1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија: Оставката на Ренци „замрзната“

Бернд Ригерт
6 декември 2016

Премиерот на Италија поднесе оставка по референдумот на кој граѓаните се изјаснија против уставни реформи. Меѓутоа, тој сѐ уште не смее да ја напушти премиерската функција, бидејќи нема кој би можел да го наследи.

https://p.dw.com/p/2To8N
Italien Referendum
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Borgia

По референдумот за уставна реформа на кој граѓаните на Италија се изјаснија против, италијанскиот премиер Матео Ренци официјално му поднесе оставка на претседателот на државата Серџо Матарела. Матарела оставката на Ренци, додуша, ја прифати, но бидејќи партиите во парламентот сѐ уште не можеа да се договорат кој би можел да биде привремен премиер, италијанскиот претседател по куса постапка едноставно ја „замрзна“ оставката на премиерот до наредниот петок. Таа „замрзната“ оставка е италијански специјалитет како џелато, односно сладолед, се пошегува новинарот на државната телевизија РАИ пред седиштето на италијанскиот премиер. 59 насто од избирачите Ренци го „испратија дома“. Тоа беше едно од барањата на опозицијата составена од популисти од левиот и од десниот политички спектар, но и граѓанската политичка средина. Така во големата анти-Ренци-коалиција се најдоа и комунисти и неофашисти.

За време на целиот вчерашен ден Ренци преговараше со претседателот Матарела за тоа кој би можел да биде негов наследник кој би можел да ја води преодната влада до наредните парламентарни избори. Привремениот премиер, кој како што се шпекулира би можел да стане министерот за финансии Пјер Карло Падоан или претседателот на Сенатот Пјетро Грасо, би морал прво да се погрижи за договорот меѓу спорните фракции во парламентот за новиот изборен закон. Бидејќи без согласност за уставна реформа во овој момент нема ни важечки изборен закон. Министерот за внатрешни работи Анџелино Алфано, кој предводи една мала конзервативна партија, поаѓа од тоа дека во февруари ќе дојде до предвремени избори.

Italien Referendum Beppe Grillo
Бепе ГрилоФотографија: picture alliance/AP Photo/G. Borgia

Грило бара итни парламентарни избори

Бепе Грило, популистичкот лидер на најголемата опозициска група во парламентот, на својата интернет страница упати барање: „Предвремени избори наредната недела! Ние сме подготвени!“. Но, така брзо и едноставно изгледа нема да биде. Грило најави оти неговиот проект „Пет ѕвезди“, наречен по една музичка група, сега прво ќе усвои програма и ќе одреди владејачки тим. Лидерот на деснорадикалните сепаратисти Северна лига, Матео Салвини, исто така упати барање за итни избори. А нив ги сака и „Форца Италија“ од граѓанскиот спектар. Меѓутоа, на Италија сега прво ѝ треба нов изборен закон, истакна во разговорот за ДВ политичарката од тоа граѓанско движење, Дебора Бергамини. За движењето „Форца Италија“ би се кандидирал еден италијански политичар познат за јавноста: Силвио Берлускони, поранешнот премиер познат по скандали, кој во меѓувреме има 80 години.

Римјаните остануваат опуштени

Граѓаните во Рим, со кои разговараше вчера ДВ, опуштено гледаат на политичките малверзации ден по референдумот. „Некако ќе оди понатаму. Светот нема да пропадне поради тоа. Главно е некој да се погрижи за економските проблеми.“ Такви се поголемиот број од одговорите. Мал број избирачи стравуваат поради нестабилната состојба која се очекува во наредните недели или месеци. На италијанските телевизии референдумот се коментира како некој фудбалски натпревар. Се зборува за тактики и финти, а не толку за реалните последици за екомонската и финансиската политика.

Italien Palazzo Chigi in Rom
Фотографија: DW/B. Riegert

Финансиските пазари остануваат мирни

Европските и меѓународните финансиски пазари релативно опуштено го прифатија италијанското „Не“ за уставни реформи. Првичните загуби во меѓувреме се надоместени. Страдаа само италијанските банки. Како крајна и најнепосакувана последица би можела да биде банкарска криза, која би можела да се прошири како финансиска криза за Италија. Во ЕУ новата несигурност во Италија се набљудува нервозно. Но министрите за финансии на земјите членки на ЕУ на вчерашниот состанок декларативно истакнаа дека нема причина да се зборува за нова криза. Шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ наредната недела на самит во Брисел треба да разговараат за најновите успеси на популистичките струи во Европа, меѓу нив и во Италија. Прашање е само кој ќе ја претставува Италија на заедничката маса на самитот.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија