1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како ќе се делат милијардите евра во ЕУ?

Артур Саливан
22 јули 2020

Лидерите на земјите на ЕУ направија голем исчекор со договорот за фондот за економско опоравување. Но, дистрибуцијата на 750 милијарди евра заеми и грантови ќе биде тешка задача, а враќањето на парите- уште потешка.

https://p.dw.com/p/3fh4s
Belgien Abschluss EU-Gipfel
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл МишелФотографија: Reuters/S. Lecocq

Тоа беше најдолгиот самит на ЕУ во последните, речиси, 20 години. Па кога претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел твитна „Договор!“ во 5:31 часот во вторникот наутро, се јави чувство на олеснување, но и на интрига во врска со точните детали од договорот.
Оние кои ги паметат постојаните најави за „сега или никогаш“ самити на ЕУ за време на кризата во еврозоната од 2009 до 2012 година, можеби нема да им се допадне придавката „историски“ која му беше налепена на последниот собир на лидерите. Но овој договор е секако од историско значење. За првпат во историјата, ЕУ формираше некој вид на должничка унија.
Најпрво, ЕУ го договори седумгодишниот буџет кој е тежок 1,074 милијарди евра. Историскиот дел е посебниот фонд за опоравување од пандемијата вреден 750 милијарди евра. Од нив, ЕУ- членките ќе добијат 390 милијарди евра во форма на грантови, и 360 милијарди како заеми.
Иако првичниот план беше да се поделат 500 милијарди евра како грантови, сепак и намалената сума од 390 милијарди е исчекор затоа што за првпат колективно ќе се позајмува на пазарите.

Златна кокошка

Одлуката и дава за право на Европската комисија да ги позајми тие пари, преку издавање обврзници со доспеаност од три до 30 години. Планот е парите да почнат да се враќаат од 2027 година натаму, а исплатата да заврши до 2058. Од тие 390 милијарди евра, околу 80% или 312 милијарди ќе бидат лоцирани во ткн. Програма за обнова и отпорност на ЕУ. Земјите-членки ќе имаат пристап до милијардите од 2021 до 2023 година. Остатокот од средствата- 77,5 милијарди- ќе бидат додадени во постојните буџетски програми на ЕУ со кои нуди помош во форма на грантови.
Сумата од 312 милијарди евра е најважниот дел од целиот договор. За да добијат пристап до грантовите, кои нема да се враќаат, земјите-членки мораат да подготват планови за национално опоравување и да дадат одредени гаранции.
Кои се тие гаранции?
Во изјавата од Европскиот совет по самитот се наведува дека земјите мора да изготват планови за дигитални и реформи на зелената економија.
„Попрецизно, плановите треба да ги зголемат растот и работните места и да ја зајакнат ’економската и социјалната отпорност’ на ЕУ членките“, се наведува во соопштението. И други реформи поврзани со работничките права и пензиите, во зависност од земјата, исто така ќе бидат потребни.

Право на блокада

Една од најдебатираните точки во Брисел беше начинот како ќе се распределат фондовите. Првичниот план предвидуваше тоа да се прави според критериумите од пред пандемијата на коронавирусот, но сега, распределбата ќе биде стриктно поврзана со економските штети предизвикани од кризата. Согласно тоа, земји како Италија и Шпанија ќе добијат огромни суми пари. Но во теорија, секоја членка на ЕУ ќе профитира.
Притоа, воведени се и контролни механизми кои ќе им овозможат на земјите-членки да приговараат доколку други членки не ги исполнуваат ветените реформи. Земјите-членки можат да ги блокираат финансиските трансфери од Брисел до три месеци, но Комисијата ќе го има конечниот збор.

Infografik EU Aufbaufonds Geber Empfänger EN
Кој ќе добива, а кој ќе плаќа во фондот за опоравување на ЕУ.

Кој ќе ги враќа парите?

Најрелевантното прашање околу фондот за опоравување е како ќе се финансира враќањето на парите позајмени на финансиските пазари. Се работи за сума од 750 милијарди евра.
Од вкупната сума, 360 милијарди ќе ги враќаат поединечно земјите-членки согласно сумата која ќе ја позајмат. Останатите 390 милијарди ќе бидат отплаќани колективно од страна на ЕУ. За да се обезбеди договорот беа направени компромиси и кратења на оригиналниот предлог.
Првичниот план предвидуваше колективни инвестиции во области како здравство, миграции и други ЕУ програми. Но, поголем дел од тоа беше скратено за да се осигура дека главнината ќе може да се насочи кон финансирање на економското опоравување на поединечните земји.
Оригиналниот план предвидуваше нови зелени и дигитални даноци низ целата ЕУ, кои потоа би се вратиле во колективниот куфер на ЕУ и со нив би се отплаќале заемите. Но, на самитот на ЕУ беше договорен само нов данок на пластичен отпад. Има најави за дополнителен данок на емисии на јаглерод и данок на дигитални услуги, но тие не беа договорени и на тие приходи засега не може да се смета.
Дополнително, фондот за опоравување беше договорен паралелно со новиот седумгодишен буџет, па ткн. Штедливи земји (Холандија, Австрија, Шведска и Данска), заедно со Германија, добија и попусти на нивните годишни придонеси во буџетот на ЕУ.
Сето тоа укажува на фактот дека, иако договорот може да се смета за витален тоник за преживување на економиите на ЕУ, тој исто така ќе биде и голем товар за буџетите во иднина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема