Како ВМРО-ДПМНЕ повторно да почне да победува
30 септември 2020Во мојата последна колумна насловена „Зошто ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски не може да победи?“, се обидов на еден непристрасен начин, отворено, а некои ми рекоа и доста смело, да скицирам зошто ВМРО под палката на актуелниот претседател Мицкоски постојано губи. Критиката во ниту еден момент не ми е насочена кон партијата во која имам поминато многу години и која ми го дала целото политичко искуство. Во друга партија никогаш не сум бил и целата моја политичка кариера останува врзана исклучиво за партијата ВМРО-ДПМНЕ. Затоа и не можам да се согласам со некои коментари кои ги прочитав, дека немам право јавно да пишувам за состојбите во партијата, туку ако навистина сум добронамерен тоа треба да го сторам исклучиво внатре во партијата, тивко без никој надвор тоа да го слушне. Сметам дека ова не е демократски, односно дефинирањето на критиката како непријателска дејност во ниту еден случај не можам да ја поврзам со модерните сфаќања за демократијата. Ако секој човек е слободен јавно да го искаже сопственото мислење и ако цензурата во нашата држава согласно Уставот е забранета, тогаш не гледам никаква оправданост за ограничувањето на моето право преку критика да се обидам да и помогнам на партијата која сакам повторно да почне да победува. Ова задушување на секое различно мислење и опкружувањето само и единствено со луѓе кои на сé и сешто знаат да кажат само „ДА“ и „разбирам шефе“ сметам дека е првата причина зошто ВМРО-ДПМНЕ не може повторно да почне да победува. Едноумието и неможноста да се трпи било каква критика не води кон прогрес туку кон една состојба на отсуство на демократија. Отсуството на демократија во партиите повлекува отсуство на демократија во државата. Од овие причини демократизацијата на партијата е првата работа што мора да ја направиме. Ова значи дека претседателот на партијата не смее да се бира на наместен конгрес, дека претседателите на општинските комитети треба да бидат бирани од членството врз основа на нивниот статус во општеството, партискиот стаж, но и визијата која ќе ја понудат за развојот на партијата. Критиката кон лидерот или лидерството на партијата не смее да се толкува како откажување од партијата. Зарем ако лидерот не води во бездна треба сите беспоговорно да го пратиме и секој што ќе каже дека треба да го смениме курсот е злонамерник и предавник?! Затоа ни е потребна суштинска и длабинска трансформација и изградба на современи, демократски, партиски органи и тела кои различното мислење нема да го карактеризираат како предавство и основ за исклучување од партијата. Ако ме прашате зошто ова не го направивте кога беше во врвот на партијата ќе одговорам кратко: Згрешивме. Тоа што сме згрешиле, не значи дека треба да продолжиме да грешиме.
Втора работа што треба веднаш да се направи е да се заземе јасен и конкретен, а не декларативен, про евро-атлантски курс на партијата и да се маргинализираат и изолираат сите струи или личности кои сметаат дека нашите стратешки партнери не се во ЕУ и НАТО туку на исток. Такви во ВМРО-ДПМНЕ постојат и партијата треба јавно и јасно да се дистанцира од тие ликови и тие политики. Ние сме денес полноправна членка на НАТО, самите ги имаме одбрано своите сојузници и било какви излети во спротивен правец се многу опасни и за државата и за партијата.
Трета работа што веднаш треба да се преземе е партијата да престане да практикува политики на национализам и популизам. Ставањето на се и сешто во национал-романтичарски контекст ја држи партијата длабоко заглавена во минатото. Ова е спротивно од тоа што треба да се изгради, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ да биде модерна, европска, центар-десна партија. Партија која е базирана на модерната десничарска идеологија, а не на идеологијата која ја имале нашите дејци. Нашите дејци живееле, твореле, учеле и се развивале во 19 и 20 век, ние учиме, живееме и твориме во 21 век. Науката, технологијата и воопшто животот е комплетно различен па затоа смешно делува и ги одбива неутралните гласачи кога лидерството на партијата смета или делува како да е реинкарнација на некои наши дејци. Гоце бил даскал, па ајде сега и нашиов даскал ќе го викаме. Не оди.
Други колумни од Никола Тодоров:
-Обединување под нови постулати
Четврто, ВМРО-ДПМНЕ треба да биде конструктивна опозиција. Во една нормална демократска држава колку што е важна власта, толку е важна и опозицијата. Но, доколку ВМРО-ДПМНЕ протестира за сé и сешто, доколку постојано сé и сешто блокира и доколку нема свои предлози во парламентот туку во најголем дел се концентрира на постојана критика, тогаш само ќе го намалува бројот на свои приврзаници и ќе ја губи поддршката од неопределените гласачи. Доколку политички ги задоволува само страсните вмровци, партијата постојано ќе губи. Но, доколку излезе од тој меур и се насочи кон Граѓанинот наместо кон власта, тогаш со сигурност ќе почне да ги враќа симпатиите кај неопределената јавност.
Петто, лидерот! Најпрво, новиот лидер треба да знае каде се става извичник, каде прашалник и најважно кога треба да се стави точка. Новиот лидер мора да си ја ограничи моќта во партијата уште пред да дојде на таа позиција. Новиот лидер треба да забрани неговата слика да биде обесена во секој еден општински комитет и да се гради култ на неговата личност. Новиот лидер треба да знае да поднесе критика, да прифати совет и постојано да се труди да креира пријатели, наместо непријатели. Политиката е таква професија, или си инклузивен или си поранешен. Новиот лидер мора да знае дека оставката е врвен демократски чин, а не кукавичлук. Новиот лидер мора да биде голем работник, помалку да филозофира, а повеќе да делува, да не го губи времето на непродуктивни сплеткарења, кафански седенки и оговарања. Да знае да состави тим и да привлече квалитетни личности. Првиот човек мора да има способност за менаџирање со сложени операции и знаење како да постави организација која ќе функционира. Не смее постојано да живее во свет на замислени завери, да биде склон кон конспирации и да делува само откако претходно ќе ги провери информациите од повеќе независни извори. Многу е важно лидерот да си ја остави суетата дома. Не смее партијата или народот, а уште помалку државата да биде жртва на било чија суета, па дури тоа бил и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Конечно, за да биде лидер мора да има харизма. Ако нема харизма, ако не го задржува вниманието на гледачот или слушателот, ако не води напред и ако нема сопствена визија за тоа каква иднина сака да продуцира, тогаш никој нема ни да го следи. А човекот е лидер само ако неговите следбеници стојат уз него. Лидер со харизма во ВМРО ќе го прегази СДСМ на следните избори, кога и да се тие, што и СДСМ да прави или да не прави. Овие последниве избори го докажаа тоа. Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше водено од лидер со харизма ќе победеше со 100.000 гласови разлика. Затоа лидер се избира мудро и затоа секој не може да биде лидер.
За крај би сакал да укажам на една општествена дегенерација која не следи цела вечност и која ни го разорува општеството и нацијата според која луѓето повеќе се радуваат на туѓата несреќа отколку на сопствената среќа. Се додека се обидуваме да живееме туѓи животи и се додека не си ја посакуваме сопствената среќа наместо туѓата несреќа нема да можеме да се воздигнеме како нација.