1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критики на владиниот план или тропање на отворена врата

26 јули 2019

Во шумата од критики, игнориран е ставот на Владата дека се работи за предлог кој ќе биде финализиран исклучиво низ инклузивна јавна дебата и преку договор со сите засегнати страни.

https://p.dw.com/p/3Ml6x
Symbolbild Fake News
Фотографија: Imago/ZumaPress

Не стивнуваат реакциите по презентираниот предлог акциски план на Владата за борба против дезинформации, лажни вести и за засилени кампањи за едукација и медиумска писменост. Дел од забелешките се аргументирани и добронамерни, но дел и самите стануват пример за нужноста од промени во таа сфера. Како да се најде патот до целта, а тоа да не заврши во непосакувана насока - опасност од (само)цензура, ограничувања или растегливи „толкувања“ што е исправно, а што не. 

„Премиерот во многу храбар политички маневар најави борба со ова овие појави, но таквата борба е многу тешка и ризична по демократијата“, вели Јасна Бачовска Недиќ, редовен професор на Правниот факултет на УКИМ и доктор на науки во областа на медиумите и комуникациите. 

„Проблемот треба да се рагледува на едно социолошко, а не на дневнополитичко рамниште. Да се реагира на сите нус-појави кои ги носат новите медиуми и новите комуникациски алатки. Треба да се делува на најширока општествена основа преку развивање на етика и знаење на публиката. Во овој правец потребен е демократски медиумски систем - обезбедување на одговорни (регистрирани) медиуми, како авторитетен извор на информации и вести, кои ќе уживаат висок степен на доверба. Медиумскиот систем треба да биде  изграден врз на почитување на слободата на говор, правото на приватност и други човекови права и базиран на основните демократски вредности, а тоа се: политичката толеранција, политичката ефикасност и доверба во институциите“, објаснува Бачовска.

Таа смета дека и националната стратегија за образование во делот за предучилишно, основно и средно образование треба да ја опфати дигиталната писменост или дигиталната компетенција која значи оспособеност за критичка употреба на информациско-комуникациските технологии во доменот на професионалното и личното комуницирање.

„Дигиталната компетенција се наведува како една од осумте темелни компетенции за доживотно образование кои ги одреди ЕУ, со цел да одговори на предизвиците на развојот на општеството, знаењето и светскиот пазар“, потенцира Бачовска. 

Symbolbild Medien
Лажните вести и дезинформациите се особено опасни кога се шират преку тв, радио, или регистрирани порталиФотографија: Fotolia

Кога секое лице е медиум

Прашањето се отвора во време кога е јасно дека интернетот и мрежите направија многу за демократијата, и кога секој може да биде говорник и да го каже своето мислење, а трошоците за тоа се релативно мали.

„Западната демократија цврсто се залага за ваквата слобода и можности. Оваа слобода често се злоупотребува да се лаже, да се дезинформира, да се пропагира, субјективно да се толкуваат нештата. Особено опасни се лажните вести кои не се нов феномен, но со социјалните мрежи тие како да добија своја најповолна природна средина. Секој поединец има достапна алатка да шири невистини. Бидејќи немаме институционална (медиумска) одговорност која стои позади нив, стануваат опасна масовна појава. И ова е глобален проблем. Истражувањето спроведено од страна на Истражувачкиот центар во САД во 2016 година сугерира дека 23 проценти од возрасните луѓе во САД, свесно или несвесно, споделуваат лажни вести, проблем кој во вакви општества како нашето со тотално несреден медиумски систем станува поголем“, вели Бачовска.

Повеќе:

Владиниот акциски план: меѓу цензура и саморегулација

Акциски план против лажни вести или лов на вештерки?!

Најпогодени се оние кои се политички апатични, или незаитересирани граѓани кои не проверуваат информации преку следење на различни медиуми и медиумски неписмени граѓани кои не знаат да оценат интегритет на медиуми (на пример, ставот: ако кажале на телевизија, тогаш точно е).

Колку штета може да направат лажните вести, според Бачовска, зависи од нивото на политичка култура, и од начините на политичка социјализација, кои во услови на глобализација се речиси исти. Лажните вести и дезинформациите се особено опасни кога се шират преку тв, радио, регистрирани портали т.е. оние ѐа кои важи медиумското законодавство, односно тогаш лажните вести се поопасни отколку кога ги шират поединци. Поради тоа, битно е да почне да се развива концептот за медиумска одговорност. Бачовска посочува дека за концептот на медиумска одговорност се разговара во САД, тој е комплексен и опфаќа медиумско право, новинарска професионализација (стандарди во новинарската професија), медиуми со висок интегритет (квалитетни медиуми) и разбирање на граѓаните (особено дигиталната писменост).

Ќе следи инклузивна јавна дебата

По презентацијата на владиниот предлог Акциски план, на оваа тема започна повеќе површна, отколку аргументирана дебата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека Заев претставил план за цензура.

„Заев и СДСМ напоменаа дека сакаат да нѐ направат нас тука како Северна Кореја, земја во којашто граѓаните не знаат што се случува во сопствената држава, а не пак надвор. Заев и СДСМ се плашат да бидат откриени за целиот свој криминал што го прават, па затоа носат вакви планови од кој е згрозена целата јавност, каде што медиумите се соочуваат со уцени, закани и со цензура. Ако некој треба да се справи со лажните вести, тоа се граѓаните кои секој ден се лажени од Зоран Заев и од власта“, обвини опозициската партија.

Symbolbild Internet Zensur Allgemein
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта има план за цензура, Владата вели дека гарантира инклузивен процес и јавна дебатаФотографија: picture-alliance/dpa

Во шумата од критики и натаму е игнориран ставот на Владата дека станува збор за предлог кој ќе биде финализиран низ целосно инклузивна дебата за потребата од заедничка акција против лажните вести и дека одлуките ќе се носат исклучиво преку договор, а не еднострано. Во дебатата задолжително ќе бидат вклучени сите засегнати и заинтересирани страни, медиуми, организации, новинари и граѓани.

„Секоја организација, секој поединец, секоја добра идеја и предлог се добредојдени, зашто дезинформациите и манипулациите со злоупотреба на новите технологии е зло кое ги засегнува сите, и затоа битката против оваа закана им припаѓа на сите“, соопшти Владата и за наредиот период најави серија дебати, трибини, средби и работилници како шанса сите да го дадат својот придонес.

Практично, критиките тропаат на целосно отворена врата за разговор и за заедничка одлука.

„Владата гарантира инклузивен процес и носење одлуки по предлог планот исклучиво низ јавна дискусија и по пат на заедничко договарање, дециден е и министерот задолжен за транспарентност, отчетност и комуникации, Роберт Поповски.

„Хистеријата на цензорите од ВМРО- ДПМНЕ и нивните медиумски извршители е потврда дека се препознаа како главни креатори и дистрибутери на лаги и дезинформации.Од предлог планот за справување со дезинформации загрижени треба да бидат само тие што шират тенденциозни невистини. Владата е одлучна во намерата да ги заинтересира, да ги мотивира и да ги вклучи сите засегнати во заедничка и одлучна акција против злото што повеќе од една деценија го труе општеството со оркестрирани пропагандни лаги. Мерките  коишто  Владата има намера да ги договори со еснафот и со граѓанското општество ќе бидат сериозен удар за противниците слободата на медиумите и за противниците на независното и професионално новинарство", најавува Поповски.