1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Правиш сѐ, но на крајот е залудно“

Андреа Грунау
22 март 2021

Андреа Крауткремер е медицинска сестра која се грижи за најтешко болните со и без корона инфекција. Таа им ја следи состојбата, ги смирува, се бори за секој живот. ДВ ја придружуваше на одделот за интензивна нега.

https://p.dw.com/p/3qwv7
Deutschland Corona-Pandemie | Intensivstation im Krankenhaus Marienhof in Koblenz
Медицинската сестра Андреа Крауткремер со еден од пациентите во болницата Мариенхоф во КобленцФотографија: Andrea Grunau/DW

5:45 часот: Будилникот ѝ заѕвонел околу четири часот. Вели дека во пандемијата веќе не спие баш најцврсто. 54-годишната Андреа Крауткремер влегува во болницата Мариенхоф во Кобленц. Нејзиното работно место е на вториот кат – одделот за интензивна нега.

Повеќе од 30 години работи како медицинска сестра за интензивна нега – сега со скратено работно време. Поради растечкиот психички и физички товар, не веќе сака да работи со полно работно време, вели, но додава: „Си ја сакам работата!“. Во гардеробата ја облекува препознатливата сина униформа.

6:00 часот: Големиот шалтер во средината на одделот се’ уште е во полумрак. Од ходникот се гледаат пациентите кои лежат зад големи стаклени паравани. 11 од 12 кревети за тешки случаи се веќе пополнети. Тројца од нив се Ковид-пациенти.

„Гол опстанок“

Особено тешко беше околу Божик, се присетува Андреа и вели дека нема доживеано такво нешто претходно: „Некои денови беше буквално 'борба за гол опстанок' и пружавме само основна медицинска помош.“ Ако таквата ситуација продолжела, „веќе немаше да бидам овде“, вели таа. 

Сега во март има помал број на Ковид-пациенти. Но, креветите на интензивна нега се полни и со други тешки случаи со мозочни или срцеви удари, но и поради тоа што повторно се закажуваат операции, вели Курт Зимон. Тој е раководител на два оддела за интензивна нега и е среќен што сите работни места таму се пополнети – што не е секаде случај со оглед на недостатокот на персонал. Специјалисти за интензивна нега како Андреа Крауткремер по завршување на медицинското училиште и стекнувањето практично искуство, имаат и двегодишна обука на одделот за интензивна нега.

Deutschland Corona-Pandemie | Intensivstation im Krankenhaus Marienhof in Koblenz
Деноноќно, во работни денови и на празници - медицинскиот персонал има секогаш работа и тоа не само на одделенијата за интензивна негаФотографија: Andrea Grunau/DW

Кризи во ноќта

На креветите 1 и 2 лежат Ковид-пациенти кои се на кислородна поддршка. На пациентот на кревет 4 „состојбата му е крајно лоша“, пренесува ноќната смена при примопредавањето. Пациентот на кревет 8 во делириум ги истргал канелите од рацете. Брзата помош донесла и еден маж за кој има сомневање дека е заразен од корона и тој е сместен во изолирана просторија во која се влегува преку посебен тунел.

Колегите од утринската смена разговараат за тоа кој какви задачи ќе преземе и кои пациенти. Андреа Крауткремер ја презема одговорноста за смената, двајца пациенти и ќе ја учи ученичката кој е на пракса.

Брзи корона-тестови

Пред да почне со работа Андреа прво оди да направи брз тест за корона. Се тестираат и пациентите и нивните роднини. Тоа дава смирувачко чувство, вели 54-годишната медицинска сестра. Поголемиот дел од колегите ги вакцинирале додека таа била во карантин.

7:00: Андреа со практикантката оди до крветот број 6 да го проверат Ханс Флинк (името е сменето). Нему му е ампутирана левата нога. Медицинската сестра ја проверува раната и ги проверува параметрите на мониторот, ја намалува дозата од еден лек и го прашува пациентот како е. Ѝ објаснува на практикантката на што треба да внимава при нега на пациенти.

