1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема игри на националистичка карта!

3 септември 2021

Предизборните коалиции меѓу македонски и албански партии, носат предност: партиите не ќе можат да играат на „традиционалната“ националистичка карта.

https://p.dw.com/p/3zr8d
Што може да донесат надетничките предизборни коалиции?
Што може да донесат надетничките предизборни коалиции?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Локалните избори ги мобилизираа сите. Не постои град, село, маало каде што нема инвазија од партиски тимови кои ги слушаат проблемите на локалните жители и ветуваат решенија на проблемите. Зголемен е бројот на независни листи и кандидати, партиите се натпреваруваат во изборот на кандидатски адути и веќе тече еден вид преткампања на кампањата.

Зошто овие локални избори, во време на пандемија, станаа толку атрактивни? Лествичката ја крена опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот претседател Христијан Мицкоски највува дека „ова се одлучувачки избори, на кои силна победа на опозицијата ќе значи делегитимирање на власта“. Со цел што повеќе субјекти да се обединат во таа насока, пред една недела ВМРО-ДПМНЕ официјализираше прва предизборна соработка со партии од албанскиот блок - Алијанса за Албанците и Алтернатива, како противтежа на коалицијата меѓу владините партнери. Тоа ги разби досегашните критики дека ВМРО-ДПМНЕ е партија без коалициски капацитет кога е во прашање партнер од албанскиот блок.

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Здраво за демократијата

Што може да донесат ваквите предизборни коалиции?

„Надетничките предизборни коалиции се здрави за демократијата, особено во Северна Македонија", вели аналитичарот Џелал Незири.

„Тие имаат две компоненти: како прво се склучуваат од реал-политички намери, т.е. да се дојде до подобар изборен резултат, и како второ се потпираат на неетнички и државни каузи. Ваквите коалиции ги ограничуваат партиите во нивните кампањи со тоа што не можат да играат на националистичка карта, а од друга страна ги мобилизираат да излезат со квалитетни, искрени и креативни понуди пред граѓаните“, оценува Незири. 

Смета дека граѓаните не се изненадени ни од предизборната коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците/Алтернатива, ни од онаа на СДСМ со ДУИ.

„Веќе долго време јавноста кај нас се соочува со класична политичка дволичност на партиите, кои во текот на предизборната кампања се тркаат кој е најголем патриот во нивниот етникум, за потоа да молат партии од другата етничка заедница за да формираат влада. Кога сме на локално ниво, поголем дел од гласачите во етничко мешаните општини се навикнати во вториот да гласаат за кандидат кој е од другата етничка група. И во 2017 година, и во претходните циклуси на локалните избори, градоначалниците на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и останатите општини беа избрани со клучен контингент на гласови од етничките Македонци. Или пак изборот на Шилегов уште од прв круг во 2017 беше возможен со гласовите кои ги испорача ДУИ. Истото се случува и на претседателските избори. Од 1999 година, кога за претседател беше избран сега покојниот Борис Трајковски, па се до 2018 кога беше избран актуелниот претседател Пендаровски, клучни беа гласовите на етничките Албанци. Значи надетничките коалиции не се нова појава, но од 2017 тие се јавни“, потсетува Незири. 

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Зијадин Села, лидер на Алијанса за АлбанцитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Потребна е синергија меѓу поддржувачите

Овојпат коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса на Албанците/Алтернатива е прва што се склучува јавно помеѓу нив.

Кадарот на ДУИ, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, деновиве изјави дека во првите реакции на социјалните мрежи поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и А/А покажале дека не се многу среќни за постигнувањето на коалицијата, која тој ја нарече Коалиција 27.

„Тоа е така затоа што беше постигната на 27-ми овој месец (август-н.з.) и наликува на еден друг неславен 27-ми во историјата помеѓу тие две политички партии. Им посакувам многу успех, и се надевам дека гласачите на Алијанса со цел ентузијазам ќе гласаат за Никола Груевски, всушност за Христијан Мицкоски. Исто така, гласачите на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат со цел ентузијазам и цело срце за Зијадин Села низ сите општини каде ќе се натпреваруваат“, изјави Груби.

Но, се чини дека таа новина нема да биде предмет на реакции кај гласачите, ако се има предвид дека веќе постои „историјат“ на необјавувани коалиции на ВМРО-ДПМНЕ со десничарските партии на етничките Албанци.

„Од 1998 па се до 2008 година имаше перфектна изборна соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, партија од која произлезе Алијанса за Албанците. Од тука можам да извлечам заклучок дека нема да има сериозни негативни реакции во овие партии. Главната пречка на оваа коалиција ќе биде создавањето на синергија помеѓу подржувачите од причина што и двете политички субјекти имаат етноцентрични пристап во политиката. Без таа синергија и природност на функционирање на коалицијата тешко е дека ќе може да се мотивираат гласачите да гласаат за кандидати на коалицискиот партнер. Од друга страна СДСМ и ДУИ таа синергија веќе ја имаат, а згора на сѐ тие се и владини партнери, елементи кои навестуваат дека нивната коалиција ќе профункционира и ќе дава конкретни резултати, како што беше случај во 2017 година во Скопје, Тетово, Куманово, Кичево и Струга“, оценува Незири. 

Nord-Mazedonien | Zoran Zaev (SDSM) und Ali Ahmeti (DUI)
Лидерите на ДУИ и на СДСМ, Али Ахмети и Зоран ЗаевФотографија: Fatos Musliu/DW

Коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса/Алтернатива за локалните избори, од СДСМ ја оценија како „коалиција од немајкаде, која е однапред осудена на пропаст и на пораз“. Но, опозицискиот блок продолжува со барање нова поддршка. Иако раководството на Левица одби да се вклучи во тој блок, Мицкоски сега им се обрати и на поддржувачите на таа партија.

„Без разлика на одлуката и однесувањето на раководството, ги повикувам симпатизерите на Левица да нè поддржат во општините каде што немаат свој кандидат. За возврат, во вториот круг, каде што ВМРО-ДПМНЕ нема да има свој кандидат, ќе повикам да се поддржат кандидатите на Левица“, повика Мицкоски.