Македонскиот државен врв ја осуди инвазијата на Украина
24 февруари 2022Претседателот Стево Пендаровски ја осуди руската инвазија на Украина и во име на македонските граѓани изрази солидарност со украинскиот народ.
Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа, вели претседателот Стево Пендаровски, како реакција на воената операција во Украина која што рано изутринава ја започнаа руските сили. Македонскиот претседател вели дека како НАТО членка, Северна Македонија се приклучува кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина.
Помош и поддршка
Северна Македонија и нуди помош, колку што може на Украина во овие моменти. Ваквата порака вчера му била пренесена од страна на македонскиот премиер Димитар Ковачевски на неговиот украински колега во телефонски разговор.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“ изјави дека Северна Македонија како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ се координира со нашите партнери за натамошните чекори.
„Изразувам осуда за агресијата на Русија врз Украина утрово. Тоа е агресија која е недозволива. Ние ја почитуваме и поддржуваме територијалната целовитост и независност на Украина и стоиме со украинскиот народ“, вели Маричиќ.
Владата свика вонредна седница на која ќе се разговара за ситуацијата во Украина и следните активности, а претседателот Стево Пендаровски во 14 часот свика за седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за руската агресија врз Украина.
„Денешната одлука на Кремљ за воени дејствија на руските воени сили не се ништо помалку од акт на агресија и почеток на војна против Украина, акти кои ги осудуваме на најсилен можен начин“, порача на Твитер министерот за надворешни работи, Бујар Османи. „Во овие тешки времиња ние сме со Украина“, вели тој.