ЕУЛЕКС: Добра идеја, лоша реализација
15 јуни 2018Правна држава не може да се добие бесплатно. Тоа важи и за Косово. ЕУ за мисијата за воспоставување на владеење на правото во најмладата европска држава инвестираше речиси 1,5 милијарди евра. По 10 години, ЕУЛЕКС денеска го предава извршниот дел од работата во рацете на Косовците. Таков заклучок донесе Советот на Европа минатата недела.
Но, ЕУЛЕКС на Косово останува уште две години - за да надгледува, да помага со совети и пред сѐ - да му даде поддршка на дијалогот со Србија. За таа цел на располагање ќе бидат ставени дополнителни 83,6 милиони евра. ЕУЛЕКС е основан во 2008 година за да помогне во изградбата на демократските структури на Косово, кое се одвои од Србија и каде речиси исклучиво живеат Албанци.
ЕУЛЕКС почна со работа откако во 2008 година беше намалена Мисијата на ОН на Косово (УНМИК). Косово тогаш немаше никакви инструменти за изградба на правна држава, недостигаше знаење, капацитети и независност. Целата јавна управа беше политизирана и корумпирана.
Надлежен за организиран криминал и корупција
Андреа Лоренцо Капусела беше на Косово во време кога ЕУЛЕКС почнуваше со работа. Тој го фали концептот на ЕУЛЕКС, според кој требаше „да му се даде поддршка на Косово, да се изградат капацитети, да се врши обука и да се набљудува и, најважното од сѐ, да се преземе деликатниот сектор судство“. „Косово имаше задача само да изрекува пресуди“, вели поранешниот шеф на одделението за економија на меѓународниот Надзорен одбор. Во повеќе чувствителни области, како што е случајот со корупција на највисоко ниво, организиран криминал и воени злосторства, Косово имаше полицајци, државни обвинители и судии кои беа овластени за апсења, изведување пред суд или регрутација на бранители. Освен тоа, имаа и задача да наоѓаат решенија во цивилниот скетор за тешките случаи на сопственичко право или приватизации.
Повеќе: На Косово нема многу причини за славје
Од мисијата на ОН на Косово ЕУЛЕКС наследи вкупно 1.200 предмети. Кон тоа се додадени уште 100. Мисијата на ЕУ меѓутоа не наследи само предмети, туку го наследи и незадоволството на населението од УНМИК. ЕУЛЕКС придонесе и за тоа. Луѓето очекуваа изрекување пресуди, но видоа само мисија во која многумина се сменуваа. На Косово беа пратени две илјади полицајци, судии, затворски чувари и цариници, а помош им пружаа околу илјада Косовци.
Лоренцо Капусела напиша книга за своите искуства на Косово. За ДВ објаснува зошто било тешко идеите да бидат спроведени во дело. „Прво,тоа беше многу тешка задача. Таа бараше големи напори од страна на ЕУ. Машинеријата на надворешната политика на ЕУ тука, за жал, не ја покажа својата најефикасна страна. Второ, не постоеше навистина политичка волја за решавање на тие задачи. И трето, многу повеќе внимание беше посветено на политичката стабилност, отколку на воспоставувањето на правна држава.“
Без дистанцирање од политиката
ЕУЛЕКС реши 50 случаи на корупција, меѓу нив и случаи кои беа запрени поради недостиг на докази. Сега на косовските власти им се предадени 800 нерешени случаи. Косово ја презема одговорноста за истраги, кривично гонење и судски постапки. Дали ќе се водат истраги и против политичари, останува неодговорено. Зашто, една од најспомнуваните критики беше дека дури и ако има многу укажувања дека политичката елита е вмешана во корупција и органзииран криминал, речиси нема осудени.
Капусела смета дека менаџментот на ЕУЛЕКС се однесувал опортунистички , дека не вршел доволно притисок и дека наместо тоа се криел зад консултации. Тој смета дека за „неуспехот на ЕУЛЕКС“ пред сѐ е одговорно мешаето на политиката. Тој вака го опишува тоа: „Кога шеф на мисијата на ЕУЛЕКС секој ден или секоја недела се среќава со премиерот или министерот и со ЕУ-амбасадорите, за обвинителите на мисијата е тешко да уапсат министри.“