Кон подобро општество
20 јули 2018Борбата на оние што се залагаат за права и слободи, подразбира пред се' – борба за еднаквост. Но светот го движат различности. Секој поединец е приказна за себе, со уникатен потенцијал, дела, ставови и одлуки, и лична одговорност за нив. Свесниот поединец се стреми да расне, да осознава, да се развива како личност, не само заради себе, туку и заради оние околу него. Такви индивидуи го движат општеството напред. Доколку успееме да ги сочуваме различностите, сме си дале вистинска шанса за напредок. Формите на организирано мислење и делување, како што се партиите и идеологиите, всушност нѐ обезличуваат натурајќи ни нивни агенди, и така од индивидуи-за себе, завршуваме како индивидуи-конформисти. Доброволно прифаќаме да бидеме шраф во колективната машина, што го отстранува индивидуалниот порив и потенцијал. Под нивна закрила, најлесно е да не се превземе ништо, често дури ни одговорност. Сите сме за сѐ одговорни, и никој за ништо не е одговорен. Така, не само што што си штетиме себе си, туку нанесуваме штета и на општеството. Но, веќе еднаш ја научивме оваа приказна, во минатото, во едноумието!
За жал и во многуумието, овие работи се повторуваат. Повторно се соочуваме со отсуство на поставеност според компетентност, совесност и одговорност. Наместо тоа, она што го одредува местото на поединецот во општествената хиерархија е припадноста на одредена група - партија, идеологија, религија, нација, непотизам, корупција. Не случајно партиите и идеологиите ги вбројувам во клучните проблеми во нашиот систем. Никој не може да вреди повеќе од некого само затоа што е член на некоја партија, верник на некоја религија, застапник на некоја (која било) идеологија, или само затоа што е нечиј син или ќерка. Тоа никогаш не смее да биде приоритет за местото на поединецот во слободно општество. Зошто, кога луѓето бараат лекар, прашуваат дали е добар и искусен? Зошто не прашуваат чиј син или ќерка е, или од која партија е? Затоа што знаат дека за лекување треба знаење, вештина и одговорност, а не припадност на семејна лоза или партија. Тоа важи и за секоја друга професија.
Тиранизирање и маргинализирање на индивидуалците
Оттаму произлегува дека не само што не сме еднакви, туку и дека поредокот на нееднаквост е сеуште заснован врз припадноста на партија, идеологија, религија, нација, семејство, пријателство. Затоа живееме во заробен, т.е. киднапиран поредок, во кој отсуствуваат компетентноста и совесноста, како носечки критериуми за нечија општествена местоположба. Заради ова, многумина си заминуваат од овде, пред се оние што навистина веруваат во себе и во тоа што можат да го сторат самите. Тие работат упорно на себе и се стремат да ја постигнат најдобрата верзија од себе. Оние што остануваат, се принудени да бараат спас или закрила во некоја „нова” идеологија или група, додека лелекаат за еднаквост во една искривена стварност. Така еден заробен поредок се заменува со друг, што зад параванот на слобода, правда и еднаквост, ги тиранизира тие од претходниот, и повторно ги маргинализира индивидуалците.
Други колумни од авторката:
-Реалнa бабa како лек за виртуелна лага
Тешко се опстојува како индивидуа што мисли и делува со своја глава на овие простори. Виртуелниот простор и уништеното образование исто учествуваат во обезличувањето на индивидуата. Порано наставниот кадар имаше задача да поттикнува на критичка мисла, да им помогне на оние што се образуваат да се усовршат и артикулираат најдобро што можат, и да ги рушат границите на просечноста. Задачата на секој педагог всушност е да го создаде најдоброто од своите ученици, не само заради нив самите, туку и заради општеството, на кое му требаат умни, одговорни и совесни поедици. Затоа успехот на тие личности секогаш ќе биде и колективен успех. Ним не им е потребен спас или закрила во партија, идеологија или религија. Таквите самосвесни, изградени и стручни индивидуи ќе можат да ги решаваат и заедничките проблеми и се многу попотребни отколку било која партија или идеологија.
Исполнувачи на туѓи агенди
Не знам дали луѓето, ако се оствариле во професиите, би имале потреба од партии и идеологии за да си го најдат местото во општеството. Но на многумина им е полесно да се мушнат и ухлебат во некоја група, отколку да се изборат за своето место со знаење, умешност и квалитет. Зашто светот не е нималку „љубезен и отворен” за да им отстапи простор на поединците. Но ако од тој општествен простор се откажуваме лесно и без борба, тогаш еден ден сите ќе се најдеме удавени во плиткоста и бесмисленоста на некоја идеолошка или групна матрица, што ни ја одзела комплетно индивидуалноста- ќе станеме „лепачи на плакати и исполнувачи на туѓи агенди”, наместо “вајари” на сопствените животи.
Овде ни недостигаат умни луѓе, „вајари” на сопствените животи, но за жал, многумина и од тие малку што ги имаме, или исполнуваат нечии агенди, или се повлекле од јавната сцена. Можеби и не биле толку умни (или храбри) за какви што се претставувале, па полесно им било да потклекнат на политичките, идеолошките, или религиозните притисоци. Леснотијата со која се влегува во партија или група, пред сѐ говори за немање капацитет и одговорност за превземање лична иницијатива. И на крајот мора да знаеме дека умните луѓе, темелно и длабоко посветени во тоа во што веруваат, никогаш не можат да бидат успешни – без широчина и наклонетост кон послабите од нив. Зашто вистинскиот успех нема ништо заедничко со надмоќ и цинизам. Личниот успех не е, и не смее да биде средство за потценување на послабите, а напротив – за нивен поттик, поддршка и подигање. Само така изградениот успех е гаранција дека од квалитетот на индивидуата ќе можат и другите да просперираат. А оние „послабите и уплашените”, наместо да одработуваат туѓи агенди во партии, ќе имаат примери за углед од кои ќе можат да научат многу повеќе за себе и за тоа како да ги реализираат сопствените потенцијали и стремежи. За сите да бидеме, нели – еднакви!