Караџовски: Семејните прослави ни се удрија како бумеранг
8 јуни 2020Олабавувањето на мерките ни се удри како бумеранг пред и за време на Рамазан Бајрам, вели претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски. Тој, заедно со министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери, денеска на прес-конференција презентираа податоци за ширењето на коронавирусот во земјата во последниот период.
„На 26 мај предложивме олабавување на мерките, но она што се случи потоа се должи на тотално непочитување на превентивните мерки- носење маска, спречување на групирање повеќе од две лица- што ни се удри како бумеранг за време на прославите за Рамазан Бајрам“, изјави Караџовски. Епидемиологот вели дека 20% од населението „не ги сфаќа сериозно ниту неговата Комисија ниту болеста".
„Само тие што не биле на Инфективна клиника не знаат колку е мачна таа атмосфера. Господ не може да помогне ако народот не ги почитува мерките“, рече Караџовски. Тој признава дека некои од мерките кои ги предлагала Комисијата во изминатиот период „биле преиначени од Главниот кризен штаб“, но не кажа за кои мерки конкретно се работи.
Коронавирусот во Северна Македонија е концентриран во 12 града во земјата кои опфаќаат 97,5 отсто од случаите.
Караџовски и Филипче велат дека вирулентноста на вирусот е ослабена, а тоа го докажуваат помалиот број на хоспитализации и повисокиот процент на асимптоматски случаи. Според Зибери, од 659 активни случаи во главниот град Скопје повеќе од половината или 360 случаи се асимптоматски. Притоа, откриени се вкупно 3,500 лица кои биле блиски контакти на активните случаи во главниот град. Во Скопје се регистрирани вкупно 41 кластери, но речиси 90% од случаите отпаѓаат на 20 кластери- групи на луѓе кои се поврзани меѓусебе, најчесто семејно.
3.500 лица блиски контакти на активни случаи во СК.
Во изминатото деноноќие регистрирани се 127 нови случаи на Ковид-19 во: Скопје-67, Куманово-1, Дебар-1, Штип-33, Тетово-10, Струга-5, Охрид-6, Кочани-2, Пробиштип-2. Тројца пациенти заболени од Ковид-19 починале од болеста.