1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На Германија и претстои долга, тешка зима

19 октомври 2020

Долго време важеше дека коронавирусот не ја погодил Германија толку тешко како други земји. Дотолку повеќе сега шокот е поголем. А и политиката сега каска зад пандемијата, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/3k7TD
Deutschland Hamburg | Coronavirus | Hinweis Maskenpflicht
Фотографија: Markus Scholz/dpa/picture-alliance

Коронавирусот и Германците на пролет: ограничувања на контактите и одлучно постапување на политиката. Германците научија да работат во домашни услови, возеа велосипед и главно седеа дома. Шокирани гледавме слики од Италија или Шпанија од преполни клиники. И мртви.

Бевме вџашени од немарноста на еден Болсонаро во Бразил и уште повеќе од Доналд Трамп во Белата куќа. Но, ја имавме Ангела Меркел. А, локдаунот нема да трае вечно, па ќе дојде лето. Повторно поминавме полесно, тоа беше општото чувство. Иако и во Германија имаше неколку илјади мртви. Германците по малку се препознаа во кризата, „германскиот страв”, за кој симбол станаа пакети резерви тоалетна хартија во подрумот.

Вирусот ја има приклештено Германија

Сега сѐ е поинаку. Ништо не поминува брзо. Ни вирусот, ни кризата. Германците мораа да научат колку е важна индикативната вредност. Сведоци се на една политика која трескавично носи забрани за преноќувања во хотелите во покраините, кои поединечни судови веќе ги укинаа.

Сите, или барем повеќето, дисциплинирано носат маски каде што има обврска за тоа, би го правеле тоа и на јавни места. Сведоци се на една канцеларка која полека губи трпение со индивидуалните мерки на покраинските премиери против короната.

Повеќе:

-Драматичен апел на Меркел: „Ве молам, останете дома“

-Ангела Меркел во короната гледа „предизвик на векот“

-Преку пет илјади нови случаи на Ковид-19 во Германија, кризна средба кај Меркел

Изјавите за одличната здравствена заштита на Германците, за присебноста на германските политичари и научници се изгубија, се шири насекаде загриженост.

Kommentatorenfoto Jens Thurau
Јенс Турау, автор на коментаротФотографија: DW

Бројките на заразени споредено со оние во Франција и натаму се ниски. Но, политиката сега игра опасна игра. На економијата и културата не треба да и се наметне втор локдаун, одговорноста за натамошниот тек на пандемијата властите ја ставија во рацете на граѓаните. Особено во големите градови чуварите на редот к мирот не успеаа да спречат големи прослави за време на летото - тоа и не беше можно ако се земе в предвид дека полицијата со децении има хроничен недостиг на персонал.

Преголем залак за политиката?

Носете маски, дистанца, хигиена. И повторно да се вратиме само на најсуштинските контакти. Во секојдневните разговори, сѐ повеќе луѓе кои во голема мера ја поддржуваа корона-политиката, сега имаат одредени прашања. Зошто беше забрането и сѐ уште е посета на член од семејството во болница кој е на смртна постела, а фудбалски натпревари веќе се играат со публика? Зошто мора совесните граѓани да се воздржуваат од преноќување во хотел во некоја соседна држава, патем двајца во соба, додека полицијата не успева да разбие забави со по неколку стотици лица?

Споредби кои веројатно никому не помагаат. Очигледно е дека мнозинството разумни граѓани ќе мора повторно да пројдат низ криза. Ова може да биде тешка, долга и мрачна зима. Политиката испроба различни мерки и правеше грешки.

Но, едно демократско општество се заснова на слобода и одговорност, не само на права, туку и на обврски. Сега одговорноста е на секој од нас индивидуално. Политиката можеби се заплетка во деталите, но Германците се доволно свесни што треба да направат. Корона криза, втор дел: носете маски, држете дистанца, ограничете ги контактите. И не го губете трпението.