1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија со очи ширум отворени во наредните месеци

10 август 2018

Во екот на дел од клучните процеси насочени кон реализирање на евроатлантските приоритети, Македонија мора да ги открие и превенира обидите на структури кои би се обиделе да ѐ го спречат патот кон НАТО

https://p.dw.com/p/32wk6
Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонија во наредните 12 до 18 месеци може да биде соочена со бројни безбедносни предизвици и треба максимално да ги активира сите капацитети за успешно превенирање и справување со нив. Според надворешна безбедносна проценка во која имаше увид ДВ, во екот на дел од клучните процеси насочени кон реализирање на евроатлантските приоритети, (пред, за време на кампањата за референдумот, но и во месеците потоа) се проценува дека „внатрешни и надворешни структури“ кои сакаат да го спречат тој пат ќе се фокусираат на повеќе „фронтови“, помогнати со фининасии и логистика преку легални и официјални канали - разни културни и верски здруженија, спорт, научна размена и тн.

Различни форми на дејствување

Формите на дејствување се проценети како различни, дел од нив веќе се спроведуваат, дел се проценува дека ќе следат и ќе се засилуваат од почетокот на септември: офанзива од лажни вести, можни хакерски напади, обиди за извлекување документи од институции и нивно толкување во контексти сосема различни од основниот (со цел компромитација на функционери), инспирирање различни видови провокации на меѓуетнички план (вербални и физички) кои би предизвикале реперкусии и на интраетнички (поради поделеноста во општеството), „вулгаризирање на протестни собири“ при посети на високи странски гости кои би дошле со цел да го поддржат интегративниот процес, (со објавување на социјалните мрежи видео материјали од палење на знамиња на нивни земји и серија слични  провокации). Во тој спектар на потези не се исклучени ни други активности (лажни дојави за разни видови опасности, па дури и подметнување пожари) со цел да се создаде страв, несигурност и перцепција за внатрешен хаос.

Mazedonien Proteste in Skopje
Можни се различни провокацииФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Како клучно се оценува однесувањето и одговорноста на политичките партии, односно начинот на кој би можеле со своите политики да придонесат за внатрешната стабилност, или свесно или несвесно да ја поткопаат. 

Во домашните безбедносни институции - и оние задолжени за јавен ред и мир, и оние задолжени за справување со кризни ситуации, поради безбедносни причини официјално не зборуваат за посочените можни ризици во наредниот период. Но, потврдуваат дека будно ја следат состојбата од сите аспекти.

Повеќе: 

Долгата рака на Москва во Македонија

Македонскиот расцеп пред референдумот и домашните задачи на владата

Напорниот марш на Ѓорге Иванов

Будни на границите

Сепак, најголемото внимание во безбедносните анализи (домашни и странски) во овој период е фокусирано кон изјавите што доаѓаат од соседството на Македонија - Косово и Србија. Изјавата на Александар Вучиќ за „разграничување со Косово“ и на Хашим Тачи за „корекција на границите“, се оценуваат како „силен аларм“ пред сѐ, за БиХ и Македонија, поради опасноста од домино-ефект што би можел да се предизвика доколку Белград и Приштина „на своја рака“ влезат или инспирираат за реализација на некои опасни сценарија.

Ваквите опасности, особено се анализираат од аспект на очекуваното членство на Македонија во НАТО, односно во контекст на сетот идеи што „токму сега“ доаѓаат за решавање на проблемот меѓу Србија и Косово, кому му служат, дали и на „трета страна“ ѐ одговара компликување на состојбите, и под параванот за решавање на еден проблем да се предизвикаат нови турбуленции во регионот.

Од тој аспект македонското членство во НАТО се проценува како „исклучително важно и неодложно“, а фокусот е ставен на превенирање можни обиди за инсеценирање на гранични инциденти со меѓуетнички предзнак, кои би биле повод за поширока ескалација, со директна цел да ја намалат вербата во меѓуетнички мир и соживот во Македонија, компромитирање на интеграциските приоритети, и форсирање на сценарија за поделба.

Медиуми во Србија, кои во изминатите две години објавуваа лажни вести за групирање на борци проблечени во туѓи униформи за потребите на разни „сценарија“, сега пренесуваат изјави и на аналитичари, во кои, дури и и во ирионизирањето што е „добро распаѓање“ на држава, а што „лошо“ - во вториот контекст илустративно ја спомнуваат Македонија.

Повеќе: 

Македонија мора што поскоро во НАТО: Од север идат опасни ветрови!

Во контекст на изјавите од Белград и Приштина, националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски, пред две недели за ДВ изјави: „Никој не може да исклучи дека во одреден контекст нема да продуцира неповолни импликации и кон нас. Но Македонија треба да ги реши, и подготвена да го пречека финалето на последното крупно регионално прашање“.