1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Куманово од вечерва во целосен карантин

3 април 2020

Владата одлучи целосно да го изолира Куманово претстојниот викенд откако таму почна засилено да расте бројот на заразени од коронавирусот. Критично е и во тамошната болница. Вкупниот број заразени достигна 430 луѓе.

https://p.dw.com/p/3aQXx
Kumanovo Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Кумановци викендот ќе го минат во целосна изолација откако во изминатото деноноќие таму беа регистрирани најголем број новозаразени од коронавирусот. Полицискиот час во Куманово кој започна вечерва во 21 часот ќе трае до понеделник во 5 часот наутро, додека во работните денови следната седмица ќе започнува во 16 часот. Критично е и во тамошната болница каде 11 членови на медицинскиот персонал се заразиле со Ковид-19. 
„Во кумановската болница има 11 потврдени случаи позитивни на коронавирусот. Оваа бројка во овој момент ја компромитира работата на Инфективното одделение, затоа што и претходно имаше дијагностицирани“, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Тој информира дека по еден доктор од Скопје и од Штип се упатени во Куманово во следните денови ќе ја организираат и одржуваат работата на инфективното одделени во кумановската болница. Со оглед на тоа што се очекуваат резултатите од тестовите и на други лекари и технички персонал, ќе се реорганизира работата и во другите одделенија на болницата.
Медицински техничар позитивен на коронавирус е откриен и на Инфективната клиника во Скопје. 
Од 46 нови случаи на коронавирусот во изминатите 24 часа, 23 се од Куманово, а 13 од Скопје. Двете нови жртви на вирусот се 68-годишен пациент од Тетово кој се лекувал на клиниката во Скопје од 29 март и пациент од Куманово, на возраст од 70 години. Три лица се излекувале од коронавирусот. На Инфективната клиника се хоспитализирани 67 пациенти од кои 10 имаат тешка форма на манифестација на болеста. Бројот на заразени од коронавирус во земјата достигна 430 случаи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема