Коѕиас ќе го испитува пулсот на новата влада
9 август 2017Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас доаѓа во Скопје на 31 август, објавува денеска грчкиот весник Катимерини. Целта на посетата, најавува весникот, е да се испитаат намерите на новата влада во Скопје. Дотогаш, владата предводена од Социјалдемократите ќе ги комплетира првите 100 дена на власт, а Атина сака да провери дали декларациите на новото раководство за потребата од меѓусебни компромиси се нешто повеќе од зборови. Новата влада во Македонија посакува да добие потврда на поканата за членство во НАТО која би се ефектуирала на почетокот или средината на следната година со формален прием. Главната пречка на тој пат и натаму останува Грција која од 2008 го блокира приемот поради нерешениот спор за името.
Катимерини пишува дека властите во Атина се сепак свесни дека напредокот околу спорот нема да биде можен на кус рок.
Истиот весник пренесува и проценки од САД, без притоа да наведе извор, дека шансата за напредок во преговорите за решавање на спорот ја гледаат во периодот од завршувањето на локалните избори во Македонија во октомври, па до пред почетокот на предизборната кампања за претседателските избори во 2019 година.
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров својата прва посета по преземањето на функцијата ја оствари токму во Атина на средината на јуни годинава. Таа беше најавена како обид да се отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји.