Караџиќ бара слобода, обвинителите - доживотен затвор
23 април 2018Претставниците на обвинителството и на Радован Караџиќ, застапник на сопствената одбрана, пред Механизмот за меѓународни кривични судови (ММКС) два дена усно ќе ги образложуваат жалбите поднесени за пресудата од 40 години затвор, која Хашкиот трибунал ја изрече во март 2016. година.
Таа казна на Караџиќ му е изречена поради геноцид во Сребреница, злосторство против човештвото, на прво место поради прогон на Бошњаци и Хрвати во БиХ, артилериски и снајперски терор над Сарево и земање на припадници на мировните сили од ОН за заложници. Тој беше ослободен од вината за геноцид во седум западни општини во БиХ.
Првично бившиот претседател на Република Српска беше обвинет заедно со Ратко Младиќ, командант на војската на Република Српска. Пред 22,5 години, во ноември 1995. година, првиот главен обвинител на Хашкиот трибунал, Ричард Голдстон поднесе против „претседателот на властите на босанските Срби на Пале“ и „командантот на војската на босанските Срби“ тужба поради геноцид, злосторство против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување, извршени во Сребреница во јули таа година.
Двајцата со години беа во бегство од меѓународната правда, скривајќи се во Србија. Караџиќ беше уапсен 13 години подоцна, на 21. јули 2008. година, а Младиќ во мај 2011. година, по 16 години сокривање.
Обвинението против нив е изменето и бидејќи не беа уапсени заедно, поделено во две речиси исти, па во Хашкиот трибунал им се судеше поединечно за исти обвиненија, на прво место поради геноцид.
„Од месечина се гледа дека сум невин“
Судењето на Радован Караџиќ почна во октомври 2009. година, еднипол година пред апсењето на Младиќ, а доказните постапки беа завршени во октомври 2014. година. И на Караџиќ и на Младиќ првостепените пресуди им беа изречени во Хашкиот трибунал, а правосилните, односно конечните, ќе ги донесе Жалбениот совет на Механизмот за меѓународни кривични судови, „правосуден наследник“ на Трибуналот, пред кој ќе бидат довршени преостанатите постапки.
Караџиќ со помош на своите правни советници Питер Робинсон и Кејт Гибсон се жалеше за „неправично судење“, бидејќи судиите, како што тврди, наместо кон претпоставка на невиност, упорно се држеле кон „претпоставка на вина“ и не се обѕрнувале на доказите на одбраната. Во жалбата е истакнато дека Караџиќ бил изложен на политичко судење, на кое е однапред осуден, како тој, така и босанските Срби.
Неговите жалбени основи се целосно исти како и изјавите по изрекувањето на пресудата. Тој рече дека 40-годишната казна затвор е „вџашувачка“, зашто и од „месечина се гледа неговата невиност“ и дека очекувајќи ослободителна пресуда во првостепената постапка, веќе ги имал спакувано куферите за да замине дома. Таква пресуда сега очекува од Жалбениот совет.
Повеќе:
Паралелниот универзум на Ратко Младиќ
Пресудата за Караџиќ - задоцнета правда
Ослободен од обвиненија за геноцид во седум општини
Обвинителствот мисли сосема спротивно. Главниот обвинител Серж Брамерц и неговиот тим својата жалба ја концентрираа само на првата точка од обвинението - наводен геноцид во општините Братунац, Власеница, Зворник, Фоча, Кључ, Приједор и Сански Мост, извршен во 1992. година, а за што Караџиќ беше ослободен од секаква вина.
Во тие седум општини , тврди Обвинителството, тортурата над несрбите, убиствата и прогоните врз политичка и верска основа имале геноцидна цел за трајно отстранување на муслиманите и Хрватите од тие територии. Караџиќ, истакнуваат обвинителите, значително, ако не и пресудно учествувал во остварувањето на таа цел.
Обвинителите истакнаа дека жртвите на злосторствата во споменатите општини не биле поединци, туку цели „несакани заедици“ и заклучуваат дека геноцидот е единствено вистинско име за тоа злосторство. Тие бараат од Жалбениот совет да ја преиначи казната од 40 години во доживотен затвор.
Во жалбената расправа обвинителите и обвинетиот, кој се брани со помош на американски правни советници, само уште еднаш ќе ги вкрстат гледиштата. Пресудата ќе ја донесат судиите на Жалбениот совет, најверојатно дури во следната година. Тоа се претседавачот Теодор Мерон, Вилијам Хусеин Секуле од Танзанија, Шпанецот Хозе Солес, Данецот Вагн Јенсен и Грациела Сантана од Уругвај.