1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Киев бара преговори со Русија во Мариупол

ЖА | АРД | агенции
21 април 2022

Украина предложи разговори со Русија без предуслови. Русија во меѓувреме контролира најголем дел од Луганск. Украинскиот безбедносен совет предупредува – руската голема офанзива уште не е почната.

https://p.dw.com/p/4AAy0
Ukraine | Rauch steigt am Stahlwerk in Mariupol auf
Облаци чад над челичарницата во МариуполФотографија: MARIUPOL CITY COUNCIL/REUTERS

Поради катастрофалната ситуација во завојуваниот Мариупол, Украина предложи одржување „специјална преговарачка рунда“ со руски претставници во  стратешки важниот пристанишен град  во јужниот дел од земјата. Можни се безусловни преговори, напиша шефот на украинскиот преговарачки тим и советник на претседателот, Михаило Подољак на Твитер. Целта е спасување на украинските борци, војници и цивили.

Украинските војници во  Мариупол вчера, по речиси двомесечни жестоки борби, објавија  драматичен апел за помош. „Ги живееме можеби нашите последни денови или часови“, објави украинскиот командант Сергиј Волина. Москва на украинските војници им постави нов ултиматум за предавање, кој истече вчера на пладне.

Преостанатите украински војници во  Мариупол се забарикадирани во челичарницата, од каде пружаат огорчен отпор против руските напаѓачи. Според информации на градските власти, во подземните тунели во челичарницата се наоѓаат и уште најмалку илјада цивили.

Отворањето бегалски коридор за цивилите вчера пропаднало, соопшти Киев зашто руските трупи не го почитувале договорениот прекин на огнот и ги блокирале автобусите за евакуирање, како што изјави заменикот премиер, Ирина Верешчук.

Русија очигледно контролира најголем дел од Луганск

Според украински информации, осум недели по почетокот на руската инвазија врз Украина, најголем дел од регионот Луганск се наоѓа под руска контрола. По повлекувањето на украинските трупи од малиот град Кримена, руските единици контролираат околу 80 проценти од областа, соопшти гувернерот на Луганск, Сергиј Хајдај на Телеграм.

Мариупол не се предава

И градовите Рубишне и Попасна во Луганск во меѓувреме се „делумно“ под руска контрола. Околу нив со недели се водат интензивни борби. Гранатирањето и овде е засилено, напиша Хајдај. На почетокот на војната на 24 февруари, сепаратистите на „народната република“ Луганск под своја контрола имаа околу 30 проценти од регионот.

Големата офанзива уште не е почната

Секретарот на украинскиот безбедносен совет смета дека  големата руска офанзива  во Украина уште не е почната. Во вторникот утрото започнаа координирани напади вдолж целата фронтовска линија на териториите на Доњецк, Луганск и Харков, изјави Олексиј Данилов во едно радио интервју, како што пренесува украинскиот интернет весник „Украинска правда“ синоќа, но постои веројатност притоа да станува збор само за „пробни напади“. Кога вистински ќе почне т.н. голема офанзива, е само прашање на време, изјави Данилов. Москва во наредните две до четири недели може постојано да довлекува нови ресурси и резерви. Данилов истовремено предупреди да не се мисли дека борбите во Донбас ќе бидат последната и решавачка битка во оваа војна: „Не би бил толкав оптимист, можно е пред нас да претстојат уште многу различни нешта.“