1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија тоне во хаос

БГ
9 март 2017

Без влада, без парламент, наскоро без градоначалници и најважно без излез: хаосот во Македонија се заканува да го наруши мирот во и онака кревкиот Балкан. Сега и ЕУ се загрижи поради тоа. Анализа на агенцијата ДПА:

https://p.dw.com/p/2Ys6G
Mazedonien Proteste  in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Малата балканска држава Македонија тоне сѐ подлабоко во хаос. Државата без влада и парламент е обезглавена. Сега и локалните избори ќе мора да бидат откажани, по што градоначалниците и општинските совети од мај ќе немаат наследници. Уште полошо- решение не е на повидок. Пред неколку дена претседателот Ѓорге Иванов му пиша писмо на претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, со цел да ја оправда деликатната ситуација.
Самитот на ЕУ ќе мора да се позанимава со овој проблем кој се заканува да ги вовлече и соседните држави. Иванов одбива да и го даде мандатот за состав на влада на досега опозициската СДСМ, иако тие имаат поддршка од 67 од 120 пратеници во Собранието зад нив. Неговото уставно проблематично објаснување: пактот на СДСМ со трите албански партии ѝ се заканува на унитарноста на земјата.

На коалициските разговори беше постигната согласност за израмнување на статусот на албанскиот јазик во земјата. Понатаму и националната валута- денарот ќе добие албански текст. Полициските и воените ознаки ќе бидат двојазични во сите региони во кои Албанците се повеќе од 20 проценти. И пред судовите ќе може да се комуницира на албански.

Ни Брисел, ниту Вашингтон не успеаја да го убедат претседателот Иванов да се придржува до демократските стандарди и да му овозможи на парламентарното мнозинство да формира влада. Затоа што во суштина и не се работи за национални, туку за сериозни кривични прашања. Од пред една година, Специјалното јавно обвинителство води истрага против поранешниот премиер Никола Груевски, кој е политички патрон на Иванов. Тој е обвинет за корупција и криминал од големи размери, како и за контрола над судството и медиумите.

Mazedonien Gjorge Ivanov und Nikola Gruevski
Груевски е политички патрон на Иванов, пишува ДПАФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Се додека на кругот околу Груевски му се заканува затвор, тој под ниту едни услови не сака да дозволи опозицијата да ја преземе власта. Затоа бара нови избори. Партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ систематски го потпалува антиалбанското расположение. Неделава со молотови коктели беше нападнат Музејот на албанската азбука во Битола. Груевски сѐ поотворено ги повикува своите поддржувачи на насилство. За време на демонстрациите беа нападнати новинари.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини за време на посетата на Скопје предупреди дека состојбата во Македонија е играње со оган. Ситуацијата на Албанците на Балканот е насекаде многу експлозивна. Во јужна Србија како и во Косово и Црна Гора. И во самата Албанија односите меѓу владата и опозицијата се затегнати. Насилството не е исклучено. Судирите меѓу словенските и албанските Македонци од 2001 година не се толку далечна историја. Пред две години, во третиот по големина град Куманово, во судири загинаа повеќе од 20 луѓе.“ 

(ДПА)