1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаџи Јанев: Спорот во Украина ита кон замрзнување

ДТЗ
22 февруари 2022

Македонските власти ја осудија одлуката на Русија за признавање на украинските области Доњецк и Луганск како независни. РСМ е подготвена да придонесе за деескалација на ситуацијата.

https://p.dw.com/p/47PWw
Украина Луханск
Контролен пункт меѓу Украина и сепаратистичкиот регион ЛуханскФотографија: TASS/dpa/picture alliance

Македонските власти го осудија признавањето од страна на Русија на украинските области Доњецк и Луганск како независни. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на Твитер порачаа дека  ваквите акти претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Воените експерти за ДВ прогнозираат дека спорот во Украина, по се изгледа ита кон замрзнување, но ништо повеќе нема да биде како до сега. „Проблемот е што ефектите од кризата ќе бидат сериозни и ќе имаат глобален размер“, вели Методи Хаџи-Јанев, професор на Воената академија во Скопје. 

Силна осуда за одлуката на Русија 

„Ја осудувам одлуката на Русија за признавање на Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики“. Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015“, порача изутринава премиерот Димитар Ковачевски на Твитер.  Тој додава дека заедно со НАТО сојузниците повикуваат на решавање на конфликтот по дипломатски пат. 

Северна Македонија, и според министерот Бујар Османи, уште еднаш ја повторува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина,по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на т.н. Доњецка народна република и Луганска народна република во Украина. 

Ваквиот став тој го пренел и во телефонски разговор со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид. Шефот на дипломатијата наведува дека Северна Македoнија, како дел од триото претседавачи на ОБСЕ, е „подготвена да придонесе за деескалација на ситуацијата и за дипломатски напори за мирно изнаоѓање на решение“.

Информација за безбедносната ситуација во и околу Украина е една од точките на денешната редовна седница на македонската Влада. На неа, е најавено дека ќе се  дискутира и за потребните мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Северна Македонија во Специјалната мониторинг-мисија на ОБСЕ во Украина. Османи во понеделникот (21.02.2022) брифираше дека се мапирани сите македонски граѓани во Украина, дека семејствата на дипломатите се вратени, додека дипломатите остануваат таму и се обезбедени услови за функционирање на амбасадата за наредните три месеци.Министерот посочи дека во Украина остануваат и 30 македонски набљудувачи во рамки на специјалната мониторинг-мисија на ОБСЕ. 

На чекор кон замрзнување?

„Спорот во Украина, по се изгледа ита кон замрзнување. Факт е дека Западот ќе реагира, но економските санкции, информациската кампања за артикулирање на кршењето на меѓународното право и друга дипломатска офанзива, која ќе вклучи механизми преку меѓународните институции, е максимумот кој може да се постигне“, вели за ДВ, Методи Хаџи-Јанев, професор на Воената академија во Скопје. 

Според него, проблемот е што ефектите од кризата ќе бидат сериозни и ќе имаат глобален размер.

Russland Voronezh | Ankunft von Evakuierten aus Separatistengebieten in der Ukraine
Семејствата на македонските дипломати се евакуирани од Украина, таму остануваат дипломатите и 30 набљудувачи во мисијата на ОБСЕ.Фотографија: Vladimir Lavrov/REUTERS

„Русија ќе мора да бара алтернативи за економските санкции, што може да значи и други напори за излегување од воспоставените механизми и рамки на меѓународен план на фунционирање. Сеедно дали тоа ќе бидат во само дипломатска смисла, членување во одредени групи на стратешко ниво или пак тела на ООН или пак економски форуми и организации“, вели нашиот соговорник. 

-повеќе на темата: Пендаровски за ДВ: Руско-украинската криза е сѐ поблиску до конфликт

Она што е битно, според него, е дека ништо повеќе нема да биде како до сега. „Комодитетот на либералната моќ е сериозно предизвикан од политички актери кои на еден или друг начин акумулираа моќ и кои сега бараат ревизија на поделбата на моќ“, укажува Хаџи Јанев. 

Во однос на регионот, неговите прогнози се дека каскадно оваа криза може да има повеќе ефекти. Од најцрните - да се прелеат амбициите на локалните хегемони до најблаги во поглед на економски ефекти во делот на сферите со кои Русија е присутна во регионот или е влезена во економски односи.