Kurt Simon I Pflegedienstleiter I Marienhof und Brüderhaus in Koblenz
„Добра нега чини пари“- Курт Зимон раководи со одделенијата за интензивна нега во болниците Мариенхоф и Бридерхаус во КобленцФотографија: Katholisches Klinikum Koblenz Montabaur

На креветот на еден Ковид-пациент

7:30 часот: Пред да влезе преку тунелот кој води во соба 11, каде е сместен Мартин Фабер (името е променето) таа облекува скафандер, два пара ракавици и визир над нејзината ФФП2 – маска. Кај него денес ќе влезе четирипати за да го посети, и четирипати ќе ја облече и внимателно ќе ја соблече и отстрани специјалната заштитна облека.

Господин Фабер е во своите рани 50-ти, боледува од леукемија и веќе три дена е овде, ни објаснува Андреа. Неговата мајка во јануари починала од Ковид-19, еден кревет подолу. Со затворање на вратата од тунелот веќе не се слуша бучавата од одделот, туку само протокот на воздухот низ машините за кислородна поддршка.

„Добро утро господине Фабер, како ја поминавте ноќта?“, со насмевка го поздравува таа својот пациент. „Добро“, одговара тој под маската за дишење. Претходниот ден бил ставен да лежи на стомак за да има добар проток на воздух во белите дробови. Неговиот апарат за кислородна поддршка се вика Елиса, една од многуте машини кои персоналот на интензивна нега мора да ги знае и добро да ги ракува. Ја набљудува работата на срцето, притисокот и сатурацијата, а покрај тоа тече и инфузија.

Повеќе:

Бројките растат, лекарите од интензивна нега бараат строг локдаун во Германија

Кога лекарите мора да прават селекција: кој пациент ќе биде лекуван, а кој не?

Лекарите под постојан стрес - на првата борбена линија против коронавирусот

Андреа Крауткремер ги откачува ЕКГ-електродите од грбот на Мартин за да може да се заврти. Превентивно, таа не го трга погледот од мониторите каде се гледаат сите параметри. Го прашува дали има некоја желба додека извршува стотина движења и ги контролира сите параметри. Нежно го брише со претходно затоплени крпи и му го мести креветот. Со скафандерот тоа е особено напорно. Таа ја контролира инфузијата, му дава лекови и ги мести разните цевки кои висат наоколу.

Тој пак зборува дека конечно сака да се ожени со својата партнерка, најрадо уште истиот момент, па потоа раскажува за мачките кои обожавале да му лежат на стомакот, што сигурно ќе го прават „и кога ќе се вратам дома од болница“, вели тој.

8:15 часот: За да може да појадува, Андреа му ја трга маската за кислород од лицето. Тој воздивнува со олеснување: „Ох, ова е баш добро!“. Медицинската сестра веднаш му става друга цевка во носот за да може да добива кислород. Пациентот појадува. Андреа раскрева.

Алармот постојано се вклучува на мониторите - тој има нагон за кашлање. Пред таа повторно да му ја врати назад маската, му дава и средство за инхалација.

Само што излегува од изолираната просторија, ѝ се јавува неговата партнерка да праша за состојбата и да добие проценка од сестрата. „Можете да се јавите во секое време,“ вели Андреа Крауткремер. Роднините се многу важни за пациентите, нагласува таа. „Им недостасуваат“.

Koblenz Intensivstation im Krankenhaus Marienhof
На одделенијата за интензивна нега покрај пациенти со Ковид-19 се згрижени и многу други ургентни и оперирани пациентиФотографија: Andrea Grunau/DW

И смртта е дел од работата

9:20 часот: Андреа пали ламба на пултот и зборува тивко. „За жал имаме пациент на креветот 4 кој сега умира. Ја прекинавме терапијата, со него се двајца роднини, тоа е дозволено само кај пациенти во терминална фаза. Светлината од ламбата е сигнал „да биде малку тишина“, објаснува таа. „Не можете да работите на интензивна нега, ако не сте во состојба да прифатите дека и смртта е дел од животот.“

10:00: Лекарите и сестрите се околу ковид-пациентот на кревет 1. Неговата состојба е сериозна. Медицинската сестра веќе три часа е со него во изолираната соба. Преку стомакот му нанесуваат сонда за храна во желудникот и го поставуваат на респиратор.

Deutschland Corona-Pandemie | Intensivstation im Krankenhaus Marienhof in Koblenz
Што мора да се понесе во соба за изолација? При негата на ковид-пациентите доброто планирање е исто толку важно како хигиената и самозаштитатаФотографија: Andrea Grunau/DW

Бесна на корона-неверниците и противниците за носење маски

Овој пациент два дена подоцна починал. Андреа Крауткремер и нејзините колеги, за жал, често доживуваат вакви ситуации. „Преземаш сѐ што треба и што е во твоја моќ и на крајот не е доволно.“ Се молиме и стравуваме за секој пациент, вели таа. Особено сега, со ковид-пациентите, „имаме навистина лошо искуство, бидејќи едноставно не знаеш како ќе се развива ситуацијата.“ Таа е особено лута кога гледа како демонстрираат корона-неверници и противници за носење маски, како што беше неодамна и во нејзиниот град.

10:15 часот: Андреа му носи нови лекови на Мартин Фабер и зема крв за анализа. Шеќерот му е покачен, па му дава инсулин. Кратка консултација со докторот, бидејќи сатурацијата му е опадната.

11:30: Се отвора вратата од просторијата каде се носат пациентите кои се на умирање. Роднините на починатиот го напуштаат одделот за интензивна нега со неговата торба.

Борбата против Ковид-19 во германските болници

12:20 часот: Време е за нова доза лекови и храна. Андреа Крауткремер повторно го ослободува господин Фабер од маската. Поради кислородната поддршка е многу жеден, но и гладен, па почнува да јаде од ручекот. Денес на мени е пилешко. Таа ги дезинфицира сите површини кои ги допрела. Тој сака да ѝ ги покаже мачките на мобилниот, а таа наоѓа време и за тоа. „Навистина се слатки“, му вели, па се шегува со него раскажувајќи му за нејзините миленичиња. Неколку минутни нормалност. Мартин делува опуштено, но кратко потоа повторно почнува да кашла. Медицинската сестра му помага да се заврти на стомак. Сето ова е проследено со пиштење на алармот на мониторинг машината.

13:13 часот: Пристига попладневната смена. Андреа им поднесува генерален извештај и потоа секој пациент поединечно му го предава на колегите. Со еден од нив долго време стојат покрај собата на Мартин Фабер. Зборуваат за неговите параметри, но и за неговата психичка состојба и што го мотивира.

Deutschland Corona-Pandemie | Intensivstation im Krankenhaus Marienhof in Koblenz
Повици, предавање смени, прием на нови пациенти, аларми од собите со пациенти и компјутери - на големиот „шалтер“ во одделот за интензивна нега сѐ оди паралелноФотографија: Andrea Grunau/DW

Свадба на одделот за интензивна нега

Бидејќи лекарите го советувале Мартин Фабер да не чека долго со свадбата, болничкиот свештеник се јавил во матичната служба. Мисијата е успешна: матичар ќе дојде во болница.

Свештеникот Мартин Зауербир купил црвени рози, а медицинскиот персонал шампањ. Сопругот на една колешка ги донесол нивните свадбени декорации: прозорецот во собата е накитен со срциња од дрво и шарени ленти, а украсен е и заштитниот скафандер на невестата. Матичарот ја прашува двојката преку разглас. И двајцата одговорија со „да“, и сите се расплакаа, ни раскажа свештеникот потоа. Во јануари тој бил покрај смртната постела на мајка му на Мартин. Нему пак првично ситуацијата му се подобрила, но потоа му се влошиле параметрите, вели свештеникот. Кога Андреа Крауткремер се вратила на смена веќе бил ставен на дијализа и интубиран.

Една недела по венчавката починал, ни потврди свештеникот Зауербир. Мајката на Мартин Фабер требало да биде закопана кога нејзиниот син ќе се врати од болница. Сега ќе бидат погребани заедно.