1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковид-19: Меркел ја презема контролата врз пандемијата

БГ/ ДВ
21 април 2021

Германскиот парламент денеска ги одобри законските измени со кои и се дава право на владата да наметнува мерки во битката против пандемијата на коронавирусот на целата територија на државата.

https://p.dw.com/p/3sLU5
Deutschand Debatte über das Infektionsschutzgesetz im Bundestag
Фотографија: Axel Schmidt/Reuters

Контролата врз пандемијата на коронавирусот и мерките кои се преземаат за нејзино сузбивање во Германија е во рацете на владата. Бундестагот ги одобри законските измени со што конечните одлуки од рацете на покраинските се селат кај централната власт. Досега сојузната влада технички беше надлежна за мерките, но покраинските власти сами одлучуваа дали и кои мерки ќе ги применуваат.
Тоа доведе до вистински хаос во имплементацијата на препораките и големи разлики од една до друга покраина, и во крајна линија, до голем раст на бројот на новозаразени во последните неколку месеци.
Последниот збор околу законските измени в четврток ќе го има Бундесратот- горниот дом на парламентот во кој се претставени покраините, но очекувањата се дека одлуката ќе биде изгласана.
Додека Бундестагот одлучуваше за измените, пред парламентот протестираа илјадници граѓани кои се противат на префрлањето на надлежноста кај централната власт. Дојде и до судири со полицијата која притоа употреби и солзавец, а најмалку 200 демонстранти се уапсени.

Deutschland Demonstration gegen Corona-Beschränkungen
Протести против законските измени во БерлинФотографија: Jörg Carstensen/dpa/picture alliance

Што предвидуваат новите мерки

Законот, меѓудругото, предвидува дека доколку некои градови или региони го надминат просекот од 100 новозаразени на 100.000 жители во период од седум дена, тогаш локалните власти мораат да ги преземат следните мерки:
- Ограничување на личните контакти со едно домаќинство и со уште едно лице. Исклучок се средби на брачни другари и партнери.

- Воведување на полициски час од 22 до 5 часот. Исклучок се лица кои сами шетаат или џогираат до полноќ, како и итни случаи, професионални обврски и други важни причини.

- Во несуштинските продавници им се дозволува влез само на муштерии со негативен тест за Ковид-19 и закажување. Доколку инциденцата надмине 150, тогаш купувачите ќе можат само да подигнат претходно порачана стока.

- Погребите се ограничуваат на најмногу 30 лица.

Мерките, доколку има потреба, ќе бидат во сила до 30 јуни годинава, а за нивно евентуално продолжување ќе се бара ново одобрување од парламентот.

Инциденцата на новозаразени на 100.000 жители денеска беше 162,4 на сојузно ниво. Само една покраина е под стапката од 100т, додека шест се над 165- меѓу нив и најбројните Северна Рајна Вестфалија и Баварија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи