1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој му ги дал на Иванов податоците за кривичните постапки?

Катерина Блажевска14 април 2016

Од СЈО денеска се очекува одговор дали Иванов од нив ги добил податоците за отворените кривични постапки. Ако не, според експертите, при одлуката за помилување сторил и кривично дело повреда на тајноста на постапката.

https://p.dw.com/p/1IV45
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

Кој му ги доставил на претседателот Ѓорге Иванов податоците за отворените кривични постапки, за да може тој колективно да помилува 57 осомничени сторители на кривични дела? Одговор од кабинетот на шефот на државата нема, откако претседателот во неговото опширно објаснување на мотивите за одлуката за аболиција, „заборави“ да даде одговор на тоа важно прашње.

Молчат и од Основното јавно обвинителство, а се очекува денес Специјалното јавно обвинителство на најавената прес-конференција во 13.30 часот да одговори дали кабинетот на претседателот од нив ги побарал и ги добил податоците за отворени кривични постапки за предмети кои се во нивна надлежност.

На ова прашање вчера се осврна Хелсиншкиот Комитет на Македонија (ХКМ), кој објави јавна кривична пријава за Иванов, заради пречекорување на неговите уставни и законски овластувања, со што сторил кривично дело Злоупотреба на службена положба од член 353 став, од Кривичниот законик на РМ.

„Претседателот и Н.Н лице или лица кои му ги доставило податоците за отворените кривични постапки, сториле кривично дело на повреда на тајноста на постапката од член 369 од Кривичниот законик, во врска со членовите 289 и 299 од Законот за кривична постапка што предвидуваат тајност на кривичната постапка“, оцени ХКМ.

Нов удар врз СЈО

Исто така, се отвораат прашања и по помилувањето на трите обвинители од СЈО - Фатиме Фетаи, Лиле Стефановска и Гаврил Бубевски, кои имале кривични пријави за наводно вршење притисок врз сведоци, и неочекувано се најдоа во списокот помилувани. Во јавноста се поставува прашањето: какви би биле последиците од скандалозната одлуката на претседателот во однос на нивните сегашни обвинителски функции? Односно, дали обвинители аболирани за кривични постапки, ќе имаат законско право и натаму да ја извршуваат обвинителската функција или власта нашла начин за нов удар врз СЈО?

Како што дознава ДВ, тројцата обвинители никогаш не добиле на свое име покана да се јават на разговор, односно немале никаква информација дека против нив има каква било кривична пријава. Исто така, помилување во фаза на поднесена кривична пријава не е предвидено со законот.

Со ова, одлуката за помилување која Иванов ја објасни како чин што ќе ја запре кризата, ја внесе земјата во уште поголема и правна и политичка криза.

„Иванов фрли канта бензин врз огнот што гореше во земјава и на тој начин ја вовлече земјава во целосен хаос и блискост до вонредна сосотјба“, оцени лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов. Тој е еден од потписниците на иницијативата од СДСМ и опозицијата, зад која застанаа 37 пратеници кои бараат свикување вонредна седница и почнување постапка за утврдување на одговорност на претседателот Иванов. Но, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, експресно оцени дека по распуштањето на парламентот, претседателот на Собранието нема уставни, законски и деловнички можности да свика седница. СДСМ обвини дека Вељаноски по којзнае кој пат ги крши надлежностите, Уставот, законите и деловникот.

„Со тоа само го потврдува тоа што јавноста го знае, дека и тој е дел од злосторничкото здружување против Македонија. Мандатот на пратениците, според член 15 од Изборниот законик трае до денот на верификација на мандатот на новоизбраните пратеници, а согласно со Уставот Собранието е во постојано заседание“, реагираше СДСМ.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
Специјалното јавно обвинителство денеска треба да одговори дали кабинетот на претседателот од нив ги побарал и ги добил податоците за отворени кривични постапки за предмети кои се во нивна надлежностФотографија: DW/P. Stojanovski

Професор по право го урна правото

„Ако 'првиот меѓу еднаквите' во законодавниот дом ги познава законите, ќе знаеше и дека одлуката на Иванов е спротивна и на законите и на Уставот“, реагираат деновиве правни експерти.

Нивната аргументација е обемна, но наидува на ѕид кај власта.

„Преку злоупотребени надлежности од страна на претседателот, власта се обидува правото да го замени со политички одлуки во корист на ексклузивна неказнивост за нејзини функционери“, оценуваат тие.

Според професорот по уставно право, д-р Јетон Шасивари, Иванов со одлуката предизвикал тотална збрка и во земјата и кај меѓународната заедница.

„Ако се анализира правната и законската основа на оваа одлука, многу лесно се констатира дека таа правно и законски е ништовна и нема никаков правен и законски ефект за судството и обвинителството на земјава. Таа е само 'приватна забава' на кликата на ВМРО-ДПМНЕ која ја има зaфатено државата и институциите“, вели Шасивари.

Ваквата оценка ја темели на фактот што Иванов одлуката ја засновал врз член 11 од Законот за помилување (“Службен весник на РМ”, бр. 20/93) од 10.04.1993 година, кој предвидуваше дека „Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“. Но, со измените и дополнувањата на тој закон од 28.01.2009 година (“Службен весник на РМ”, бр. 12/09), со член 10 е избришан членот 11 од претходниот закон за помилување од 1993 година.

„Од 2009-та година до денес, Законот за помилување не му го признава на претседателот на земјава правото за помилување/ослободување од гонење без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон. Значи, Иванов овие одлуки ги донел без никаква законска основа. Бидејќи тие се незаконски, Иванов треба да сноси законска и кривична одговорност за злоупотреба на службена должност, како и за пречекорување на законските овластувања. Помилувањата на Иванов не се во согласност со Уставот, бидејќи според член 84 став 1 алинеја 9, претседателот може да даде помилување само во согласност со закон. Како си дозволил Иванов одлуката за помилување да ја базира врз непостоечки законски член од 1993 година? Помилување без закон и без процедура е удар врз правото и правдата!“, оценува професорот по Уставно право, додавајќи дека е срамно е кога токму професор по право ги урива и правото и правдата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема