1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коалициските партнери на СДСМ бараат министерства без ресор

ДТЗ
6 декември 2021

Политичкиот договор со кој Алтернатива може да добие 47 функции, ги отвори апетитите и кај другите партии, кои имаат само по две-три места во извршната власт.

https://p.dw.com/p/43teP
Treffen der Regierungskoalition in Nordmazedonien
Фотографија: Gov. of North Macedonia

Договорот меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, и донесе стабилно парламентарно мнозинство и четири пратеници на владејачката коалиција, но внесе немир меѓу помалите партиите коишто се во коалиција со СДСМ. Политичкиот договор со кој Алтернатива може да добие 47 функции, ги отвори апетитите и кај другите партии, кои имаат само по две-три места во извршната власт, а се дел од владејачката структура. По најавата дека партијата на Гаши би можела да добие тројца министри и тројца заменици-министри, но и министер без ресор, дел од помалите партии го изнесоа ставот дека и тие ќе бараат таква фукција за нивните кадри. 

Ваквите најави следат по вечерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерите на коалициските партнери, кои дојдоа да се информираат за договорот со Алтернатива за влез во владата. Во новиот состав на Владата, освен министерските и заменичките места, партијата на Гаши ќе добие и функционерски места во повеќе централни и подрачни институции, меѓу кои МЕПСО, ФЗОМ, Железници, Клиничкиот центар во Тетово, Агенцијата за странски инвестиции и други. Ваков договор потпишаа вчера премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. За составот на новата влада ќе одлучува новиот мандатар, кој треба да биде избран на 12 декември, по повлекувањето на  премиерот Зоран Заев од функцијата. Но, за помалите партии спорни се неколку моменти од договорот. 

Секој сака дел од колачот

Првиот човек на НСДП,  Тито Петковски, по средбата изјави дека на Македонија во овој момент не и се потребни вонредни парламентарни избори. „Добро што се зголемува парламентарното мнозинство за уште четири пратеници. Останува еден од Беса и четворица од Алтернатива што сметам дека е пристојно парламентарно мнозинство“, рече Петковски.

Тој оценува дека Алтернатива, којашто го искористи моментот, ќе треба да го оправда политичкиот профит којшто го доби од преговорите за влез во Владата. „Во политиката сѐ се гледа низ призмата на партискиот интерес“, рече Петковски, додавајќи дека Алтернатива добила 10-15 пати повеќе отколку НСДП.

„Ако гледате низ призма што се нуди со зголемувањето на парламентарното мнозинство и што бара Алтернатива, може да се процени дека партијата бара многу од СДСМ и коалицијата. Но, местата што ги бара Алтернатива досега биле покриени од други политички партии. Не станува збор за новоотворени места, туку за места кои ги имале СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА. Не се измислуваат нови работни места“, рече Петковски.

НСДП нема да бара ништо, со образложение дека во моментов е најважна евроинтеграцијата на земјата, но Мирослав Јовановиќ од Српска странка изрази незадоволство што Алтернатива ќе добие министер без ресор, нешто за што претходно било договорено дека нема да го има. Ако биде исполнето ваквото барање на Алтернатива, тој ја најави можноста дека и тие ќе бараат министер без ресор. Но, се надева дека до такво нешто нема да дојде. 

Јовановиќ најави дека преговорите ќе траат уште недела дена. „Потоа кога ќе биде избран новиот претседател на СДСМ на 12 декември, заедно со премиерот да седнеме и да се договирме за сите детали. Мислам дека идната недела околу 14 декември треба да се договориме за сите детали“, рече Јовановиќ.

Спорна е меѓународната истрага

За лидерот на  Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, спорна е точката околу меѓународна истрага за некои судски процеси. „Ова не може да биде предмет на договор. Алтернатива бара некаква амнестија и тука не смее да стане збор. Диво насеље е терористички акт, а Монструм двапати се судеше“, вели Трајанов.

Исто така, тој укажува дека би дошло до нарушување на односите, поради тоа што би имало три потпретседатели на Владата и седум министри од албанска националност.„Владата не треба да биде фактор на дестабилизација. Повеќе министерства без ресор е несоодветен, вештачки потег. Се плашам за негативна рефлексија врз меѓуетничките односи“, вели Трајанов. 

Пред почетокот на средбата тој најави дека ќе се прават пошироки консултации, по што ќе се донесе некаков координиран заеднички став, но според неговите очекувања тој процес ќе трае уште најмалку месец дена. „Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега владата на СДСМ ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни, можат слободно да ја напуштат коалицијата“, рече Трајанов.

Од Либерално демократската партија, која што заедно со ДОМ е дел од владејачката коалиција, претходно изјавија дека очекувале премиерот Зоран Заев да ги информира за договорот со Алтернатива, со цел партијата да реши дали за неа договореното е прифатливо.

Treffen der Regierungskoalition in Nordmazedonien
За лидерот на  Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, спорна е точката околу меѓународна истрага за некои судски процеси.Фотографија: Gov. of North Macedonia

„Немаше потреба да се прават овие театри еден месец и да се фокусира јавноста, бидејќи државата има еден силен предизвик во декември, а тоа е почеток на преговори и целата енергија на политичкитe чинители треба да се насочи кон решавање на овој проблем, којшто ќе значи подобар животен стандард на граѓаните. Наместо да се занимаваме со личните позиции и кадровските решенија коишто очигледно се договорени“, изјави лидерот на ЛДП Горан Милевски. Тие заедно со ДОМ имаат тројца пратеници и едно министерско место во Владата.

Маја Морачанин, претседателка на владејачката ДОМ, порача дека не се важни позициите, туку приоритетите. Според Морачанин, „легитимно е да се преговара за нивно учество во владата, но најбитно е да се знаат програмските приоритети“. „Ако добивате одговорност да раководите со ресорот здравство, требаше да слушнеме, на пример, каков ќе биде, и дали ќе биде поинаков пристапот во справувањето со пандемијата. Истото важи за другите ресори. Впечатокот е дека преговорите се сведоа на утврдување позиции, а изостанува клучното прашање - одржувањето на стабилноста на државата“, вели Морачанин.