Гласачите се изјаснија за промена на Косово
15 февруари 2021Последните години се има насобрано премногу незадоволство во Косово. Незадоволство од широко распространетата корупција, ниски плати, невработеност, немање перспектива за младите и многу други проблеми - покрај нерешениот конфликт со соседна Србија.
Изборниот резултат покажа дека најмладата држава во Европа започна со процес на самостојна демократизација на политиката и нејзините институции, како и вистинска демократија. Таа тргна на пат против старите врски и мрежи коишто досега ја одредуваа политиката. И не е случајно што победничката партија се нарекува „Самоопределување“. Тоа име е исто така и програма на партијата предводена од харизматичниот Албин Курти. А, тој веќе долго време е на глас како „енфант терибле“ во косовската политика.
„Почеток на нова ера“
„Движењето за самоопределување“ (ЛВВ) влезе во изборната кампања под слоганот „Целосно и точно“. Тоа добро поминува кај гласачите: партијата и објави војна на корупцијата и најави зајакнување на владеењето на правото. Таа ветува дека ќе се фокусира на економскиот развој и создавањето работни места, со цел да им даде на луѓето во земјата со најмладо население во Европа (просечната возраст е околу 27 години) подобра перспектива во татковината.
-повеќе на темата: Убедлива изборна победа на Самоопределување во Косово
ЛВВ веќе освои три гласа на парламентарните избори од 2014 година, ветувајќи дека Косово, како независна држава, треба да ја земе судбината во свои раце и повеќе да не зависи од надзорот на Западот. Тоа е програма за сопствена одговорност, но исто така и програма којашто се сфаќа како отказ на меѓународните институции. На Косово, кое е независно од 2008 година, меѓународните структури како УНМИК, КФОР и ЕУЛЕКС, инсталирани по војната (1999), сè уште имаат големо влијание. Со ветување за нова ера, ЛВВ двојно го зголеми бројот на гласови во рекордно време во споредба со изборите во 2019. Овој пат, Самоопределување освои 48 проценти.
Времето истекува
Нивните ветувања изгледаат многу амбициозно, ако земеме предвид дека новата влада ќе се соочи со херкуловската задача: по изборната победа, пред нив се и нови избори. И тоа движење главно се состои од млади политичари кои доаѓаат од вонпарламентарната опозиција и сè уште немаат искуство во владата. Покрај тоа, претседателот на партијата, Албин Курти, поради пресудата на Врховниот суд, воопшто и не смееше да се најде на изборната листа. Тој беше осуден откако фрли солзавец во собраниската сала во 2015 година, додека беше во опозиција.
Може ли сега да стане премиер? Уставниот суд веројатно ќе треба да решава за тоа. Со оглед на тоа што досега сите политички сили во Косово одбиваа да влезат во коалиција со Самоопределување, формирањето влада може да биде тешко. И пред тоа да се случи, парламентот треба да избере нов претседател. Имено, Косово има привремен претседател од ноември минатата година - спикерот на парламентот, Вјоса Османи во моментов ја извршува оваа должност во согласност со Уставот.
И, конечно: Самоопределување го стави дијалогот со Србија на дното на својата листа на приоритети. И, дијалогот со Србија е голем проблем што многу влади досега не успеаја да го решат. На меѓународната сцена, идната влада првенствено ќе се оценува според нејзината подготвеност за дијалог и компромис.
Во исто време, болните компромиси со Белград се веројатно неизбежни, ако се сака да се постигне напредок во приближувањето. Ова може да успее само ако владата се согласи со западните партнери, САД и ЕУ, но и со соседните земји во регионот, со цел да се постигне договор со Србија. САД и ЕУ вршат голем притисок врз двете страни. И времето истекува.
Самоопределување не смее да ги разочара гласачите
Процесот на демократизација на Косово сега се соочува со двоен предизвик: да се „самоопредели“ и самоуверено да го следи сопствениот пат како држава. Но, во исто време, тоа треба да се направи во договор со меѓународните партнери. Денес, Косово е независна држава благодарение на поддршката на САД и ЕУ. И, Косово е исто така држава со функционални институции, како што се судството и изборната комисија - благодарение на континуираната меѓународна помош.
Но, на прво место, заслугите им припаѓаат на граѓаните на Косово, кои фер и дисциплинирано излегоа на избирачките места и гласаа. Сега конечно очекуваат долгоочекувани решенија од политиката.
-повеќе на темата: Моја Европа: Неопходно е спротиставување на корумпираните балкански елити
Ако Самоопределување има намера да ги надмине сите препреки и наскоро да почне да владее на Косово, не смее да ги разочара своите гласачи. Таа мора да покаже дека ги сфаќа гласачите сериозно и дека може да ја надмине тешката задача со Србија, во договор со партнерите.