефект. Бројот на позитивни случаи во последните 24 часа се зголеми за само 5,4% на вкупно 97,689. Поважно, бројот на пациенти на интензивна нега порасна за само 50, половина помалку од претходните денови, а бројот на жртви се намалува за околу 10% дневно од петокот досега. Сепак, Италија и натаму има најмногу смртни случаи во светот, 10,779.
„Ова се големи промени кои го потврдуваат фактот дека здравствениот систем реагира и за влијанието на мерките кои беа воведени“, изјави д-р Лука Ричелди, пулмолог на редовниот дневен брифинг. „Спасуваме животи со седење дома, одржување социјална дистанца, помалку патување и затворање на училиштата“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема