Војната во Украина – пет сценарија за можен исход
6 март 2022Без оглед на критиката од цел свет и острите санкции, Москва ги продолжува нападите врз Украина. Од аспект на западните влади и експертите, постојат пет можни сценарија за идните недели и месеци.
Прво сценарио: Воена пат позиција
Досега украинската армија се спротиставува на руската инвазија: обидот за заземање на Киев со десант беше осуетен во првите денови од војната. И други важни градови како Харков и Мариупол се и натаму под украинска контрола. Многумина Украинци се приклучија на украинските трупи. Со помош на западното оружје и тајните служби, украинските сили можат да бидат во состојба да го задржат Киев и да изнудат воена пат ситуација. Слабеењето на руската економија по санкциите би можело да го принуди рускиот претседател Путин да ја промени својата калкулација.
„Западот би можел со своите санкции да го доведе Путин до откажување од неговата централна воена цел – ликвидирање на украинската влада и инсталирање проруска марионета“, пишува Семјуел Чарап од американскиот тинк-тенк Ранд Корпорејшн.
Второ сценарио: Внатрешнополитички пресврт во Русија
Можноста Путин да биде соборен преку народен бунт или пуч, засега се чини мала, иако набљудувачите не ја исклучуваат. Кремљ тврдо се пресметува со независните и странските медиуми и се обидува да ја зацврсти позицијата на ултралојалните државни медиуми во креирањето на јавното мислење.
Сепак на многу места се одржуваат помали антивоени демонстрации, на кои според сознанијата на организациите за човекови права, уапсени се најмалку 6.000 лица. Поддршката за Путин се рони и кај владејачката елита : одделни олигарси, пратеници, па дури и приватниот нафтен концерн Лукоил бараат крај на војната.
„Личната безбедност на Владимир Путин е многу добра и и натаму ќе биде многу добра, сѐ додека нема да биде“, вели Елиот А. Коен од тинк тенкот Центар за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон: „Тоа повеќепати се случило во советската и во руската историја“.
Трето сценарио: Воен успех на Русија
Со оглед на воената надмоќ, западните безбедносни експерти очекуваат натамошно напредување на руските трупи. Францускиот претседател Емануел Макрон, по телефонскиот разговор со Путин во четвртокот, дојде до заклучок дека „најлошото допрва претстои“ - Путин сака „преземање контрола над цела Украина".
Но, дури и ако руските трупи го соборат украинскиот претседател Володимир Зеленски и го скршат украинскиот отпор, Москва би се нашла пред предизвик да окупира земја со 40 милиони жители.
„Да се продре во некој град не е исто што и тој да се држи под контрола“, пишува британскиот воен историчар Лоренс Фридман од Кралскиот колеџ во Лондон.
Четврто сценарио: Проширување на конфликтот
Украина граничи со четири поранешни советски држави, кои сега припаѓаат на НАТО. Доколку биде нападната една членка, тоа се смета за напад врз целата Алијанса. Речиси ниеден експерт не очекува Путин да нападне членка на НАТО и да ризикува нуклеарна војна, но можни се провокации.
Политикологот Чарап предупредува од „ризици од несреќа, инцидент или погрешна проценка, кои би можеле да водат до војна меѓу НАТО и Русија“. На пример, можно е залутана ракета или сајбер напад да бидат повод за проширување на војната.
Путиновиот идеал за Русија со советски димензии и неговото ветување за заштита на руските малцинства оставаат простор од стравувања од натамошни територијални претензии. По Украина, се шпекулира дека Путин може да ја земе во визирот и поранешната советска Република Молдавија.
Петто сценарио: Конфронтација со НАТО
Досега се исклучува директна конфронтација меѓу НАТО и Русија, зашто за последица би имала атомска војна и меѓусебно уништување. Путин меѓутоа му се закани на Западот со нуклеарно оружје, ставајќи ги нуклеарните одвратувачки борбени сили во состојба на готовност.
Западните аналитичари сметаат дека ваквите закани треба да ги одвратат САД и Европа од намерите за интервенции, како на пример воведување зона на забрана за летови над Украина.
„Овие најави се наменети во прва линија кон западната публика, да предизвикаат страв и несигурност во нашите општества. Тие се без основа“, вели Густав Гресел, експерт за ракетна одбрана во тинк тенкот Европски совет за меѓународни односи.