Со избори се троши време, без избори уште повеќе
5 октомври 2018Владејачката коалиција прво ќе се обиде да добие опозициска поддршка за уставни промени, а доколку тоа не се случи - неизбежни се избори. Ваквиот став на премиерот Заев, само делумно е потврден од коалицискиот партнер ДУИ, која смета дека во моментов приоритет за државата е изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Договорот во парламентот. Таа упати повик до останатите партии да работат на создавање услови за имплементација на Договорот. Централното претседателство на ДУИ кое заседаваше синоќа, смета дека „во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, бидејќи ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ“.
„На референдумот излегоа преку 650.000 граѓани, од кои над 90%, или 610.000 граѓани се изјаснија позитивно, со што јасно се отсликува волјата на граѓаните за влез на земјата во ЕУ и НАТО и за прифаќање на договорот од Преспа. ДУИ смета дека потпишаниот и ратификуваниот Договор претставува меѓународна обврска на државата, и во таа насока ги поздравува пораките испратени од меѓународните пријатели, пред сè од САД, ЕУ и земјите - членки на Унијата, во кои јасно и недвосмислено се повикува парламентот да ја преземе обврската за спроведување и имплементирање на Договорот од Преспа“, соопшти ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ на иста позиција
Ваквиот став на ДУИ доаѓа во време кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од чии пратенички гласови зависи двотретинското мнозинство за уставни измени, повторно најави дека нејзините пратеници нема да гласаат за уставни промени.
„Ставот на пратеничката група беше јасен и пред референдумот, јасен е и сега, а тоа е дека пратеничката група ќе ја следи волјата на граѓаните. Волјата на граѓаните е јасна, референдумот пропадна, така што јасно е сѐ“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, по синоќешната седница на партискиот Централен Комитет.
Запрашан - дали пратениците потпишувале изјави дека нема да прифатат уставни измени, тој рече дека „во овој момент нема таква активност, но целата пратеничка група е единствена дека не треба да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име“.
Повеќе: Што кријат стенограмите од лидерските средби?
Во тој контекст, прашањето е врз основа на кои проценки ДУИ се надева дека процесот ќе биде завршен во парламентот и без потреба од вонредни избори. Извори од владејачката коалиција тврдат дека има сознанија оти пратеници од опозицијата сепак би гласале за уставни измени, и покрај притисоците што се вршат врз нив. Засега никој не лицитира со бројка на опозиционери кои би гласале „за“, дел за да не предизвикаат опасност тие да бидат изложени на нови, дополнителни притисоци, а дел поради фактот дека „разговорите сѐ уште не се финализирани“.
Од друга страна, функционери во владејачката коалиција се убедени дека предвремените избори се реална нужност, не само заради уставните промени, туку затоа што двотретинско мнозинство ќе биде потребно и за голем број закони.
„Не сакаме да се доведеме во ситуација на постојани опструкции и условувања од ВМРО-ДПМНЕ, какви што имаше безброј досега, а кои и во иднина би го кочеле и компромитирале реформскиот процес“, велат тие.
Повеќе: Заев: или одлука во парламентот или предвремени избори
Сигнал дека во работите ќе се одвиваат во насока на нови опструкции, тие гледат и во фактот што ЦК на ВМРО-ДПМНЕ вчера ги потврди сите заклучоци/барања што ги донесе Извршниот Комитет претходниот ден: разрешување на Јавниот обвинител и избор на нов на предлог на опозицијата, со цел истражување и процесирање на сите нерегуларности на референдумскиот процес, формирање Анкетната Комисија во Собранието што треба да ги истражи сите нерегуларности, и доколку има избори формирање влада по пржински модел, со мандат од 100 дена. ЦК донел и заклучок Општинските Комитети итно да ги формираат Општински изборни штабови, кои ќе функционираат до завршувањето на претседателските избори.
Пријави за фалсификат
Но, и покрај ваквата подготовка, од ВМРО-ДПМНЕ нема потврда дали ќе одат на избори, со оглед дека премиерот ги одби условите што ги постави партијата. Одговор синоќа избегна и потпретседателот Николоски.
„Нашите услови се јасни, јас кажав вчера и ќе повторам и денес. Ние битката не ја водиме за власт, битката не ја водиме за избори, ниту ја водиме за доаѓање на власт. Заев порано или подоцна ќе си оди. Битката ја водиме за зачувување на името на Република Македонија и сме среќни што со исходот од резултатот уставното име на Република Македонија е зачувано. Сѐ друго е второстепено и небитно“, рече Николоски.
Повеќе: ВМРО-ДПМНЕ во нова радикализација на штета на Македонија
Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за фалсификат на референдумските резултати синоќа завршија со најава дека партијата денеска ќе поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против повеќе од 200 лица: претседатели, заменици-претседатели, членови, заменици-членови и Избирачки Одбори на гласачки места во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај. Партијата ќе поднесе и кривични пријави против службени лица од МВР кои несовесно ја вршеле службената дејност.
ВМРО-ДПМНЕ синоќа ги повика сите граѓани на Република Македонија „да се обединат кон праведноста и заштита на државните и националните интереси, како и кон ставање на конечен крај на последната гарнитура политичари од транзицијата што ја предводат СДСМ и Владата на Република Македонија“.