Каде е инжeнерингот - во Скопје или Софија?
15 октомври 2020Токму на денот кога македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања повторно се состанува во Скопје со цел да ги надмине историографските спорови кои претставуваат пречка во градењето на добрите односи помеѓу двата народа и двете држави, во Софија денеска продолжува еден друг процес.
На денешната седница во бугарската парламентарна комисија за образование и наука, е закажана јавна дискусија на научници и политичари околу предлогот за промена на значењето на 24-ти мај - од „словенски“ во празник во „бугарската писменост, образование и култура“.
Предлогот за преименување на празникот во парламентот беше поднесен од партијата ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов со поддршка од партијата на премиерот Бојко Борисов, и го помина првото читање на 1-ви октомври. Во образложението е наведено дека ова е логична и природна промена, прв чекор кон признавањето на кирилицата како бугарска азбука.
Според бугарски медиуми, оваа тема предизвикала полемики меѓу тамошните научници. Два институти во Бугарската академија на науките го прогласиле предлогот за недопуштен, „бидејќи тој ќе го омаловажел придонесот што преку азбуката го дала Бугарија за целата словенска писменост и култура“. Бугарските медиуми пренесуваат и дека медиумите во Северна Македонија ја обвиниле Бугарија за злоупотреба на празникот.
Скопје и Софија преку мешовитата комисија претходно веќе се договорија за заедничко чествување на Кирил и Методиј како дел од заедничката историја.
Сегашното инсистирање за прогласување на кирилицата како бугарска азбука, како и бугарскиот објаснувачки меморандум испратен до земјите членки на ЕУ, во кој македонската држава се третира како резултат на „етнички инженеринг“, наиде на голем број критики во либаралните кругови во Бугарија.
„Македонистичниот Франкенштајн“
На денот кога во Скопје заседава мешовитата комисија, и медиуми изобилуваат од текстови посветени на историските прашања. Иван Николов, новинар, главен уредник на списанието „Бугарија-Македонија” и директор на издавачката куќа „Свети Климент Охридски“ во колумна за Бгнес, пишува за „убиствата на стотици Македонци заради бугарска национална свест", за кои „државниот македонизам во Скопје пет пари не дава од 1944 година до денес “. Во текстот под наслов „Македонистичниот ( не македонскиот) Франкенштајн и европските вредности“, тој за релативизирање на ова прашање ги критикува и интелектуалните кругови во Бугарија.
„Интелектуалци во Бугарија, потсвесни носители на доктринарниот либерализам но всушност затскриен догматски марксизам, со заеднички и нејасни фрази и без никакви специфики во познавањето на проблемот, излегуваат со повици за ослободување од вина за овие убиства, во име на европската иднина на младата земја. Добро, но дали е во европски дух ако со помош на Бугарија во Брисел се пресели титовото комунистичкото наследство на Македонија, со ‘целата негова величина?'“, прашува Николов.
Повеќе:
Обвинувања и тензии пред средбата на македонските и бугарските историчари во Скопје
Спор со Бугарија: Не сте тоа што мислите дека сте
Зошто уште не се познаваат Македонците и Бугарите?
Бугарски интелектуалци против меморандумот на Софија: „Зошто Европа не нѐ разбира“
Брунбауер: Бугарија провоцира глупав конфликт за целосно измислени проблеми
Во текстот изнесува серија критики за делото на Блаже Конески, посочува дела кои говорат за бугарскиот дух и објаснува каде е пролемот меѓу двете земји.
„Проблемот меѓу Бугарија и Република Северна Македонија не е нашиот однос кон Гоце Делчев, нешто апсурдно. Проблемот е во до денес неревидираното југословенско комунистичко наследство на младата држава. Сите аргументи на медиумите контролирани од поранешната номенклатура, на МАНУ, како и на претседателот Пендаровски, на премиерот Заев и на други претставници на официјалната власт или опозиција се сведени на една работа: зачувување на етноинженерниот постулат на Новаковиќ-Коминтерната-Тито. Тоа беше потврдено на 26-ти јануари 2006 година, кога во Парламентарното собрание на Советот на Европа беше изгласана резолуција со која се осудува комунизмот. Повеќето македонски делегати тогаш беа воздржани“, пишува Николов, додавајќи дека со тој идеолошки товар, земјата сега е исправена пред портите на ЕУ.
Како пред 100 години
За тоа колку нештата се заглавени во минатото, сведочи и изјавата на доцент д-р Григориј Вазов, по презентацијата на книгата „Хроники на Вазовиот род", промовирана во БАН.
„Да беше жив Иван Вазов денес, ќе ни го кажеше истото како пред 100 години. Ако ги отворите и прочитате неговите книги, ќе видите дека ситуацијата денес е многу слична на тогашната. Истата работа се повторува како народна психологија. Ако го отворите македонското прашање кое сè уште постои и денес, и ако го отворите прашањето поврзано со Србија и Македонија - вечната желба во последните 150 години Србија да ја окупира Македонија под каква било формула. Тоа се случува и сега, само нијансите се различни“, изјавил наследникот на Вазови, семејството кое, како што потенцира Бгнес, „покрај писателот Иван Вазов ги дало и генералите Георги и Владимир Вазови - херои од Одрин и Дојран".
Затворање на рамката за преговори
Засега е неизвесно како во вакви околности ќе се изнајде заеднички јазик за надминување на историографските спорови, особено по барањата од Софија токму во пресрет на отворањето на преговорите на нашата земја со ЕУ.
„Би можело да се потпише декларација за реафирмирање на вредностите врз кои почива Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, но вон памет е да разговараме за нов договор или за уставни измени“, рече во интервјуто за ТВ „Телма“ претседателот Стево Пендаровски.
Тој нагласи дека не добил ни писмено ни вербално известување од министерот за надвореши работи, Бујар Османи, дека за време на посетата на Софија од бугарската министерка за надворешни работи добил сет барања, меѓу кои и за потребата од нов договор и уставни измени во земјава, како што тврдеше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од денеска, во следните три до четири недели треба да биде затворена рамката за преговори. Нашите разговори со Бугарија одат по билатерални канали, на ниво на премиери, кабинети, МНР, а од утре е отворен и канал за комуникација во комисијата, но ги користиме и услугите на Германија која се залага за двете држави, Северна Македонија и Албанија да бидат ставени на колосекот кон ЕУ“, рече Пендаровски.