1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Косово нема многу причини за славје

Вилма Филај-Балвора
17 февруари 2018

Косово слави десетгодишнина од независноста. Но, проблемите во државата не се намалени, итно се потребни реформи, а импулсите за нив треба да дојдат како од внатре, така и однадвор, смета Вилма Филај-Балвора.

https://p.dw.com/p/2sr4c
Kosovo wird selbstständig
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Сѐ што имаме е независноста“, гласи лаконскиот одговор на еден студент од Косово на прашањето како се чувствува еден млад човек во најмладата држава во Европа. Со тоа ја погодува с‘ржта на проблемот:  во Косово не оди како што треба.  Косово пред десет години оствари историски чекор, откако по децении конфликти и војни стекна независност преку мирен процес и со „породилна“ помош од многу меѓународни организации. Тогашната еуфорија имаше огромни размери, исто како и желбата да се гради конечно толку посакуваната сопствена држава.

Но, билансот десет години подоцна е отрезнувачки: економијата стагнира, невработеноста е висока, владее сиромаштија, корупција и непотизам, младината нема никаква перспектива. Фатална последица на тоа: изминатите години маса млади луѓе ја напуштија земјата во правец на Запад.

Изостанаа „расцветаните пејзажи“

Зошто во Косово, без оглед на огромниот инвестиран ангажман и пари, не настанаа „расцветаните пејзажи“? Постојат повеќе причини.

Една е меѓународниот фактор: Косово официјално е суверена држава, но ни оддалеку не е призната од сите членки на ОН и сѐуште се наоѓа под меѓународна контрола. Мисијата на ОН, УНМИК и натаму е решавачка инстанца во управувањето со земјата. Војниците на КФОР под команда на НАТО до денешен ден ја обезбедуваат сигурноста. А ЕУЛЕКС, правната мисија на ЕУ, го надгледува градењето на правната држава. Целта на овие мисии е поддршка на создавањето функционална правна држава. Меѓутоа, често домашните и меѓународните структури си го попречуваат патот едни на други. Освен тоа, случаите на масивна корупција го нарушија угледот на помошниците од странство. Една земја не може истовремено да биде суверена, а сепак да биде управувана како протекторат!

Filaj-Ballvora Vilma Kommentarbild App
Вилма Филај-Балвора

Кавги и покрај дијалогот

На друга страна е Србија: Белград и натаму не ја признава независноста на Косово. ЕУ посредува со години во макотрпниот дијалог меѓу Приштина и Белград заради нормализирање на односите. Но, инкомпатибилните максималистички барања од двете страни постојано предизвикуваат неуспех на преговорите. Разговорите повторно се закочени, без оглед што ЕУ ја услови аспирацијата на двете страни за пристап кон неа со постигнување меѓусебен договор.

Причина се и самите Косовци: развојот во земјата и натаму е блокиран од бројни внатрешно-политички кризи. Во Парламентот сѐуште не можат да бидат донесени повеќе централни закони. Пратениците го доведуваат во прашање и Законот за Специјалниот меѓународен суд за Косово, чија цел е расветлување на извршените евентуални воени злосторства од страна на Албанци против Срби. Притоа, овие процеси се неопходни заради соочувањето со минатото и помирувањето во земјата. На патот на толку важната за Косово визна либерализација со ЕУ стои и недонесувањето одлука за договорената демаркација на границата кон Црна Гора.

Повеќе на темата: 

Косово: Специјалниот суд на чекање

Референдум за Косово- нов трик на Вучиќ?

Централна улога во политиката на земјата по крајот на војната во 1999. година имаат поранешните команданти на ОВК: Хашим Тачи, денешен претседател на државата и Рамуш Харадинај, кој во септември лани вторпат стана премиер. Но, двоецот Тачи-Харадинај негува релација на љубов и омраза, погубна за политиката. Меѓусебното ривалство и личните амбиции за моќ на двајцата се преголеми. По војната, тие двајцата беа славени како херои, до денес уживаат широка поддршка кај народот. Но, критичките гласови против нив стануваат сѐ посилни.

Нужни се реформи

Времето притиска: стагнацијата во форма на трајна состојба му штети на Косово подеднакво како и на целиот регион. На тој начин и Европа може да добие уште повеќе проблеми. Европа претставува судбина за Косово, потенцираат Тачи, Харадинај и компанија. Но, за да се стане дел од Европа, претходно треба успешно да се совладаат поставените домашни задачи.

Доколку Косово наскоро не започне политички и економски реформски курс, целта да стане дел од Европа ќе остане само сон. Импулсот притоа треба да потекне како одвнатре, така и однадвор. Потребни се нови концепти за решение на проблемите и прагматична раководна елита. Косовците самите не треба да се извлекуваат од одговорноста! Но, и Србија од другастрана треба да се ослободи од товарот на одбивноста од минатото. На потег е и ЕУ, која на Белград и на Приштина треба да им постави уште појасни предуслови, но да понуди и поголеми поттици.