Макрон во офанзива за реформирање на ЕУ
5 март 2019Своите идеи за сеопфатно обновување на Европската унија, сумирани во т.н. Акционен план, Емануел Макрон ги пласира преку координирана акција во јавноста: неговиот гостински коментар денеска се појави истовремено во реномирани дневни весници во 28 членки на ЕУ, меѓу другите во „Ди Велт“, „Гардијан“, „Ел Паис“ и „Кориере дела сера“.
Почетна точка е констатацијата на Макрон: „Никогаш досега по крајот на Втората светска војна, Европа не била толку важна, но истовремено не била ни во толку голема опасност.“ Во очите на многу граѓани Европа е претворена во „бездушен пазар". Но, во заблуда се оние кои не сакаат никакви промени, зашто „ги негираат стравовите распространети меѓу народите, сомнежот кој ги исцрпува нашите демократии“, истакнува Макрон.
Во својата статија тој набројува редица иницијативи наменети за јакнење на ЕУ. Тој се залага на пример за формирање „европска агенција за заштита на демократијата“, која во секоја од земјите-членки би испратила европски експерти заради заштита на изборите од хакерски напади и манипулации. „Во насока на оваа независност, треба да забраниме и финансирање на европските политички партии од страна на странски сили, да донесеме широковажечки правила со кои ќе ги протераме омразата и насилните коментари од интернет“, пишува францускиот претседател, кој во сопствената земја е соочен со голем притисок поради протестите на „Жолтите елеци“.
Соодветно оданочување
Макрон иницира и реформа на конкурентската политика и на трговската политика. „Потребно е казнување или забрана за претпријатијата кои ги поткопуваат нашите стратешки интереси и нашите суштински вредности, како еколошките стандарди, заштитата на податоци и соодветно високо оданочување“. Во стратешки бранши и кај јавните тендери, европските фирми мора да уживаат примат, за што пример се САД или Кина. Освен тоа, потребен е и поголем надзор над интернетските гиганти.
Силна заложба на францускиот претседател се и поинтензивни одбранбено-политички напори, во тој контекст форсирање на граничната заштита на Шенгенскиот простор. Во неговите предлози спаѓаат и заедничка гранична полиција, европска служба за азил, како и „европска солидарност во чии рамки секоја членка ќе даде свој придонес, под надзор на Европски совет за внатрешна сигурност.“
Говорот на Сорбона како патоказ
Францускиот претседател уште во неговиот т.н. Сорбонски говор во септември 2017 година повика на „ново основање на суверена, обединета и демократска Европа“. Во таа прилика тој побара европски министер за финансии и буџет на еврозоната, кој долгорочно би бил финансиран од даночни приходи. Во областа на заедничката одбранбена политика тој предложи создавање интервенциона единица, но од овие амбициозни планови во пракса не остана речиси ништо.
Во својот европски говор во Универзитетот Сорбона, Макрон сугерираше и обнова на Елисејскиот договор заради јакнење на партнерството со Германија. Овој договор нов договор, полн симболика, германската канцеларка Ангела Меркел и Макрон го потпишаа на крајот на јануари во Ахен, емитувајќи сигнал против популизмот во Европа.
Во својот Акционен план Макрон се осврнува и на планираното заминување на Велика Британија од ЕУ. „Брегзит е симбол за кризата на ЕУ. Стапицата не е членството во ЕУ, туку лагите и неодговорноста кои можат да ја уништат“, пишува Макрон. Во Европа, според неговите визии, „народите повторно ќе ја земат својата судбина во своја рака; во ваква Европа, сигурен сум, Велика Британија ќе го најде своето заслужено место“, пишува Макрон.
И германскиот министер Мас се залага за јакнење на ЕУ
Речиси истовремено и германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас се заложи за јакнење на ЕУ. Во ек е нов натпревар меѓу светските сили, многу понепрегледен отколку во ерата на Студената војна, поради што Европа мора да стане посуверена, изјави Мас на манифестација на Германското друштво за надворешна политика во Бремен.
Европејците не можат веќе да бидат стопроцентно сигурни вобезусловно опстојување на САД на трансатлантското партнерство. „Русија полага на воена сила и целно се обидува да ги продлабочи јазовите во западните општества“, истакна Мас. Освен тоа, според прогнозите, Кина до 2030 година ќе биде најголемата светска економија, пред САД. Мас предупреди дека Европа може да стане само објект во светската политика.
„За да остане актер на светската сцена, Европа мора на настапува пообединето навнатре и порешително нанадвор, потребна е вистинска европска надворешна политика“. За таа цел според министерот, мора да се прекине принципот на едногласност во надворешнополитичките работи, кој досега цементираше политика на најмал заеднички именител. „На таков начин Европа ќе биде способна да делува глобално, а за таа цел мора да постигнеме напредок најдоцна по европските избори“, истакна Хајко Мас, предупредувајќи од јакнење на деснопопулистичките партии на европските избори: „Прогнозите најавуваат засилување на популистите и националистите, тоа треба да нѐ вознемирува. Десничарскиот популизам е фронтален напад врз сите вредности кои ни лежат на срце“.