1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Коронавирус - што се крие зад метежот од бројки?

Ана Картхаус
20 март 2020

На оној кој ги следи бројките на инфицирани со коронавирус во својата и во други земји, и се обидува да најде логика, набрзо ништо нема да му е јасно. Eксперти и математичари објаснуваат како да се толкуваат бројките.

https://p.dw.com/p/3ZlOU
Symbolbild Zahlen
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Стапка на репродукција на вирусот

Зад овој број се крие потенцијалот за ширење на вирусот. Ако стапката на репродукција е поголема од бројот 1, односно ако секое заразено лице пренесува инфекција барем на едно друго лице, вирусот се шири. Ако стапката е помала од 1, се заразуваат сѐ помалку луѓе и бројот на заболени се намалува. Експертите од институтот „Роберт Кох“, кој во Германија го следи развојот на заразни болести, тврдат дека репродукцискиот коефициент на САРС-КоВ-2 е меѓу 2,4 и 3,3. Значи, секое заразено лице инфицира две до три други лица. За епидемијата да се стави под контрола, потребно е спречување на околу две третини од сите пренесувања на вирусот. Бидејќи засега не постојат вакцини, ниту сигурна заштита од вирусот, веројатно ќе се заразат 60 до 70 проценти од населението. Дури тогаш вирусот ќе наидува на повеќе заразени отколку здрави луѓе и нема да може натамошно да се шири.

Период на инкубација

Времето на инкубација во просек трае пет до шест дена, но може да биде од еден до 14 дена. Тоа не е разјаснето. Моментно се верува дека можат да поминат 24 до 48 часа до појава на првите симптоми кај тукушто заразено лице. Истражувањата во кинеската метропола Шенжен покажуваат дека во една четвртина од сите случаи, инфекцијата ја пренесувале лица без симптоми. Кога заразената личност ќе покаже симптоми, таа вирусот ќе го пренесува најверојатно 7 до 12 дена, доколку е болеста поблага, а подолго од две седмици ако е болеста потешка.

Вирусот се пренесува со капки. Што подлабоко излегуваат од белите дробови, толку вирусот подолго се покажува како активен. Зараза преку изметот, врз основа на моментните истражувања, е малку веројатна.

Стапка на смртност

Уделот на смртни случаи укажува на ризикот од смрт на лицето заболено од САРС-КоВ-2, но тоа воопшто не е лесно да се пресмета.

Причините се следните: Прво, процентот на смртни случаи секогаш зависи од контекстот, времето и местото. Сеедно дали станува збор за Кина, Италија или САД, коронавирусот се шири во различно подготвени и опремени здравствени системи, меѓу луѓе од различна возраст, со различни медицински состојби, во држави со различни форми на заедничко живеење. Сите тие, но и други фактори, одредуваат колку е населението на една земја ранливо и затоа е неможна едноставна споредба или едноставно пренесување на бројките од една на друга држава.

Infografik Symbole Corona-Infektion - Sterberate
Бројот на смртни случаи на сто заболени од коронавирус

Кои бројки се земаат како основа за пресметување на стапката на смртност во суштина има решавачка улога. Ако на пример на првиот ден од епидемијата бројот на сите умрени се подели со бројот на сите заболени, бројот на заболените би бил висок, а бројот на умрени – пропорционално низок. Затоа, бројот на смртни случаи меѓу заболените би бил погрешен, односно многу низок. Тоа го видовме на почетокот на епидемијата во Кина.

Од друга страна, може да се претпостави дека многу случаи на инфекција не се познати или не се забележани. Во овој случај, уделот на смртни случаи е несразмерно голем. Така беше на пример во Иран.

Математичарот и епидемиолог Адам Кухарски од Лондонскиот факултет за хигиена и тропска медицина смета дека вистинскиот процент на смртни случаи изнесува меѓу 0,5 и два проценти, што значи дека од 100 заболени умира едно или две лица.

Непријавени случаи на заразени

Овој број никој не го знае. Иако Светската здравствена организација, СЗО, Универзитетот Џон Хопкинс или Институтот Роберт Кох следат и објавуваат бројки на заразени со коронавирус, тие сепак ги објавуваат само потврдените случаи. Таа бројка може само да ни навести колкав е вистинскиот број на заболени и колку брзо се шири вирусот. Вистинските бројки зависат од тоа колку лица воопшто може да се тестираат и колку тестовите се достапни во една земја.

Врз основа на моментниот број смртни случаи, може да се претпостави колкав би можел да биде вистинскиот број на заразени. Математичарот Томас Гец од Универзитетот Кобленц-Ландау проценува дека на крајот на февруари, според тогашниот број починати во Италија, би требало да имало 40.000 заразени лица. Но, во тоа време имаше само 800 потврдени случаи на инфекција.

Меѓутоа, оваа пресметка не може да се пренесе на Германија, зашто моментниот „исклучително низок број на смртни случаи не се вклопува во меѓународната споредба.“ Во Германија недостигаат податоци за бројот на случаи лечени во болниците.

Експоненцијален раст

Вирусот не се шири линеарно, туку експоненцијално: заразеното лице инфицира друго лице. Тие две лица потоа заразуваат уште по две лица. Четворица заразени ќе заразат следни четворица и.т.н. Значи, станува збор за рапидно ширење на вирусот.

Понекогаш е залажувачко споредувањето на апсолутниот број на случаи на коронавирус во различни земји, зашто бројките растат многу брзо и следниот ден изгледаат сосема поинаку. За да се следи ширењето на вирусот, треба да се следи брзината на удвојување на бројот на заразени лица. Моментно е потребно сѐ помалку време за удвојување. Штом удвојувањето на бројот на заболени биде забавено, луѓето и натаму ќе се заразуваат, но вирусот се повлекува.

Адам Кухарски работи на математички модели на заразни болести за подобро да го разбере нивниот тек и ширење. Тоа може да им помогне на политичарите и одговорните во здравството во донесување политички одлуки за сузбивање на ширењето на коронавирусот.

Порано овој математичар веќе истражуваше болести како ебола, САРС и грип, а сега го истражува Ковид-19. Во својата книга  "The Rules of Contagion: Why Things Spread - and Why They Stop", тој наведува четири параметри кои го опишуваат потенцијалот на заразната болест и ги нарекува ДОТС (DOTS).

• Траење (Duration): Траење на инфективноста. Што подолго е едно лице болно, подолго може да ги заразува другите луѓе. Што поскоро заболено лице биде изолирано, помала е можноста за пренос на вирусот на други луѓе.

• Прилика (Opportunity): Колку шанси има вирусот да премине од едно на друго лице? На оваа варијабла директно влијае нашето општествено однесување. Според Кухарски, во нормални околности секој човек има физички контакт со други луѓе околу пет пати дневно. Бројката може да се намали со зголемување на социјалната дистанца, непружање рака во знак на поздрав.

• Веројатност на преносот (Transmission probability): Колкава е веројатноста вирусот вистински да биде пренесен од едно на друго лице? Кухарски претпоставува дека тоа се случува во секоја трета прилика.

• Чувствителност (Susceptibility): Ако вирусот е пренесен на друго лице, колкава е веројатноста тоа да се разболи? Со оглед што сега не постојат заштитни механизми, вакцина или лекови, процентот е стопостотен.

Останатото е математика: кога ќе ги помножиме D, O, T и S добиваме стапка на репродукција. Сите четири параметри се основа за запирање на ширењето на вирусот. Инаку, најдобар лек за тоа секако е вакцина, но бидејќи ја нема, останува: изолирање на болните, избегнување социјални контакти, кашлање во лактот и миење раце.

Целта на овие мерки е да се намали или израмни кривата на ширење на вирусот. Бројот на заболени лица не би требало да ги надмине капацитетите на здравствените системи, за лекарите да не се соочуваат со одлука кои пациенти да ги лечат, а кои не.

Повеќе:

„Сѐ уште никој не умрел од помислата на смрт“

Коронавирус: Откриени се нови симптоми на заболувањето

Лек за коронавирус од антитела на излечени пациенти

РКИ: Вакцина против коронавирусот е реално да се очекува наредната пролет

Но, зошто бројот на смртни случаи толку драматично се разликува од земја до земја? Зошто бројот заболени во Германија е висок, а стапката на смртност многу пониска отколку на пример во Италија?

Економистите Мориц Кун и Кристијан Бајер од Бон констатирале дека стапката на смртност расте со староста на заболеното лице. Економистите претпоставуваат дека можност за зараза постои првенствено при работа, па посебно загрозено е работното население. Постојат различни модели за структуирање на општеството во вакви ситуации. Генерациите можат да живеат одвоено или заедно едни покрај други. Економистите утврдиле дека бројот смртни случаи расте доколку работното население живее со родителите, односно стапката на смртност е повисока колку е поголема размената меѓу генерациите. Ако нивната теорија е точна, Полска, Бугарија и Хрватска се во посебна опасност, кога е во прашање ЕУ.

Овој тренд не е докажан во азиските земји, а причина може да се различните стандарди на хигиена и видовите соживот, претпоставува економистот Бајер.

На крајот, препораката е следната: треба да ги преиспитаме нашите социјални мрежи, а постарите треба да се воздржуваат од контакти со своите врсници. Посебно треба да се намали контактот меѓу старото и младото население:

„Моментно се наоѓаме на автопат и возиме со брзина од 180 километри на час кон сообраќаен метеж. Единствено што можеме да направиме е да закочиме. И да се обидеме навреме да застанеме во место, или барем судирот да не биде премногу жесток“, заклучува Бајер.