Македонските власти се мобилизираат за коронавирусот
24 февруари 2020Нема заболени македонски граѓани од коронавирус во новото жариште во северна Италија, ниту е регистриран таков случај во земјата, но се преземаат мерки за заштита и превентива. Утрово заседаваше Комисијата за заразни болести, а попладнево и Управувачкиот комитет на Центарот за управување со кризи, по што министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека ќе се формира кризен штаб и ќе се засили контролата на граничните премини.
Засилените контроли на границите особено ќе важат за патниците кои доаѓаат од Италија, но и од други подрачја зафатени со коронавирусот. Притоа, патниците од Италија ќе се пропуштаат само на пет премини за да се овозможи концентрирана контрола.
Министерот Филипче апелира до граѓаните да не патуваат во погодените региони во Италија, а утре владата ќе одлучува дали да ги стопира сите планирани патувања во таа земја.
Како да се заштитите од коронавирусот. Ова се препораките на СЗО:
- Митови и факти за коронавирусот
Лицата за кои постои сомнеж дека се заразени од вирусот кој се појави во Кина во декември минатата година, ќе бидат изолирани на инфективните одделенија во Штип, Велес и Гостивар.
На чекор до пандемија
Појавата на коронавирусот се уште не достигнало ниво на пандемија, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), но предупреди дека владите треба да извршат подготовки во случај состојбата да се влоши. Првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус соопшти дека вирусот во меѓувреме се проширил во 28 земји надвор од Кина со вкупно регистрирани над 2.700 заболени и 23 жртви. Особено голема е загриженоста поради ширењето на вирусот во Јужна Кореја, Иран и Италија.
„Во моментов имаме епидемии во различни делови на светот“, рече Тедрос, додавајќи дека „треба да сториме за да се подготвиме за потенцијална пандемија“.
Бројот на заболени во меѓувреме опаѓа во Кина, но расте во Јужна Кореја каде вкупно се заразени 833 луѓе. Во Иран, бројот на жртвите од вирусот достигна 12 луѓе, а се верува дека оттаму вирусот се проширил во Авганистан, Ирак и Оман.