1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коѕијас: Европа мора да го одржи зборот

СН/ агенции
25 јуни 2018

Грчкиот министер смета дека со евентуално неотворање на преговорите на ЕУ со Македонија би можел да биде доведен во опасност договорот за името кој го постигнаа Скопје и Атина.

https://p.dw.com/p/30DuO
Mazedonien Griechischer Außenminister zu Besuch
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Земјите од ЕУ мора да го одржат својот збор и да отворат преговори за пристапување на Македонија и на Албанија во ЕУ на самитот на 28-29 јуни, рече во интервју за бриселскиот портал „Еурактив“ грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, истакнувајќи дека тоа ќе придонесе за стабилност на Балканот.

Коѕијас смета оти отворањето на преговорите со, како што рече, Северна Македонија и со Албанија би им помогнало на земјите поефикасно да ги решаваат проблемите, а дека во спротивно би можел да биде доведен во опасност договорот за името кој го постигнаа Македонија и Грција.

Грчкиот министер, кој Македонија постојано ја нарекува Северна Македонија, иако Европската комисија сѐ уште го користи називот ПЈРМ, во интервју за Еурактив, кое го даде во Луксембург пред денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, рече оти и Балканот, заедно со Грција, мора да оди напред кон заедничка европска иднина.

Повеќе:

-Согласноста од Грција на маса, ќе стигне ли и од ЕУ?

-Никос Коѕијас: грчкиот „Суслов“ е стратегот во преговорите за името

-Заев очекува зелено светло за почеток на преговори од сите во ЕУ

Тој укажа на несогласувањето во ЕУ меѓу „важните“ членки за тоа дали Европа треба да се прошири или продлабочи, но и рече дека Македонија и Албанија, како и проширувањето, ќе бидат „високо на агендата“ кај министрите за надворешни работи.

„Би сакал да ги повикам сите страни да сфатат оти постојат реални проблеми во овие земји, но дека процесот на придружување ќе им помогне поефикасно да ги решат“, нагласи Коѕијас.

Тој, исто така, рече оти им порачал на партнерите во ЕУ да бидат строги, но да не ја блокираат европската перспектива за Македонија и Албанија.

„Се плашам дека, ако Македонија не добие датум, сите напори, со жртвувањата и со компромисите од двете страни, би можеле да бидат загрозени. Исто така, ако една од двете земји започне преговори, а на пример Албанија , остане на страна, тоа ќе доведе до нестабилност во регионот“, изјави Коѕијас.

Грчкиот министер рече и дека, ако некои земји имале нерешени прашања со Македонија и со Албанија, би требало веќе тоа да го кажат, а оти сега е тука извештајот на Комисијата за напредок и предлогот да се отворат преовори и дека „Европа мора да го одржи зборот“.