Како судиите да излезат од партиски тефтер?
11 мај 2017Лидерот на СДСМ и пред и по изборите најави генерален реизбор на судии. Во правосудни кругови велат дека таква можност реално не постои, но дека се можни мини-реформски чекори кои ќе ги ослободат судиите и обвинителите од политичка контрола, страв и од разни евиденции и оценки во партиски тефтери.
Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд, вели дека судството е во длабока криза, бидејќи има голема разлика меѓу тоа што ќе се напише и декларира, и тоа што ќе се реализира.
„Ние 15 години веруваме дека правиме реформи. Имавме голема странска помош за практична обука на судии и обвинители во земји од ЕУ и САД. Но, кога после се, судии ќе седнат во скутот на власта и стануваат контролирани и несамостојни, тие го внесуваат судството во длабока криза каква што имаме денес. По толку пари и обуки во Академијата за судии и обвинители, политичкото влијание ја искриви работата. Како последица на тоа претседатели на судови денес се изживуваат со годишни распореди за работа, со префрлување на судии од предмет на предмет и со други 'сваровски' методи“, вели Ивановски.
Тој потенцира дека сега не е можна целосна кадровска промена во судско-обвинителскиот систем, но со одредени промени може да се постават темелите на идни потемелни реформи.
„Она што е можно, е да се зајакне контролата каков кадар влегува во тој систем, бидејќи судскиот и обвинителскиот Совет не го направија тоа. Во однос на тие тела може да се направат законски и кадровски измени. Да се намали нивниот број, да не се професионализира целосно тоа тело, туку само делумно. Треба да се смени републичкиот јавен обвинител и да се формира судско одделение кое ќе работи на предметите од СЈО, исто како што има одделение за организиран криминал, за мололетнички криминал и други... Сето тоа ќе го смени манирот на однесување, ќе ќе овозможи самостојност и ќе ги растовари судиите и обвинителите од досегашниот страв од власта. Кадрите ќе можат да се вратат на професијата. Промени нужно ќе следат и кога ќе се отворат соодветните поглавја во преговорите со ЕУ, така што, сакале или не сакале, судството секако ќе мора да се реформира“, уверен е поранешниот уставен судија.
Смета дека потемелни промени може да се инцицираат преку Министерството за правда , откако за една година ќе се направи темелна анализа на состојбите во правосудството.
Филтерот е во Академијата
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вината за состојбите во судството и критериумите за избор на судии не ја гледа во Судскиот совет и посочува дека „филтерот“ е во Академијата за судии и обвинители. Таму кандидатите поминуваат 9 -месечна обука по која полагаат теориски дел, потоа под менторство на судии и обвинители имаат практична обука до 2 години, и на крајот полагаат завршен испит.
„Тие што ќе го полжат испитот, влегуваат на ранг-листата и од таа листа се регрутираат и судии и обвинители“, вели Караџовски.
Смета дека не може да биде разнишана позицијата на ова тело, бидејќи со амандманот 28 од Уставот е утврдена неговата позиција: членовите имаат мандат од шест години со право на реизбор од уште шест, а со законските измени од 2015 година, претседателот има мандат од три години, со право на уште еден реизбор. Потенцира дека нема никаква уставна и законска можност за генерален реизбор на судии, ниту дека има такви „европски практики“ на кои се повикал лидерот на СДСМ, при најавата на таа можност.
„Мандатот на судиите е неограничен до 64 години, а за промена на сегашните одредби во Уставот и Законот за судови е потребно двотретинско мнозинство“, потенцира Караџовски.
Поранешни судии и обвинители се согласуваат дека за темелни реформи е потребно двотретинско мнозинство, но исто така сугерираат дека законите за судскиот и обвинителскиот совет се носат со просто мнозинство и дека во тие тела може да се направат одредени измени, бидејќи таму го лоцираат главниот проблем.
Сепак, ветрови на минимални промени веќе се чувствуваат. Основниот суд Скопје 1 на барање на Специјалното Јавно Обвинителство, вчера донел решение за замрзнување на целиот движен и недвижен имот на сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан, во фирмите каде што тој има удел и неговите приватни сметки. Вакво решение до пред еден месец би изгледало сосема неверојатно. Против Кочан се води постапка за предметот „Труст“ и беше донесено решение за мерка притвор, но тој веќе еден месец во бегство. СЈО го сомничи дека во 2011 година на тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаловина доставил фалсификувани документи за наводна техничка и кадровска опременост на неговата компанија и на тој начин заедно со уште две фирми незаконски наплатил 17,2 милиони евра.
Груевски: Сакаат да ги заплашат судиите
Со оглед дека Кочан беше сопственик на провладината ТВ „Нова“, правни експери очекуваат уште денес ВМРО-ДПМНЕ да почне со „ламентирање за наводни медиумски притисоци“, свесно игнорирајќи ги основаните правни причини за ваквата одлука. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, уште вчера обвини дека изјавата на Заев за промени во судството е наменета за заплашување на судиите и заштита од постапките кои се водат против него.
„Под плаштот дека сака да направи реформи, сака да ги заплаши судиите. Не смее да се случи повторно да завладеат со судството од партиска позиција. Во 1996 година во еден ден назначија 600 судии во услови кога опозицијата не беше во парламентот. Во 2002 година извршија брза измена на законот за Судски совет, го сменија Судскиот совет и започнаа нова тура притисоци и партизирање на судството. Сега повторно зборуваат за промени на судиите, инспирирани од желбата да се сопрат постапките што се водат против нив и да завледеат повторно со судството од партиска позиција. Тоа не смее да се случи“, рече Груевски, и најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи за реизбор на судиите, односно за законски измени за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Партијата, во чиј мандат според Извештајот на ЕК, Македонија станала партиски „заробена држава“, уште сега за партизација ги обинува опонентите. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски изјави дека планот на СДСМ не е да понуди проекти кои што ќе го подобрат животот на Република Македонија, туку се дека состои од три дела: реваншизам, политички монтирани процеси и целосно партиско поклопување на институциите.
„Мислам дека тоа нема да им помине (...) и на крај ќе заврши со едно големо фијаско“, изјави тој.
Според експерти, фијаско би било ако судиите и обвинителите од еден партиски тефтер влезат во друг, но ако си ја вратат независноста - тоа би било нивна голема победа.