Каталонија: Адиос Шпанијо! Адиос ЕУ?
13 септември 2017Во ЕУ од 2004. година е во важност т. н. Барозо-доктрина, именувана според тогашниот претседател на Европската комисија. Според неа, нова држава, произлезена од земја-членка на ЕУ, која прогласила независност, веќе не е дел од ЕУ, а уште помалку е автоматски нова членка. Со оваа формулација Жозе Мануел Барозо сакаше да им го одземе ветрот од едрата на движењата за независност во белгиска Фландрија, во Баскија во Франција и Шпанија, во Северна Ирска, во северна Италија и во Каталонија. Во 2014. година Барозо го повтори своето толкување на правото во интервју за Би-Би-Си, кога актуелен повод беше можната независност на Шкотска.
Портпаролите на ЕК во моментов во Брисел речиси секојдневно ја повторуваат оваа Барозова доктрина, одговарајќи на постојано поставуваните прашања на шпанските новинари - дали независна Каталонија ќе стане членка на ЕУ. Краткиот одговор гласи - не. Каталонската влада пак радо го тврди сосем спротивното. Таа е убедена дека 7,5-те милиони Каталонци од североисточниот дел на Пиринејскиот Полуостров можат на 1. октомври, преку народното изјаснување, да ја напуштат шпанската федерална држава, но истовремено да останат граѓани на ЕУ.
Можен е повторен прием во ЕУ
Ако навистина настане независна држава Каталонија, таа, според ЕУ-договорите, може да побара прием во ЕУ. Но, таа мора да го помине целокупниот процес на приклучување, што може да трае со години. Сите ЕУ-членки, вклучувајќи ја и Шпанија, треба да дадат зелено светло за пристапните преговори. Што е малку веројатно во случајов.
Од економски аспект, мислењето на многумина стручњаци, претпријатија и банки и во Каталонија е дека тешко би ја преживеале независноста и со неа барем привременото збогување од ЕУ. Извозот на каталонската автомобилска индустрија денес речиси исклучиво се врши во државите од ЕУ. Како трета држава, Каталонија ќе треба да плаќа царини и би морала да склучи трговски договор со ЕУ. Не е сосем јасно како би се одразила каталонската државност врз директната граница со ЕУ-членката Франција. Голем дел од транспортот на стоки и на луѓе од Шпанија сега се одвива токму преку оваа граница, која би станала надворешна граница на ЕУ. Каталонците веројатно би смееле да ја задржат европската заедничка валута - еврото, но каталонските банки би биле исклучени од системот на европските централни банки. Така, тие би биле оставени сами на себе, а оценката за нивната кредитна способност сигурно ќе се намали. Последиците се тешко предвидливи.
Не само политички, туку и економски, државноста на шпанскиот регион Каталонија би била голема авантура, претпоставува економскиот експерт Георг Абег во „Виршафтсвохе“. Абег работи во Барселона и Мадрид за канцеларијата „Редл и партнери“:
„Владејачките политичари на Каталонија воопшто не им ги разјаснуваат овие работи на Каталонците, а референдумот на тој начин станува слично апсурден како и Брегзитот. Дури и ако референдумот беше легален, неможно е поставување единствено на прашањето - дали се сака разделување од Шпанија или не.“ Регионот Каталонија има високи долгови. Кон шпанската централна држава, веднаш по независноста, би достасале за плаќање десет милијарди евра.
А како беше со Германската Демократска Република?
Заговарачите на каталонската независност често и на драга волја укажуваат на тоа дека и Германската Демократска Република во 1990. година беше примена во ЕУ. Но, правниците од ЕУ ја истакнуваат разликата. ГДР на 3. октомври 1990. година пристапи кон ЕУ-членката Сојузна Република Германија. Значи, во случајов имаше пристапување, а не излез. Постапката едногласно беше одобрена од членките на ЕУ. Патем, и Шкотска, ако реши да се раздели од Велика Британија, ќе мора да го помине вообичаениот пристапен пат, повторува одново и одново ЕК. Меѓутоа, Велика Британија самата, по Брегзит, нема да биде членка на ЕУ и не би можела да го спречи гласањето за отворање пристапни преговори со Шкотска. Тука е и случајот со Гренланд. Арктичкиот остров во 1985. година, на своја желба, се раздели од ЕУ, откако стана, повеќе или помалку, независен од Данска. Но, Гренланд, според меѓународното право, не е држава, ниту членка на ЕУ. Ова звучи премногу комплицирано? Навистина е комплицирано и затоа сигурно уште долго ќе ги преокупира судиите во Европскиот суд на правдата и бројни други правници.